Македонија

По „париската обука“ Филипче и СДСМ ја „извадија“ „најпатриотската“ резолуција за „Бугари во устав“ – новата „бугарска алатка“ за распад на Македонија! (1)

По реакцијата на претседателот Макрон околу „недипломатското однесување“ на новиот амбасадор на САД во Париз Чарлс Кушнер околу прашањето за признавањето на Палестина, Министерството за надворешни работи на Франција на 24.8.2025 упати барање до Трампова Америка „да „не се меша во нејзините внатрешни работи“, бидејќи е тоа „неприфатливо од гледна точка на меѓународното право и Виенската конвенција за дипломатски односи“. Имајќи предвид дека меѓународното право еднакво важи и се применува и за Македонија, како требало да реагира таа кон Макрон, кој веќе неколку години се залага за „правда за барањата на Бугарија“, а пред се за внесување на „бугарскиот државотворен народ“ во македонскиот устав?! Уште и го „скрои“, заедно со своите соработници, катастрофалниот „француски предлог“?!

 

Пишува: Свето Тоевски

Само 18 дена по својата посета и разговорите со високи политички личности во Франција лидерот на СДСМ Венко Филипче и неговата партија се огласуваат со „најпатриотската“ „Резолуција за македонските црвени линии“, како што нагласува шефот на социјалдемократите. Ќе ја анализирам оваа резолуција на СДСМ, иставајќи ги настрана ВМРО ДПМНЕ и неговиот лидер и премиер на Македонија Христијан Мицкоски. Овој текст не е по нарачка на ниедна партија, против никоја партија, туку негова појдовна основа се само автентичните и изворни македонски државно-национални интереси на македонскиот народ и сите други граѓани на оваа држава.

Филипче во Париз „лобираше за националниот интерес на Македонија“, или беше на „дополнителна обука за остварување на правдата за бугарските барања“, според теркот на Емануел Макрон?!

На 9 септември 2025 година во официјално соопштение СДСМ нагласи: „Филипче во Франција лобира за Македонија. Резолуцијата е гаранција за заштита на националните интереси. Филипче посочи дека целта на посетата е да ги претстави и да ги брани националниот интерес и позициите на Македонија.“ Но, зошто морал Филипче токму во Франција да оди и да „лобира за националните интереси“, зошто не отишол да го прави ова во некоја, во која било друга европска држава?! Дојче веле објави на 24 септември дека Филипче имал работна средба и разговори во Париз со политички личности, кои се дел од поширокиот, или од поблискиот тим на францускиот претседател Емануел Макрон. Меѓу нив и со специјалниот претставник за Балканот Рене Троказ, кој е дел од потесниот „балкански тим“ на Макрон.

Франција е државата, од која Македонија го доби катастрофалниот „француски предлог“ и која застана во 2022 година целосно зад бугарските ставови. Лично францускиот претседател Емануел Макрон на 23 јуни 2022 година ќе истапи целосно во улога на „бугарски адвокат“ и ќе побара „правда за бугарските барања“, велејќи го тогаш и следново: „Зоран Заев е храбар, тој го смени Уставот и името на државата. Но уште една земја (Бугарија) со задоцнување побара промени (на уставот), меѓутоа ЕУ не може да се преправа дека тие не постојат!“ 

Ова потсетување е потребно, за да се  запрашаме повторно: чуму мораше Венко Филипче да оди баш во Франција? Дали можеби отиде таму на „француска инструктажа“, на „дополнителна обука за остварување на правдата за бугарските барања“, според теркот на Емануел Макрон?! Главното меѓу  бугарските барања е „Бугари во устав“. Во аналитичката статија со наслов „С. Македонија: Колку долго пред да може да влезе во ЕУ?“ од 30 август 2023 година д-р Томас Бреј од  Катедрата за политички науки на Универзитетот Дуизбург, во Германија, укажува и на другите бугарски барања: „Бугарија бара Македонија да ја толкува поинаку својата историја, на начин прифатлив за Бугарија. Бара од Македонија и да прифати дека македонскиот јазик не е посебен јазик, туку западнобугарски дијалект и оти не постои македонско малцинство во Бугарија.“.

