Македонија

Промовирана стратегијата за развој на информатичко-комуникациските технологии

Денеска не промовираме само еден стратешки документ, денеска ја потврдуваме нашата решителност да ја изградиме модерната, паметна и дигитална држава

Денеска не промовираме само еден стратешки документ, денеска ја потврдуваме нашата решителност да ја изградиме модерната, паметна и дигитална држава, што работи за граѓаните, држава што е транспарентна, ефикасна и правична, рече премиерот Христијан Мицкоски на промоцијата на Националната стратегија за развој на информатичко-комуникациски технологии – СМАРТ/МК 2030.

Оваа стратегија е визија, но и јасен план, посочи Мицкоски, таа е одговор на реалните предизвици со кои се соочува нашето општество и патоказ за тоа каква држава сакаме да бидеме во следната деценија.

– Дигиталната трансформација не е само воведување нови технологии. Таа е системски процес кој подразбира длабока промена во начинот на кој функционира државата, во културата на институциите и во односот кон граѓаните и кон бизнисите. Таа значи поедноставни и побрзи услуги, помалку бирократија, повеќе отчетност и поголемо учество на граѓаните во креирањето јавни политики. Како Влада, дигитализацијата ја поставивме како еден од нашите клучни стратешки приоритети. Затоа што знаеме дека дигиталната држава е предуслов за владеење на правото и ефикасна борба против корупцијата. Кога процесите се дигитални, трагата е видлива, а одговорноста е јасна. Кога системите се поврзани, нема простор за злоупотреби, селективност или привилегии – рече Мицкоски.

Стратегијата СМАРТ/МК 2030 го обликува патот на дигиталната трансформација на Република Македонија во согласност со нашите специфики, вредности и долгорочни државни интереси, додаде тој.

– Таа претставува детален и реален патоказ за надминување на развојните предизвици во областа на информатичко-комуникациските технологии и обезбедува забрзан дигитален развој во сите сектори – од јавната администрација, преку образованието и здравството, до економијата и локалниот развој – рече Мицкоски.

Овој документ се темели на принципите и насоките утврдени во Патоказот за дигитална трансформација и целосно е усогласен со Националната развојна стратегија 2024-2044, каде што развојот на човечкиот капитал и дигитализацијата на општеството се препознаени како централни двигатели на напредокот, додаде премиерот.

– Нема силна економија без дигитални вештини. Нема современо општество без дигитално писмени граѓани. И нема конкурентна држава без иновативен ИКТ-сектор – потенцира Мицкоски.

Посебна вредност на стратегијата, додаде тој, е тоа што таа прецизно ги адресира и краткорочните и среднорочните приоритети утврдени во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ.

– Донесувањето на оваа стратегија, како и усогласувањето со европското законодавство во областа на електронските комуникации, дигитализацијата на институционалните регистри, воведувањето работа во облак, како и унапредувањето на правната рамка за електронска идентификација и за доверливи услуги, се јасен сигнал дека сме подготвени за европски дигитални стандарди – потенцира премиерот.

Но, додаде тој, стратегиите сами по себе не се доволни. Нашата обврска, потенцира Мицкоски, е оваа визија да ја претвориме во конкретни политики, мерливи резултати и реални промени во секојдневниот живот на граѓаните.

– Да изградиме држава во која услугите се достапни со еден клик, институциите комуницираат меѓусебно, а граѓанинот е во центарот на системот. СМАРТ/МК 2030 не е документ за една институција или за една влада. Таа е заедничка обврска – на институциите, приватниот сектор, академската заедница и на граѓанското општество. Само со партнерство, знаење и со доверба можеме да изградиме дигитална држава што ќе биде двигател на економскиот раст и гаранција за подобар квалитет на живот. Дозволете ми на крајот да упатам и искрена благодарност до министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, за неговиот посветен ангажман и визија во процесот на подготовка и обликување на стратегијата. Денес ја поставуваме основата. Нашата цел е јасна – паметна, дигитална и правична Македонија до 2030 година. Македонија што гледа напред, што инвестира во знаење, технологија и луѓе. Македонија што гради иднина, а не ја чека – рече премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето.

Најнови вести од: Македонија

Македонската култура во фокусот на 35. Меѓународен саем на книгата во Абу Даби

Во рамки на програмата „Балканска култура – почесен гостин“, Македонија на посетителите им претставува дел од своето богато и повеќеслојно културно наследство, како и современата книжевна продукција

Модернизиран команден центар, „Безбеден град“ ставен во функција во Велес

Новиот команден центар е сместен во целосно реконструирани и реновирани простории кои во минатото биле користени од Министерството за одбрана, а потоа околу 15 до 20 години не биле во употреба. Со нивното ставање во функција, СВР Велес добива современ простор од кој се реализираат активностите поврзани со системот „Безбеден град“

Крст во чест на 63-те жртви од „Пулс“ поставен на влезот во Кочани

Овој крст ќе нè потсетува и на болката и трагедијата што се случи овде во нашиот град. На повредените нека им подари здравје, сила и поткрепа да закрепнат и дај Боже постојано да останеме во заедница, во љубов со Бога, со силата на крстот

СДСМ бара истрага за 5,5 милиони евра за прославата

Пет милиони евра народни пари кога ќе се потрошат, граѓаните мора да знаат секој денар, секое евро каде завршило. Владата мора да ги објави договорите, анексите, фактурите, банкарските исплати, примателите, изведувачите, добавувачите и пресметаните даночни обврски

Мицкоски: Потврдувањето на кредитниот рејтинг од страна на „Фич“ е уште една лоша вест за опозицијата

​Три години водат кампања дека секоја година само што не сме банкротирале, буџетот бил без пари, економијата назадувала и така натаму. ​Одговорите стигаат од сите страни, од Светска банка, од Меѓународниот монетарен фонд, еве и од сега од реномирани кредитни агенции како што е „Фич“

To top