Македонија

Прогонувањето на македонските деца на 30 март 1948 – етничко чистење и насилно бришење на македонскиот елемент од Егејска Македонија

На 30 март 1948 година, во најжестокиот период од Грчката граѓанска војна (1946-1949 година), започна една од најголемите трагедии во современата македонска историја – масовната евакуација и протерувањето илјадници македонски деца од егејскиот дел на Македонија. Приказната за откорнувањето на македонските деца бегалци од нивните родни огништа и краишта е приказна и за македонската голгота кон правдата и иднината, која им беше одземена. Тоа беше приказна црнопис за украденото детство на илјадниците македонски деца, за мајките што никогаш не ги прегрнаа своите синови и ќерки, но и за сиот македонски народ од тој дел на етничка Македонија, кој плати неизмерна цена во обидот да се избори за својата слобода и македонски идентитет.

Пишува: Свето Тоевски

Во колективното помнење на македонскиот народ, овој датум е врежан како почеток на егзодусот на „децата бегалци“ во Југославија, Романија, Чехословачка, Полска, Унгарија, Бугарија и други земји од источниот блок. Според македонските историски извори и сведоштва, од март 1948 г. до септември 1949 година биле евакуирани меѓу 28.000 и 32.000 деца, од кои огромното мнозинство биле етнички Македонци од селата во Костурско, Леринско, Воденско и од другите региони на егејскиот дел на Македонија. Многу од нив тргнале пеш, боси, преку планини и снег, со „мајки“ – млади учителки и партизанки, кои ги воделе. Некои групи биле бомбардирани од грчката владина војска, а децата гинеле од студ, глад и болести уште по патот. Вистинските мајки плачеле на разделбата, ветувајќи дека ќе се видат „по една година“. За многумина таа „една година“ се претворила во цел живот.

Сведоштвата се потресни. Едно дете од Бапчор се сеќаваше како на 30 март 1948 година тргнало со 180 деца и 14 „мајки“. Друго раскажуваше за замрзнати нозе и крвавење на патот. Фотографиите од тој период – дете што плаче во прегратка на мајка, изнемоштени момчиња со раце на челото, групи деца со испукани нозе и скинати чевли – не се само историски фотозаписи. Тие се сведоштво и неизбришливи докази за една политика на насилно менување на етничката карта на егејскиот дел на Македонија, за принудно разделување на семејствата, кое траеше многу години. Многу мајки починале од тага, а децата го поминале детството во детски домови, далеку од родниот крај, без љубов на родителите, но со македонски јазик и идентитет, кој ги држел и ги одржал живи. Децата не беа „евакуирани“ – тие беа прогонети од своите огништа, за да се избрише македонскиот елемент во егејскиот дел на Македонија.

Историчарот д-р Ристо Кирјазовски, како познавач на историските случувања во овој период во Егејска Македонија под Грција, за егзодусот на децата и нивното откорнување од родните огништа, има напишано: „Пролетта 1948 година двете завојувани страни: ДАГ и силите на атинската влада, во рамките на нивните планови за претстојната меѓусебна пресметка во 1948 година, одзедоа од родителските прегратки повеќе десетици илјади деца, претежно од егејскиот дел на Македонија и ги одведоа едни преку граница, а други во внатрешноста на Грција и на грчките острови. И двете страни тврдат дека акцијата што ја презеле била мотивирана од хумани причини. Тоа беше добро смислена, добро организирана и уште подобро реализирана акција. Децата се спасени од ужасите на Граѓанската војна, но нивното отстранување од родното огниште беше и етничко чистење на егејскиот дел на Македонија“.

