Српското Обвинителство за организиран криминал објави дека 5 тони марихуана (точно 5.002.079,18 грама) од територијата на Република Македонија претставува клучен елемент во истрагата за најголемата заплена на дрога во историјата на Србија.
Според обвинителството, организирана криминална група во периодот од почетокот на јануари до 29 јануари 2026 година набавила огромна количина марихуана во Македонија, која потоа била нелегално транспортирана преку границата и пласирана на српскиот пазар.
Дрогата ја пренесувал преку границата осомничениот Иван Драгниќ, по план на организаторот.
Марихуаната била складирана во магацин поврзан со семејството Спасојевиќ.
Од таму, осомничениот Урош Младеновски ја преземал дрогата за понатамошна продажба.
Посебно внимание привлекува фактот што Иван Драгниќ е косопственик на скопската компанија ALPHAPHARM, регистрирана за производство и преработка на медицински канабис. Овој податок, според српските медиуми, ја отвора линијата на истрага за потеклото на дрогата и можната поврзаност со легалниот бизнис со канабис во Македонија.
Јавниот обвинител за организиран криминал во Србија донесе наредба за спроведување истрага против:
Александар Мијајловиќ (организатор, во бегство)
Небојша Спасојевиќ
Раде Спасојевиќ
Иван Драгниќ
Урош Младеновски
Сите осомничени го искористиле правото на молчење по сослушувањето. Обвинителството побарало притвор за сите, а за Мијајловиќ и меѓународна потерница.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека ова е апсолутен рекорд во историјата на српската полиција. Претходниот најголем запленет товар бил 1.960 килограми, додека во текот на целата 2025 година биле запленети вкупно 6,1 тон наркотици. Оваа заплена од над 5 тони марихуана значително го надминува тој износ.
Истрагата продолжува со фокус на меѓународниот карактер на групата, потеклото на дрогата и можните врски со легалниот сектор за медицински канабис во Македонија.
