Македонија

По предлог на Васев пациентка на Онкологија примала експериментална терапија

Ново сведочење на судењето за случајот „Онкологија“

Со сослушување на сведок предложен од Основното јавно обвинителство, денеска продолжи судскиот процес против поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, којшто заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти.

Сведокот Александар Гаќев, сопруг на сега веќе почината пациентка, пред Судот кажа дека по предлог на Васев, неговата сопруга примала терапија според експериментална програма и лекувањето траело шест месеци.

Гаќев рече дека лекувањето почнало кај докторката Мери Пешевска, а потоа продолжило кај директорот Васев. На почетокот од лекувањето тој рече дека неговата сопруга ја чувствувала терапијата, но по одреден период во неколку наврати нагласувала дека не ја чувствува повеќе истата терапија.

„Експерименталната терапија започна во 2022 година и траеше можеби шест месеци, не сум сигурен. Документите кои ги имавме после година дена со ќерка ми одлучивме да не ги чуваме и да ги фрлиме. На почетокот почувствува подобрување, после кажа дека терапијата ѝ е чудна и дека не ја чувствува. Ѝ беше кажано дека нема да ѝ падне косата и навистина не ѝ падна, почувствува подобрување. Понатаму, кажа дека се чувствува како да не пие ништо“,рече сведокот Гаќев во одговор на прашања од Обвинителството.

По одреден период тој посочи дека ѝ се појавила рана на градите, по што Васев предложил раната да биде преврзана. Кога отишле со сопругата на преврска, како што појасни, медицинската сестра случајно со прстенот ја закачила, по што раната се отворила и интензивно се проширила.

„Ѝ се појави рана на градите, по што докторот предложи да биде преврзана и да ја прати на преврска. Кога отидовме на преврска сестрата случајно ја закачи со прстен и ѝ се отвори раната и постепено се прошируваше. Имам слики од самата рана“,рече Гаќев.

Откако по одреден временски период неговата сопруга била пуштена на домашно лекување за две недели починала.

Адвокатот на Васев: Вештачењата на словенските и српските лекари се неточни  – не добија доволно документација

Адвокатот Боби Спирковски, којшто е бранител на првообвинетиот Васев, вештачењата направени од страна на словенските и српските лекари ги квалификуваше како неточни и непрецизни, бидејќи, како што рече, тие не добиле доволно документација, односно добиле само истории на болестите на пациентите.

„Вештачењето на сведокот е сосема спротивно од вештачењето на лекарите од Словенија. Ние не се сомневаме во стручноста на лекарите од Белград или од Марибор, туку ние само сметаме дека нивните вештачења се неточни и непрецизни, бидејќи тие не добиле доволно документација. Добиле само истории на болестите, што не е доволно и прават кардинални грешки – сметаат дека не можат да одлучуваат без да знаат каква е висината и тежината на пациентот“,рече Спирковски.

Тој додава дека секој лекар онколог, дури и секој пациент на Онкологија знае дека прва работа што лекарот пред да даде било каква терапија ја мери висината и тежината на пациентот, за преку една формула да определи каква да биде терапијата. Тоа, како што рече, е „абецеда“ во онкологијата.

Одбраната на првообвинетиот Васев на минатото рочиште до Судот поднесе барање државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски да го преземе предметот или делегира на друго обвинителство. Со оглед дека по предлогот е потребно да одлучи јавниот обвинител на РСМ, судот ја одложи расправата.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ е дел од Самитот на ЕПП на кој ќе разговараме за глобалните предизвици, а ние ќе ставиме акцент и на проширувањето на ЕУ

Сите оние постигнувања и реформи коишто изминатите месеци како ВМРО-ДПМНЕ, односно како македонска Влада ги направивме, потенцира во изјавата Мицкоски

(Фото): Пролетна генералка на Скопје, јавните претпријатија на терен

Координирана акција за темелно чистење на сите површини под надлежност на Град Скопје започна денеска во утринските часови. Екипите на сите јавни претпријатија се вклучија во пролетната генералка на Скопје. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека ова е јасна порака дека редот, чистотата и грижата за заедничкиот простор стануваат секојдневие.

Морничави детали на судењето за убиството во Штип: Делови од телото и крвавата облека фрлени во контејнери

Во штипскиот Основен суд денеска продолжи судскиот процес против 75 годишниот Денис Асанов, кој е обвинет за убиство на 79-годишната Борјанка Николова. Според обвиниението Асанов се товари за кривично дело „убиство“ извршено при родово базирано насилство на брутален начин. Пред Судот денеска сведочеа роднина на убиената Николова и инспектори од СВР-Штип, кои работеле на случајот.– Во домот на обвинетиот беа пронајдени секира, мотика, тесла, и дрвена рачка, на кои имаше траги од крв. Анализите покажаа дека потекнуваат од женско лице. Во купатилото, ходникот и кујната, откриени се траги на човечко ткиво, а според вештачењето, телото било влечено од дневната соба кон купатилото – рече во својот исказ вработен во СВР-Штип.

To top