Празникот е посветен на Свети Архангел Михаил кој, според христијанското предание, застанал на чело на небесната војска во борбата против злото.
Именден празнуваат Ангел, Ангеле, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна и Ратка.
Според христијанското предание, пред создавањето на материјалниот свет – земјата, небото, ѕвездите и човекот – Бог ги создал ангелите. На почетокот сите биле добри, но дел од нив се одметнале од Бога и почнале да прават зло, поради што биле познати како паднати ангели.
Архангел Михаил е познат и како војвода на ангелите. Кога Луцифер се побунил против Бога и повлекол дел од ангелите со себе, Михаил застанал на чело на оние што останале верни и ја предводел борбата против злото.
Поради тоа, на фреските и иконите најчесто е прикажан како воин со меч.