Соговорниците се согласија дека се постигнати очигледни конкретни резултати. Обајцата го поздравија препознавањето на државата како една од најуспешните во исполнувањето на Реформската агенда и Планот за раст на Западен Балкан.
Амбасадорот Рокас укажа на идентификуваните слабости и на потребата од засилени реформи во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата.

Според Сиљановска-Давкова, зголеменото ниво на подготвеност во поглавјата 10 (Дигитална трансформација и медиуми) и 26 (Образование и културa), како и регистрираниот напредок во науката и истражувањето и заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика, сведочат за манифестиран и докажан институционален капацитет на државата во исполнувањето на европските стандарди.

Таа очекува финализирањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација, како и на Акцискиот план за заштита на малцинствата, да донесат видливи промени и напредок во Кластерот „Основи “.

Во рамките на своите уставни надлежности, Сиљановска-Давкова истакна дека ќе продолжи да се однесува реформаторски, придонесувајќи за јакнењето на демократијата.
Претседателката потсети дека извештајот треба објективно да го прикажува реализирањето на Копенхашките критериуми, а не на наметнатите билатерални политички услови, спротивни на европските вредности и принципи утврдени во европските уставни акти.
За неа, нашето изоставување од групата на земји предводнички во процесот на проширувањето, не ја отсликува реалноста и испраќа негативни сигнали до македонската јавност.

Сиљановска-Давкова уште еднаш повика на еднаков третман на сите земји-кандидатки во пристапниот процес. Според неа, потребни се политичка волја и поактивен ангажман на европските институции и земјите-членки за деблокада на македонскиот пат кон ЕУ.