Македонската претседателка посочи дека историјата покажува оти земјата знае да прави тешки, но важни чекори и дека Македонија е единствената држава што го смени своето име. Таа нагласи дека во дипломатските односи често се посочува оти договорите треба да се почитуваат, но тоа не значи дека секој договор може да наметне промена на Уставот.
Сиљановска-Давкова додаде дека според власта договорите треба да се почитуваат во духот на соработката, без да се кршат домашните правила. Таа истакна дека во договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година нема ниту еден збор за уставни измени, потенцирајќи дека таквите прашања не може да се воведуваат преку протоколи договорени меѓу министри, без ратификација во парламент.
„Не може двајца министри за надворешни работи во улога на конзули да менуваат договор. Тоа е спротивно на правните принципи.“ – истакна таа, додавајќи дека не ѝ е јасно како вакви одредби станале дел од преговарачката рамка со ЕУ.
Според претседателката, постои опасност преку протоколите да се отвораат нови прашања, кои не се поврзани со Копенхагенските критериуми, туку претставуваат мешање во внатрешните работи на државата.
Поради ова, како што рече Сиљановска-Давкова, експертите, вклучително и Венецијанската Комисија, велат дека земјата треба да најде рамнотежа меѓу почитувањето на домашните институции и меѓународните очекувања.