Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, денеска престојува во официјална посета на Република Македонија.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, таа ќе го пречека црногорскиот претседател со највисоки државни и воени почести на свечена церемонија во Вила „Водно“.
По церемонијата, предвидени се тет-а-тет средба меѓу двајцата претседатели, како и пленарен состанок на македонската и црногорската делегација.
Во рамките на официјалната посета ќе биде потпишан Меморандум за соработка меѓу Младинскиот совет при Кабинетот на претседателката на Северна Македонија и Младинскиот совет при Кабинетот на претседателот на Црна Гора.
Утре, претседателот Јаков Милатовиќ ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Исто така, утре претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот Јаков Милатовиќ ќе одржат заедничко предавање на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.