Македонија

Поплави во повеќе региони во државата

Вонредни информации по обилните врнежи

Центарот за управување со кризи информира дека до 17:00 часот попладнево се евидентирани поплави и излевања на водотеци во повеќе региони во државата, по обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјата во изминатите часови.

Во скопскиот регион, во Општина Сарај, поплавени се селата Буковиќ и Семениште. На терен интервенирале екипи на Општина Сарај, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и Дирекцијата за заштита и спасување. Активностите се насочени кон расчистување на зафатените подрачја и одводнување на поплавените површини, со цел постепена нормализација на состојбата.

Во кумановскиот регион, во Општина Липково, реката Слупчанка излегла од своето корито во село Опае, при што е зафатен дел од населеното место. Излевање е регистрирано и во атарот на село Оризаре, каде се поплавени земјоделски површини. Засега нема пријавени материјални штети од жителите, освен штети на обработливо земјиште. Во Кратово и Крива Паланка не се пријавени поплави.

Во тетовскиот регион, интензивните врнежи довеле до зголемен водостој и проблеми со одводните канали. Пријавени се свлечишта на патните правци Тетово – Џепчиште и кон село Једуарце. Првиот патен правец е затворен за сообраќај, додека вториот е расчистен и повторно прооден. На делницата Тетово – Попова Шапка сообраќајот се одвива отежнато, а од утринските часови е воведена забрана за тешки товарни возила и автобуси. Засега нема опасност од излевање на поголемите водотеци, а снабдувањето со струја и вода е стабилно.

Во гостиварскиот регион се пријавени поплавени куќи, подрумски простории и стопански објекти во Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше. Во село Беловиште се интервенирало по пријава за заглавени лица во поплавен објект, кои се безбедно извлечени. Во село Форино е регистрирано излевање на реката Вардар, при што се зафатени земјоделски површини и постои ризик за објектите во близина на мостот кон село Тумчевиште. Ангажирана е механизација за расчистување на речното корито.

Во охридско-кичевскиот регион, во Охрид состојбата е стабилна и нема пријави за излевање или поплави. Во Кичево, по излевањето на Зајашка река, поплавени се повеќе куќи и дворови, а по пладне се пријавени дополнително околу 30 зафатени семејни домови. Извршена е евакуација на стари и изнемоштени лица, како и на деца од поплавените објекти.

Од Центарот за управување со кризи соопштуваат дека состојбата се следи континуирано во координација со надлежните институции, а јавноста ќе биде навремено информирана за понатамошниот развој на настаните.

Најнови вести од: Македонија

Савески најави повлекување на сите обвинителски овластувања: „Затекнавме хаос во обвинителството“

Не може шеф на вишо обвинителство да застапува обвинение во друго. Па или шефувај, или оди на судења застапувај. Морам да знам кој што работи и еднаш засекогаш да се стави ред во Обвинителството“, рече Савески

Младите инженери ѝ се потребни на Македонија, таа мора да ги задржи, како?!

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, присуствуваше и се обрати на одбележувањето на Денот на македонските инженери, по повод 106 години од основањето на првото македонско здружение на инженери, во организација на
Инженерската институција на Македонија. Во своето обраќање, министерката испрати пораки за улогата на инженерите во развојот на
државата, со посебен акцент на младите и жените како клучни носители на идните процеси.

ТАВ Македонија: 30 години од првиот лет Скопје-Виена со „Аустриан ерлајнс“

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на групацијата АДП останува силно посветена на континуираниот развој на воздушниот сообраќај во земјата, преку унапредување на аеродромската инфраструктура, привлекување нови авиокомпании и отворање нови дестинации, со цел да ја зацврсти позицијата на скопскиот и на охридскиот аеродром како регионални центри за поврзаност и економски развој.

УЈП: Нема нови даночни обврски за студентите, ниту оданочување на веќе оданочени суми

Според јавно достапните информации и прашањата доставени до Управата за јавни приходи, данокот кој исплатувачите го задржале и платиле на доходот исплатен на студентите, им е вратен на студентите од страна на Германската даночна администрација. Овој доход (бруто износ) согласно одредбите од Договорот за одбегнување на двојното оданочување со Германија и Законот за данокот на личен доход е предмет на оданочување во Македонија. За дополнителни информации, граѓаните можат да се информираат преку официјалната веб-страница на Управата за јавни приходи.

To top