„Секој од нас има клуч што веќе не може да отвори ниту една врата“, вели Никола Маџиров. Неговите предци биле бегалци од Балканските војни, а домот, отсуството, преселбата и сеќавањето се меѓу постојаните координати на неговата поезија. Роден е на 27 мај 1973 година во Струмица. Првите две книги му излегоа во 1999 година: „Заклучени во градот“ ја доби наградата „Студентски збор“ за најдобра дебитантска книга, а „Некаде никаде“ наградата „Ацо Караманов“. Со незаменливата „Преместен камен“ (2007-ма-) ги собра европската награда за млади поети „Хуберт Бурда“ и домашната „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.
Неговите други меѓународни признанија се и наградата „ Сребрен лист Ксу Џимо“ за европска поезија на Кингс Колеџот при Универзитетот во Кембриџ во 2016-та и наградата „Орфеј“ за целокупно претставување на Меѓународниот поетски фестивал „Орфеј“ во Пловдив во 2019 година. Поезијата му е преведена на над четириесет јазици, а врз неговите стихови музика компонирале светски имиња како Оливер Лејк, Мајкл Лиг (од Snarky Puppy) и Бека Стивенс. Во 2023 година Маџиров беше еден од тројцата членови на жирито на врвната канадска поетска награда „Грифин“, заедно со Грегори Скофилд и Наташа Тредвеј. Жирито таа година разгледало 602 книги, меѓу кои 54 преводи од 20 јазици.
Во 2024 година, издавачката куќа „Арс Ламина“ ја објави „Дом во тишина“, првата есеистичка книга на Маџиров на македонски јазик (есеи што низ годините биле објавувани во превод на други јазици, но не и на јазикот на кој првично биле напишани). Таа доаѓа по сликовницата „Рокчето“ (2023-та) и книгата „Шестарот на времето“ (2024-та), која го собира неговото поетско творештво. Во 2025 година следуваа уште две значајни меѓународни признанија. Во јуни, во Лана, Јужен Тирол, му беше врачена 19-тата награда „Н.К.Казер“ за поезија., а во август, во Гуангжу, Кина, ја прими и 17-тата меѓународна награда „Поезија и луѓе“, за придонес кон современата светска поезија.
Во април пак, лани, заедно со кантавторката и композиторка Бека Стивенс, Маџиров настапи на првото издание на „Светскиот поетски салон“ во Њујоршката јавна библиотека. Во септември о.г., Академијата на американските поети ја објави неговата песна „Тишината од други места доаѓа“ како „Песна на денот“, на македонски и на англиски јазик.
Вашето семејство ја носи историјата на бегството уште од Балканските војни, а вие велите дека сте наследиле „непостојни врати“. Дали денес, по толку резиденции и привремени домови, домот за вас е место, или чувство?
-Секој од нас има клуч што веќе не може да отвори ниту една врата. Страшно е чувството кога твоите баба и дедо чуваат клуч стар стотина години од врата, што веќе не постои, од дом во кој некој друг веќе се има родено, некој кој не го разбира твојот јазик и твојот страв, кој не знае кој ги насадил калинките во дворот, кои сега му црвенеат во дланките секое лето. Кога си присилен да го напуштиш твојот дом, сѐ потоа во животот станува бегство — и вселувањето во нов дом, и венчавките и разделбите, и простувањата и враќањата, и смртта. Војната ги брои жртвите, но ретко откорнатите врати и продолжените генерациски отсуства. Тоа им е оставено на бегалците — тие растат, раѓаат и созреваат со чувството на загубено. Домот за нив секогаш ќе биде место што се напушта. Кога бев дете, секој добиен подарок го сокривав, мислејќи дека некој ќе ме оддели од него. Сегашноста за мене е продолжено сеќавање, а не миг што ќе стане минато. Не ледам дека и сега времето се променило. Како да сакаат да нѐ убедат дека можеме да бидеме бегалци и без да ги напуштиме домовите, дека е доволно само да се промени сеќавањето среде истиот дом. Сега војните се водат за подобро минато.
Велите дека повеќе им верувате на личните приказни отколку на официјалните истории. Во ера преплавена со туѓи сведоштва и податоци, по што препознавате дека една лична приказна е автентична, без разлика дали е фактички прецизна?
-Колку и да звучи апсурдно, ние активно ја живееме добата на новите истории. Сите војни почнуваат со тргување на историите и митовите, а потоа почнуваат одземањата на личните приказни, веднаш штом ќе се исцртаат новите поствоени граници. Моите предци одлучиле да им биде одземен домот наместо личните приказни и така ме задолжија да се сеќавам без да мразам, да пишувам без да верувам во изделканите истории. Не е најболно тоа што победниците ја пишуваат историјата — туку тоа што тие ги тераат понижените да ја читаат. Затоа, пак, постојат личните приказни прераскажани од гласовите што не се составени од коски, туку од вистини кои не можат да се кремираат или да се изложат пред црвите на времето.