Македонија

По неиспиеното кафе Мицкоски-Таравари, ќе има ли реконструкција на Владата?!

Нема да има реконструкција на Владата, туку само смена на министри, информираат од Владата по синоќешната изјава на Арбен Таравари дека АА излегува од Владата. Алијанса за Албанците во Владата има две министерски места – за здравство кое го предводи Таравари и вицепремиерско и министерско место за добро владеење на кое сега е Арбен Фетаи. […]

Нема да има реконструкција на Владата, туку само смена на министри, информираат од Владата по синоќешната изјава на Арбен Таравари дека АА излегува од Владата. Алијанса за Албанците во Владата има две министерски места – за здравство кое го предводи Таравари и вицепремиерско и министерско место за добро владеење на кое сега е Арбен Фетаи. Во Парламентот, партијата има шестмина пратеници. Засега сѐ уште не се знае како ќе се одвива смената на министрите, дали и кој од АА ќе поднесе оставка или Владата ќе ги разреши министрите и други функционери од крилото на АА. Исто така е неизвесно колкумина од шестмината пратеници на АА ќе останат со Таравари.  

Од Владата не ги потврдуваат информациите дека може да дојде до смена на ресорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, како што синоќа навести еден од лидерите на коалицијата, Билал Касами. Во однос на бројот на пратениците, лидерот на Беса рече дека наскоро, можеби уште во текот на оваа недела, ќе се зголеми бројот на пратеници кои ќе мигрираат во владејачкото мнозинство.

– Можам да гарантирам дека веќе сме во сериозни преговори со повеќе пратеници и од албанската опозиција и од другите членови на другите заедници кои се дел од сегашниот Европски фронт – рече Касами.

По синоќешната изјава на Таравари дека АА заминува во опозиција, премиерот Христијан Мицкоски, според информациите на МИА, нема да се сретне со него. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, чиј претседател е премиерот Мицкоски, вечерва одржува седница на Извршниот комитет на партијата.

Најнови вести од: Македонија

„Граматиката“ на Блаже Конески од 1952 – силен научен противудар кон бугарско-грчките негирања на македонскиот јазик!

„Корените на нашиот денешен литературен јазик се впиваат во наследството на писменоста, што од векови наваму носи во Македонија самобитно јазично обележје.“ – има напишано, покрај другото, еден од архитектите на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик Блаже Конески во уводот на својата „Граматика на македонскиот литературен јазик“, објавена на денешен ден, на 13 октомври 1952 година. Издавањето на ова дело е еден од најзначајните датуми не само во јазичната, туку и националната историја на македонскиот народ. Најголемиот пораз за негаторите на мајчиниот јазик на Македонците е фактот што „Граматиката“ веднаш добива меѓународен легитимитет од најугледните светски лингвистички умови и од светските славистички центри: таа е веднаш прифатена од водечките слависти во Франција (Андре Вајан), Русија, Германија и САД. Речиси истовремено со Конески американскиот професор од Универзитетот Харвард Хорас Лант ја објавува својата прва македонска граматика на англиски јазик .Светската наука уште во 50-тите години од минатиот век ја затвори расправата, која денес сѐ посилно, но и сѐ почајно особено Грција и Бугарија се обидуваат повторно да ја отворат со политички фалсификати.

To top