Македонија

Семејството на Тоше Проески се дистанцира од најавениот концерт во Сплит

Нема да настапат Кристијан, ниту придружниот бенд на Тоше. Организаторите немаат службена дозвола од нас за негово одржување, а ние сме единствените носители на правата – се вели во објавата.

Семејството на Тоше Проески јавно се огласи по најавите за концертот „Тоше засекогаш – музика која живее“ (Toše Forever – Glazba Koja Živi), кој е закажан за октомври во Сплит, предупредувајќи ги обожавателите да не бидат доведени во заблуда. Во соопштението, кое на социјалните мрежи го објави сестрата на Тоше, Дора Проеска, а го сподели и нејзиниот син Кристијан Ристески, се наведува дека семејството не стои зад овој настан и дека организаторите немаат нивна согласност.

  • „Јавно и недвосмислено сакаме да ве известиме дека оваа информација не е точна. Нема да настапат Кристијан, ниту придружниот бенд на Тоше. Организаторите немаат службена дозвола од нас за негово одржување, а ние сме единствените носители на правата“, се вели во објавата.

Семејството истакнува дека ги поддржува сите искрени настани посветени на ликот и делото на Тоше Проески, но дека нема да дозволи, како што наведува, „отворена манипулација со неговото име и неговата публика“.

Во обраќањето до фановите тие апелираат да не наседнуваат на, како што велат, „невистини и комерцијални манипулации“, додавајќи дека токму обожавателите секогаш биле најважниот дел од животот и кариерата на Тоше.

Најнови вести од: Македонија

To top