Македонија

Предлог на Стопанската комора: Најмногу 13 неработни денови и неработниот ден од недела да не се префрла во понеделник

Стопанската комора на Македонија набргу до Министерството за економија и труд ќе достави предлог-измени на Законот за празниците, со кои бројот на неработни денови индиректно би се свел на 13, а празниците што се паѓаат во недела повеќе не би се префрлале како неработен ден во понеделник.

На денешната прес-конференција проектниот менаџер во Стопанската комора Анета Димовска истакна дека предлогот не предвидува укинување на постојните празници, туку ревидирање на правото на користење неработни денови.

„Нашиот предлог не е бришење, или укинување конкретни празници, туку ревидирање на правата, што произлегуваат од вака утврдени  празници на сметка на барањето за укинување прослава на дел од празниците. Па дури и сега ваква поставеност на системот може да се третира како систем ,кој не е во согласност со Уставот, бидејќи ги става во нерамноправна позиција граѓаните припадници на различни групи. Ако одиме по таа логика, припадниците на српската заедница или влашката заедница, ако се православни, имаат најголем број на неработни денови – 11 за сите, пет кои се однесуваат на припадници на православна вероисповед и дополнителни денови кои се однесуваат на конкретната етничка заедница. За сметка, да речеме, на припадник на исламска вероисповед, којшто има помалку денови кои му се предвидени за прослава по однос на ваквите религиски празници. Така, на пример, еве постои бесмислица, да речеме, Свети Сава празникот, што кај нас е предвиден како неработен ден за припадници на српската етничка заедница, во соседна Србија не е неработен ден“, рече Димовска.

Според неа, лицата при засновање работен однос би избирале кои празници ќе ги користат од групата празници што не се однесуваат на сите граѓани. „Предлогот е: од сите овие празници кои не се однесуваат на сите, со договор за вработување при вработување лицето да определи кои од посочените празници ќе ги празнува, и така би се определиле два дополнителни денови, со што вкупниот број на неработни денови би се свел индиректно на 13 неработни денови“, изјави Димовска.

Како второ решение што ќе биде доставено до Министерството, Комората предлага празниците што се паѓаат во недела да не се префрлаат како неработен ден во понеделник. Димовска посочи дека иницијативата произлегува од долгогодишните забелешки на работодавачите, кои сметаат дека сегашниот систем создава организациски и финансиски потешкотии. Отсуството на вработените од работа за празници негативно влијае на продуктивноста, предизвикува тешкотии од финансиски и организациски карактер“, рече таа.

Според анализата на Комората, која опфатила 36 европски економии, во околу 70 проценти од нив бројот на државни празници и неработни денови се движи меѓу 11 и 14. Македонија е во тие рамки доколку се земат предвид само 11-те неработни денови за сите граѓани, но ако се додадат и петте неработни денови за припадниците на православната вероисповед, бројот достигнува 16. „Ако на овој број 11 се додадат петте неработни денови кои се доминантни за најголемиот дел од населението коешто е православно, тогаш доаѓаме до бројот 16 и избиваме, условно речено, на врвот помеѓу државите во Европа по бројот на неработни денови“, нагласи Димовска.

Таа додаде дека во повеќе од половина од анализираните европски држави празниците не се префрлаат во нареден работен ден, ако се паднат за викенд. Димовска посочи и дека голем дел од празниците и продолжените викенди граѓаните ги користат за патувања во странство, што, според неа, значи и одлив на потрошувачка надвор од земјата. „Голем дел од празниците ги минуваме во странство и потрошувачката и приходите се насочуваат кон економии на други држави“, нагласи Димовска.

Најнови вести од: Македонија

Јанкуловски: Македонија веќе не молчи пред понижувањата од Бугарија околу македонскиот идентитет и јазик, туку бара почит од неа и ЕУ!

„Понижувањето што го трпиме од соседна Бугарија не е само последица на конфликтот околу нашиот идентитет, јазик и култура. Тоа е тактика во дипломатијата. Но, соочени со очекувањето на нови понижувања и свесни дека тие ќе продолжат, новата власт во Македонија бара почит и достоинство во односите со другите држави, и, секако, со Европската Унија. И, замислете, Македонија веќе не молчи пред понижувањата.“ – нагласува универзитетскиот професор д-р Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „Понижување и срам – време за достоинство“, која ја објави информативната агенција „Нетпрес“.

Панов: На оспорувањата на македонската историја не одговараме со зборови, туку со историски документи и проверливи факти

Институтот за национална историја денеска ги промовираше резултатите од проектот проектот „Извори за историјата на Македонија – тематска целина религија“. Оваа колективна монографија е замислена како долгорочен макропроект, структуриран во повеќе тематски целини, насочени кон прибирање и критично проучување на историската граѓа за Македонија, проширување на документарната основа и отворање нови истражувачки прашања. Ова го објави „МКД.мк.“

To top