Македонија

Почна проверка на сите производители на медицински канабис

Министерот Азир Алиу денеска изјави дека ќе бидат проверени вкупно 43 лиценци

Министерството за здравство започна вонредни контроли на сите компании што произведуваат медицински канабис во земјава. Министерот Азир Алиу денеска изјави дека ќе бидат проверени вкупно 43 лиценци, а контролите се спроведуваат во соработка со Министерството за внатрешни работи.

– Контролите почнуваат од денеска. Колегите веќе се на терен. Ќе се проверуваат сите 43 лиценци за производство на медицински канабис – рече Алиу на прес-конференција.

Тој информираше дека Владата донела одлука за именување нов состав на Меѓуресорската комисија, тело кое постои од 2017 година.

Според министерот, иако комисијата била формирана пред речиси девет години, не бил пронајден ниту еден извештај за нејзината работа.

Во моментов функционираат две комисии поврзани со оваа област. Едната, формирана од Министерството за здравство, брои пет члена и е задолжена за административните процедури и за издавање согласности за лиценци. Втората е меѓуресорска комисија со пошироки надлежности, која треба да ги следи и анализира политиките поврзани со производството на канабис за медицински цели.

Алиу најави дека се анализираат и постојните правилници. Доколку се утврдат слабости, ќе бидат предложени измени.

Министерот побарал и законски измени со кои во вакви ситуации би можел да формира дополнителни комисии што ќе вршат контрола и ќе поднесуваат извештаи.

– Кога се носи закон, мора да се обезбеди и инфраструктура за негова примена – рече Алиу.

Засега од Министерството не прецизираат дали контролите се резултат на конкретни сомнежи или се дел од редовен надзор.

Најнови вести од: Македонија

Нема криење на гориво – засилени контроли и кај трговците, велат од Пазарен инспекторат

Во однос на можноста за намалување на ДДВ за увоз на енергенси, директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова изјави дека таквите проценки ги прави Владата со ресорните министерства, додека УЈП ќе ги спроведува мерките доколку бидат донесени.

To top