Денеска, во Тетово, Гостивар и Дебар ќе важи посебен сообраќаен режим поради завршувањето на тридневната официјална посета на претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Тетово и Гостивар
Општина Тетово и Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово соопштија дека ќе бидат воведени привремени безбедносни мерки и посебен режим во сообраќајот, вклучително и забрана за паркирање на повеќе клучни локации. Забрането е паркирање на:
- Булевар „Маршал Тито“ – од почетокот до кружниот тек кај пазарот со булевар „Благоја Тоска“
- Булевар „Благоја Тоска“ – од кружниот тек со „Маршал Тито“ до зградата на Општина Тетово
- Улица „ЈНА“ („Дервиш Цара“) – во целост, до семафорите
- Улица „Илинденска“ – од Основен суд до Универзитетот на Југоисточна Европа
- Улица „Киро Ристоски-Дрнц“ – до Арабати Баба Теќе
- Улица „ВонВардарска“
- Улица „172“
Сите возила паркирани спротивно на овие мерки ќе бидат отстранети од страна на надлежните служби. Полицијата ќе врши физичко обезбедување и регулирање на сообраќајот. Граѓаните се повикуваат да ги почитуваат насоките на полициските службеници за непречено и безбедно движење.
Според агендата, претседателот Бегај ќе ја посети Општина Тетово, ООУ „Лирија“, Шарената џамија и Арабати Баба Теќе.
Дебар
Во попладневните часови, претседателот Бегај ќе престојува во Дебар, по што ќе замине за Албанија преку граничниот премин Блато. Одделението за внатрешни работи (ОВР) Дебар и СВР Охрид соопштија дека од 12:00 до 19:00 часот ќе важи посебен сообраќаен режим со повремено затворање на сообраќајот на следните локации:
- Регионален пат Р-1202 – од Бошков мост до Дебар
- Улица „Елена Ѓика“ – од АД „Кнауф“ до кружен тек „Енѓи“
- Улица „Иса Болетини“
- Улица „Јусуф Грвала“
- Регионален пат Р-1201 – до улиците „Мојси Големи“, „Амди Леши“, „Јосиф Багери“
- Регионален пат 1202 – Дебар до граничен премин Блато
Полициските службеници ќе вршат физичко обезбедување на трасата и на објектите каде се предвидени работни средби. Градоначалникот на Дебар, Фисник Меља, ќе се сретне со претседателот Бегај, но не се предвидени изјави за медиуми.
Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, апелира до граѓаните и сите учесници во сообраќајот да се придржуваат до упатствата на полициските службеници и да избегнуваат непотребно движење во периодот од 12:00 до 19:00 часот, за да се овозможи непречено движење на делегацијата и безбедност на сите.
Посетата на претседателот Бегај започна со државни и воени почести од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а во претходните денови тој престојуваше и во Гостивар.