Во статијата со наслов „Бугарија бара од ЕУ да го сопре ‘лажниот‘’ македонски идентитет“ од 23 септември 2020 година „Дојче веле“ истакнува што навела Бугарија во „Објаснувачкиот меморандум за С. Македонија и проширувањето на ЕУ“, кој го испратила до 26-те држави-членки на ЕУ: „Луѓето со словенско потекло, што живеат во С. Македонија, се Бугари, кои зборуваат бугарски јазик. За време на комунистичкиот режим на Тито во Југославија, ним вештачки им бил даден нов ‘македонски’ идентитет и јазик. Проширувањето на ЕУ не смее да го легитимира овој етнички и јазичен инженеринг“.

Не можеа ли Венко Филипче и СДСМ навремено да ги видат овие бугарски барања, што јасно ги согледуваат европските експерти и  медиуми, дали затоа се отиде на „консултација“ во Париз, па да се добие „ум што да се прави“? Откако им се кажа што да прават, сега лидерот на СДСМ Филипче „фрла патриотска магла“ низ Македонија: „Резолуцијата е еден од најпатриотските документи, кој бил понуден на оваа политичка сцена изминатите повеќе децении, поради тоа што отвора простор и врата конечно да се постигне национален консензус за нашите црвени линии.“ Но, дали тој и неговата партија се обидуваат и да „отворат простор и врата“ поправо за обидите на Бугарија конечно да ја претвори Македонија во „втора држава во Балканот“, а Македонците во „разбудени и благонадежни Б’лгари“?!

Во текстот на „Предлог-резолуцијата за дефинирање на заедничките државни и национални позиции…“ на СДСМ, покрај другото, другото, се посочува: „разгледување од страна на Владата на поднесените амандмани за внесување на бугарската и другите етнички заедници во Уставот, кои беа поднесени во 2023 година и изјаснување дали останува на истиот текст, или подготвува и предлага нов текст на уставните амандмани- од 15 ноември до 25 ноември 2025 година.“ 

Дали од СДСМ намерно во резолуцијата наведуваат „внесување бугарска етничка заедница“ во уставот, за да сокријат дека Софија бара исклучиво „бугарски државотворен народ“?!

СДСМ употребува израз „внесување на бугарската етничка заедница во уставот“, но Бугарија не го бара тоа, туку директно и експлицитно „бугарски државотворен народ“! Во „Нацрт-заклучокот на Советот на ЕУ за почеток на преговорите со С. Македонија“ од 2022 година, кон чија содржина пресудно интервенирал лично францускиот претседател Макрон да биде внесена таква во „Преговарачката рамка, како документ на ЕУ, пишува: Советот на ЕУ ја поздравува намерата на С. Македонија приоритетно да иницира и да спроведе релевантни уставни измени, со цел во преамбулата на Уставот да се вклучи … и дел од други народи, како што се Бугарите.“ Дополнително, Зоран Заев, како тогашен премиер и Бујар Османи, како тогашен министер за надворешни работи, прифатиле Бугарите да бидат наведени во највисокиот правно-политички акт на македонската држава веќе како нејзин „конститутивен народ“! „Конститутивен“ и „државотворен“ народ се две лица на една иста паричка.

Барањето на Бугарија да се внесат попишаните 3504  илјади Бугари како „конститутивен народ“ во уставот на Македонија споредбено го поврзувам со случајот на Шпанија, за да се сфати какви катаклизмични последици би се случиле со македонската држава, ако во нејзините асномски темели се внесе „санстефанската нуклеарна бомба“ со „бугарските државотворци“ и преку нив великобугарската државотворна агенда. Во својата научна студија со наслов „Демократско граѓанство и шпански мултинационален (не)поредок-растројство: процедурална демократија наспроти клаузула за отцепување“ од 2013 година, Хозе А. Санз Морено, професор по уставно право во Универзитетот Комплутенсе во Мадрид, предупредува дека категоријата „конститутивен народ“ во уставот на една држава води кон нејзино територијално расцепување и распад.