Во својата монографија „И ние сме деца на мајката-земја“, трагајќи по причините за откорнувањето на децата од родните огништа во Егејска Македонија, под Грција, д-р Фана Буцкова истакнува: „Оваа ситуација за грчките националисти беше уште една шанса за етничко чистење на Македонија, имајќи ја таа цел, тие особено се нафрлија врз Македонците. ‘Славомакедонците треба да исчезнат оттука. Тие треба задолжително да се истераат и нека одат во која било соседна земја.’ – пишува републиканскиот неделен весник ’Елефтерос‘ бр. 28 од јануари 1946 година. Монархистите преку паравоените формации доследно почнаа да ја спроведуваат политиката на истребување на македонското население. Патролирајќи низ македонските села, фрлаа пароли дека некои ќе ги убијат, некои ќе ги истераат, така што кога ќе дојде кралот да не најде ниеден Словен во земјата. Таквите пароли тие ги претвораа и во дело. Од февруари 1945 до мај 1947 година во Костурско, Леринско, Воденско, Ениџевардарско без судење беа убиени 278 Македонци. Имаше 297 силувани жени, 6.456 затворени лица, 4.200 судени, 3.215 осудени на повеќегодишен затвор, 1.449 интернирани, 13.449 малтретирани, 1.191 изгорени куќи, 13.938 протерани селани и 45 иселени села“.

На третото заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Париз на 27 ноември 1948 година, едногласно е донесена следната резолуција: „Генералното собрание ПРЕПОРАЧУВА враќање на грчките деца во Грција, кои сега се оддалечени од своите домови…“ На четвртото заседание на Генералното собрание на 18 ноември 1949 година пак едногласно е донесена Резолуција за враќање на децата. На петтото заседание на 1 декември 1950 година, Генералното собрание на Обединетите нации ја донесе и својата трета резолуција за грчките деца. Можеше светската организација да донесе и сто резолуции, но грчката држава, исто така „едногласно“, си имаше одлучено никогаш да не ги прими назад македонските деца. Беа вратени само евакуираните грчки деца. Вака остана до денес денес и за во иднина.


„Нова Македонија“

Најнови вести од: Македонија

Муцунски: Бујар нека не држи лекции што е прифатено, а што не, знае добро што преговараше и прифаќаше!

„Бујар Османи последен има право да држи лекции за тоа што е прифатено, а што не. Тој многу добро знае што преговараше, што прифаќаше и во каква позиција ја остави државата. Затоа, денес нека не троши енергија за да ги извртува фактите и да толкува туѓи изјави.“ – реагира министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на својот фејсбук-профил кон последните тврдења на Бујар Османи, потпретседател на ДУИ и поранешен министер за надворешни работи, инаку потписник на спорниот Втор протокол.

Домашното производство покри речиси 97 отсто од потрошувачката на струја во мај

Домашното производство на електрична енергија речиси целосно ги задоволи потребите на граѓаните и стопанството во текот на месец мај годинава, покажуваат најновите претходни податоци за енергетиката на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Николоски: Во следните месеци ќе се пуштат 10 километри од автопатот Охрид-Кичево, најсложените за сообраќај (Видео)

Изградбата на автопатот Охрид – Кичево се реализира со забрзана динамика. Интензивно се градат галериите, во следните месеци ќе се пуштат најкомплицираните 10 километри за сообраќај, соопшти на својот фејсбук-профил вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој и овој викенд врши увид во градежните активности.

Со реформите во јавната администрација директорите ќе мора да бидат способни, стручни и образовани

Академијата за јавна администрација е носителот на обуките, а преку модернизацијата на Центарот за обука, повеќе од 1.000 административни службеници веќе поминаа обуки и добија пристап до современ електронски систем за учење.

ВМРО ДПМНЕ: СДС, ДУИ и Таравари го штитат Лимани, кој не се чувствувал виновен за загрозеното здравје на илјади граѓани

„Опозицијата е морално капитулирана и без никаков компас. Она што се случи во Гостивар, токму поради неажурноста и незаинтересираноста на локалната власт, предводена од Валбон Лимани, покажа колку коалицијата СДС, ДУИ и Таравари не се грижи за граѓаните.“ – реагира ВМРО ДПМНЕ.

„Плус инфо“: Бура во чаша вода по изјавата на Муцунски за протоколите со Бугарија

Изјавата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски дека протоколите не се правен дел од Преговарачката рамка предизвика бурни реакции во повеќе македонски и бугарски медиуми. Шефот на македонската дипломатија за Плусинфо потврди дека нема промени во македонската принципиелна позиција во однос на пристапниот процес кон ЕУ. Ова го објави „Плус инфо“.

Најнови вести

To top