Формирањето на првиот скопски партизански одред е голем и значаен настан за македонската историја, за борбата на македонскиот народ не само да извојува слобода, туку и да создаде своја македонска држава. Да се формира народно ослободителен партизански одред на 22 август во 1941 година претставувало чин на огромна храброст и одлучност на 12 луѓе, кои биле подготвени со живот да ја платат слободата, започнувајќи голема борба против фашистичките окупатори и нивните слуги. Зашто, токму Скопје во 1941 година беше еден од двата центра на тогашната бугарска фашистичка окупаторска власт, на нејзините воени и полициски структури во окупирана Македонија. Првиот скопски партизански одред е една од првите организирани формации на македонската народноослободителна војска, дури потоа уследува формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“, кој кој што како првата регуларна воена единица во Македонија и никулец на денешната Армија на Република Македонија.
Формирање и дејствување на одредот
Одредот е формиран по одлуката за почеток на вооружената борба, донесена на илегалното Јунско советување на Скопската организација на КП во Македонија, одржана во Козле на 22 јуни 1941). Одредот бил формиран од 12 борци. На неговиот борбен пат му се приклучиле вкупно 42 борци, со мешовит национален состав – Македонци, Срби, Албанци, Турци, Црногорци, Хрвати и Чеси. Веднаш по формирањето Одредот извршил диверзија на рудникот Радуша, по што заминал на Водно. По судирот на Боро Петрушевски со бугарската полиција и по апсењето на курирот, Боса Ѓурашковиќ на 8 септември, на 9 септември се префрлил во старата диверзантска база покрај Вардар, а оттаму следниот ден се префрлил на Скопска Црна Гора, каде што престојувал во малата пештера Лазаров Камен кај селото Чучер (од 11 септември до првата половина на септември) и во манастирот „Благовештение“ (од 18 септември до средината на октомври).
На 28 септември во месноста Горне Бавче бил одржан заеднички состанок на активистите на народно-ослободителното движење од селата во Скопска Црна Гора, бил формиран првиот македонски местен народно-ослободителен одбор во селото Чучер (4 октомври), ги испробале илегално изработените рачни бомби во Скопје, ги испитале објектите на железничката линија во Качаничката Клисура за евентуално минирање, убиле еден шумар (30 октомври) и воделе борба со бугарската војска во реонот на Ѓорче Петров. На 7 октомври борци од одредот извеле акција за ликвидирање на бугарските полициски агенти Мане Мачков и Круме Панков – Кросот, во која загинал Благоја Деспотовски – Шовељ, а Александар Смилковски бил уапсен. На 18 октомври, во месноста Бела Вода, од десната страна на реката Лепенец, борците на одредот положиле заклетва.
Расформирање на одредот
Отежнатите услови за дејствување од притисокот на бугарската војска и полиција, како и претстојната зима и пресметката на окупаторот со кумановските одреди (Козјачкиот и Карадачкиот) и Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“, во Штабот на Одредот предизвикале колебања во однос на продолжувањето на дејствувањето на Одредот. На 2 ноември 1941 година била донесена одлука за привремено расформирање на одредот, по што одредот е расформиран кај с. Злокуќани, Скопско. По расформирањето на одредот, неговите борци илегално влегле и се растуриле низ градот. Од 5 до 8 ноември група од шест борци од Скопскиот одред илегално се префрла во Велес, со намера да се приклучи на Прилепскиот партизански одред. Во групата се: Васил Антевски – Дрен, Благоја Давков, Невена Георгиева – Дуња, Боро Боцевски, Даме Крапчев и Боро Ончев.
На 6 јануари 1942 година, покрај реката Лепенец, на патот Скопје-Качаник, се состанале борците на Скопскиот одред, Даме Крапчев, Александар Урдаревски и Трајко Стојков. Се договориле да заминат за Косово со цел да се поврзат со тамошното народно-ослободително движење. На 17 април 1942 година, Даме Крапчев, Раде Јовчевски – Корчагин, Кемал Сејфула, Трајко Стојков и Ѓорги Саздовски влегуваат во составот на новоформираниот Вториот скопски партизански одред, кој во тој момент броел 10 борци.