Конкретно, тој нагласува дека, ако едно национално малцинство (што Бугарите не се во Македонија) здобие уставен статус како конститутивен народ во одредена држава, тогаш ќе има и право на територијална автономија и самоопределување до отцепување од неа, како и право на создавање своја нова држава. „Затоа во Шпанија националните малцинства не можат да претставуваат конститутивни народи.“ – заклучува професорот Морено во својата студија (стр.739). Затоа резолуцијата на СДСМ, „туркајќи“ ја „операцијата Бугари во устав“, мора да биде третирана како нова „бугарска алатка“ во уште еден обид за растурање на македонската држава, за нејзино конечно прогласување како „втора бугарска држава во Балканот“.

Зашто, Бугарија веќе со децении, па и денес, истапува против Македонија од позициите на својата национална великобугарска доктрина дека е „единствената држава во светот, која се граничи со самата себе“! Поранешниот претседател на Бугарија Петар Стојанов имал кажано своевремено: „Разделени или не, Бугарија и Македонија се две чеда на една мајка!“. СДСМ со својата резолуција налева „вода на великобугарската воденица“, се грижи да не остане „сува“.  Поради тоа, недозволиво е тој апсурден и антимакедонски акт на СДСМ воопшто да влезе во Собранието на Република Македонија. Таа резолуција мора од старт да биде осудена и отфрлена од сите политички чинители во Република Македонија.

„Француско-бугарската резолуција“ на СДСМ и Филипче

Резолуцијата на СДСМ, за која „амин“ и „благослов“ дале членовите на тимот на Емануел Макрон на 9 септември 2025 година при средбите на Венко Филипче со нив во Париз, е во целосна спротивност со автентичните државно-национални интереси на Македонија и на македонскиот народ. Таа тешко ги гази нив. „Француско-бугарската резолуција“ на СДСМ и Филипче, е недопустлива и затоа што постои изворна државна „Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции“, која е донесена на 29 јули 2021 година во Собранието на Македонија, акламативно со 95 гласови „за“. Вистински македонски „црвени линии“ има повлечено оваа резолуција уште пред четири години, а СДСМ сега поправо се обидува, со меѓународно спонзорство, да ги избрише тие македонски „црвени линии“.

Државната резолуција од 2021 како моќно македонско политичко-дипломатско оружје  против „Третата балканска војна без куршуми“, што ја води Бугарија кон Македонија и Македонците! 

Имајќи ги предвид сите опасности, кои се надвиснуваат повторно во овој момент врз Македонија и македонскиот народ, ќе мора неодложно и веднаш да се реактивира овој македонски државен документ како моќно македонско политичко-дипломатско „оружје“ против „Третата балканска војна без куршуми“ што ја води Бугарија против Македонија и македонскиот народ! Пред повеќе години бугарскиот историчар и политичар Божидар Димитров има изјавено славодобивно: „Ја добивме Третата балканска војна за Македонија без ниеден испукан куршум!“. Бугарија се обидува непрестајно да ја добие навистина, штедро поддржана и потпомогната од ЕУ, особено од Макронова Франција.

Божидар Димитров има уште нешто изјавено: „Ако се исполни Договорот за добрососедство со Македонија, тогаш тоа ќе биде крај на македонизмот и навистина претворање на Македонија во втора бугарска држава!“ За да се отстрани целосно и трајно оваа опасност, конечно е дојдено време да започнат првите активности за поништување на „добрососедскиот“ „Бугарски договор“ и наместо него Македонија да ѝ понуди, да ѝ предложи на Бугарија свој сопствен „Договор за добрососедство“, заснован врз важечките меѓународни принципи за вистинско добрососедство. Тие принципи налагаат заемно признавање, почитување и соработка како две соседни држава, како и заемно признавање на македонскиот и бугарскиот народ. Без мешање на „француски“, „европско-бриселски“ и други меѓународни тутори во внатрешните работи и на Македонија и на Бугарија.

Се оградувам и отфрлам било чија, па и најмала помисла дека целам со испишувањето и објавувањето на овој текст да ширам омраза кон Бугарија и Бугарите. Сосема спротивно: сметам дека навистина е потребно да ја снема омразата меѓу македонскиот и бугарскиот народ, но која главно се „потпалува“ од Бугарија кон Македонија. Само ум со исчашена логика може да ја смета одбраната на интересите на Македонија и македонскиот народ и сите други граѓани како омраза кон Бугарија и бугарскиот народ. Но најпрвин е нужно да се сосечат во коренот сите обиди за бугаризација на Македонците и македонската држава, како и да се признае постоењето македонско малцинство во Бугарија со сите негови национални и човечки права. Правата на оние 3504 Бугари во Македонија никој со ништо не им ги нарушува. И без споменување во уставот македонските Бугари, секој што се чувствува како таков, ги уживаат сите права! А дискриминираните Македонци во Бугарија немаат ниедно право како малцинство, наспроти тоа што е Бугарија дел од ЕУ. 

