Македонија

Платени денови со авион во Кипар со љубовната партнерка, наместо за работни активности

Апелацискиот суд ја врати на повторно одлучување во Граѓанскиот суд постапката за забрана на штрајкот во М-НАВ, инициран од синдикалците на оваа државна компанија за контрола на воздушниот сообраќај. Правните застапници на М-НАВ велат дека Независниот синдикат без легитимно право го иницирал штрајкот минатата година, без задолжителна постапка за помирување и без барање за заштита на работниот однос.

Основниот граѓански суд Скопје повторно го забрани како незаконски штрајкот на Синдикатот на контролорите на летање (ССКЛ), кој беше најавен за крајот на октомври. Поднесена е кривична пријава против претседателот на Синдикатот, Александар Тасевски, за злоупотреба на службената должност, а утврден е и идентитетот на вработениот што одавал деловни тајни на дел од медиумите, рече правниот застапник на Македонска навигација (М-НАВ), адвокатот Горан Николовски. Николовски појасни дека судот го забранил штрајкот поради отсуство на барања за заштита на правата од работен однос, неспроведена задолжителна постапка за помирување и поради тоа што ССКЛ нема правен легитимитет самостојно да организира штрајкови.

  • Повторно, од страна на Основниот граѓански суд Скопје, штрајкот што беше најавен од подружницата ССКЛ е забранет како незаконски. Штрајкот е забранет поради три основи, односно барањето за штрајк не содржи никакви синдикални барања, односно барања за заштита на правата од работен однос, не е спроведена задолжителна постапка за помирување и последната констатација на судот е дека ССКЛ, како подружница, нема правен легитимитет самостојно да организира и да спроведува штрајкови – изјави Николовски.

Поради најавите за нови штрајкови, М-НАВ поведе и посебна судска постапка, со која бара утврдување дека ССКЛ, генерално, нема право самостојно да настапува и да организира вакви активности. Ова барање, како што посочи адвокатот, се заснова на Законот за работните односи и на статутот на Независниот синдикат за сообраќај и врски.

  • Со оглед на најавите дека ССКЛ повторно ќе иницира, односно ќе најавува штрајкови, од страна на М-НАВ поведена е и посебна судска постапка, каде што се бара судот да утврди дека ССКЛ, воопшто и генерално, нема право самостојно да настапува како подружница и да организира и да спроведува штрајкови. Ова што го зборуваме се заснова токму на Законот за работните односи, кој го регулира основањето и функционирањето на синдикатите, и воедно на статутот на Независниот синдикат за сообраќај и врски, каде што е определено дека подружниците воопшто немаат статус и воопшто немаат легитимитет во согласност со Законот за работните односи – рече Николовски.

Во однос на кривичната пријава против претседателот на Независниот синдикат за сообраќај и врски и претседател на ССКЛ, Александар Тасевски, Николовски нагласи дека таа е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје поради злоупотреба на позицијата за остварување лични цели.

  • Ја злоупотребил својата позиција и дал известување и барање за користење платени денови од работа, со најава дека ќе користи денови за синдикални активности и синдикални состаноци, а господинот заминал во приватна посета на Кипар заедно со својата љубовна партнерка – посочи Николовски.

На прес-конференцијата беше соопштено и дека е утврден идентитетот на вработеното лице во М-НАВ, кое одало деловни тајни, кои подоцна биле објавени на порталот „Буревесник“.

  • Во М-НАВ е спроведена постапка, при што е утврден идентитетот на вработеното лице што тие податоци, кои имаат третман на деловна тајна, ги сторило достапни на лицето Зоран Божиновски, а потоа преку неговите портали станале достапни за пошироката јавност како во Македонија така и во странство – рече правниот застапник на М-НАВ и додаде дека во фаза на изготвување е нова кривична пријава.

Одговарајќи на новинарски прашања за мотивите на Синдикатот, Николовски истакна дека станува збор за обид за дефокусирање на јавноста и на ресурсите на компанијата.

  • Според мене, можеби грешам, можеби не грешам, затоа што сепак индивидуалните цели се лични, сметам дека станува збор за еден обид за дефокусирање како на јавноста така и на капацитетите и ресурсите на М-НАВ, односно да се дефокусираме од тоа што е суштинско и да се влечеме по судови за беспредметни постапки – одговори Николовски. 

Запрашан за доказите во врска со приватното патување на Тасевски, тој појасни дека информацијата за петдневната посета не потекнува од следење од службите, туку од медиумите.

  • Заминал на приватна посета со својата љубовна партнерка. Неговата посета таму е констатирана од страна на новинар. И така е пренесена информацијата – појасни Николовски.

Нагласувајќи ја стратешката важност на институцијата, која ја гарантира безбедноста на авиосообраќајот, адвокатот истакна дека М-НАВ е должна да презема дејства за заштита на својот капитал и на интересите на државата секогаш кога има основани информации, а конечната одлука за иницирање кривична постапка ја носи исклучиво Јавното обвинителство.

Реагираше и претседателот на синдикатот Александар Тасевски. Тој вели дека со мешањето во неговиот приватен живот, според него преку клевети, раководството на М-НАВ врши притисоци за повлекување од предметот.

  • „Доколку навлегле во мојата приватност, очигледно почнале да ме следат. Претходно беше следен претседателот на ССМ, а сега јас, но нека се пријават па ќе им кажеме каде сме за да испиеме кафе. Повторувам дека нема да успеат да нè разбијат, ние ќе продолжиме со нашата борба и нема да се покориме за да им дозволиме да го водат процесот надвор од професионалните рамки… Уставно загарантирано право, не само на синдикатите туку и на секој поединец, е правото на штрајк, а ние ги почитувавме процедурите и мислам дека овој пат ќе има конечна судска одлука од Апелацискиот суд“, вели Александар Тасевски.

Најнови вести од: Македонија

Тошковски: Сите лажни пораки за плаќање казни за сообраќајни прекршоци стигнуваат од странски броеви

Сите лажни пораки, кои ги добиваат граѓаните, а кои се однесуваат дека извршиле некаков сообраќаен прекршок за кој треба да платат казна стигнуваат од странски броеви и многу лесно може да се идентификува дека тоа не е Министерството за внатрешни работи

Охрид домаќин на 10. Регионален симпозиум на лаборатории за нафта и нафтени деривати – ОКТА ја потврдува својата улога на регионален енергетски партнер

Повеќе од 70 експерти, претставници на лаборатории, институции, регулаторни тела и компании од повеќе земји од регионот се дел од 10-тиот Регионален симпозиум на лаборатории за нафта и нафтени деривати што се одржува во Охрид, со поддршка на ОКТА АД – Скопје. Јубилејното издание на Симпозиумот ја потврдува неговата растечка улога како значајна регионална платформа за професионална размена на искуства, знаења, современи практики и нови технологии во областа на контролата на квалитетот, лабораториските анализи, регулативата и безбедноста во нафтената индустрија.

To top