(продолжува)

(Авторот изнесува согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)

 

 

 

 

Најнови вести од: Македонија

Станбениот квадрат отиде во „астрономијата“: Најмногу поскапеле становите во Куманово, Тетово, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба

Во втората половина од 2025 година највисок скок на цените на продадени станови, споредено со истиот период од претходната година, има во Куманово за 24 проценти, Тетово 22 проценти, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба со по 16 проценти, Центар 14 проценти, а пад на цените на продадени станови има во Гостивар два процента. – […]

Тошковски: Приведени 10 лица за марихуаната, запленета во Србија, од кои двајца се во притвор

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за ТВ21 рече дека денеска ќе биде поднесена кривична пријава против 10 лица кои биле поврзани со произведената дрога марихуана која беше запленета во Србија. „Во текот на денешниот ден ќе се отпочне со поднесување на кривична пријава до ОЈО за гонење организиrан криминал и корупција, која опфаќа 10 […]

Поранешниот градоначалник на Росоман С.Н. си исплатил личен долг од 500.000 денари од општинскиот буџет!

Како што информираат од МВР, ОВР Кавадарци, до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднело кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, казниво по член 353 од Кривичниот законик.

Договор за нови можности меѓу Македонија и Словачка, во фокус енергетика, ИКТ и здравство

Економската соработка меѓу Македонија и Словачка добива на динамика. Во Скопје, на Бизнис форум што ги обедини институциите и деловната заедница од двете земји, беше испратена јасна порака дека партнерството не треба да остане само на декларативно ниво, туку да прерасне во конкретни проекти, инвестиции и зголемена трговска размена.

Сиљановска-Давкова: Македонскиот јазик е темелот на идентитетот, чувар на колективната меморија и мост, што нè води напред во иднината!

„Без мајчиниот јазик не можеме да бидеме ни луѓе, тој е како матична клетка на идентитетот и на културата. Овој ден е посветен на љубовта, негата, грижата и почитта на сите мајчини јазици кај нас и во светот зашто на мајчин јазик најлесно и најдобро се изразуваат радоста и тагата, чувствата и мислите.“ – истакна претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 февруари денеска во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Митева: Жерновски во македонската политика е „стара витрина со пајажина“, нема никакви политички познавања! (ВИДЕО)

„Со жалење ја следам паничната и хистерична реакција на Жерновски и СДС. Интегритетот на Жерновски во македонската политика, кој смени едно чудо партии, е еднаков на една стара витрина со пајажина, заборавена и надмината со времето. Го ставија во партиски тела за да се натпреварува кој ќе фрли повеќе кал, тоа е спорт омилен за мал дел од политичката елита на СДС. Обидот да конструира наратив за „скандал“ претставува класичен пример на политичка дезориентација и дефокус од суштинските прашања. Кога аргументите изостануваат, остануваат инсинуациите. Кога немаат одговори, продуцираат магла., реагираше портпаролката на Влада на Република Македонија Марија Митева на својот фејсбук-профил.

Сиљановска-Давкова: Понекогаш е непријатно летањето со старото владино „авионче на браќата Рајт“!

„Владиното авионче моите колеги-претседатели во регионот го нарекуваат ‘авиончето на браќата Рајт’, бидејќи е најмало и најстаро’.“ – рече денеска претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска Давкова во одговор на поставено новинарско прашање.

Елитен полицаец без возачка дивеел низ Скопје, му го одзедоа оружјето и ќе оди на психо-преглед!

Полицаец заработи кривична пријава откако бил фатен како управува автомобил без положен возачки испит, соопшти Министерството за внатрешни работи. Станува збор за Ѓ.К., вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти. МВР покрена и дисциплинска постапка.

Најнови вести

To top