Македонија

Сиљановска-Давкова: Струшките вечери на поезијата веќе 65 години ги поврзуваат светските меридијани, a Струга е најпоетскиот град на планетава

Струшките вечери на поезијата, поетски дом, кој веќе 65 лета поврзува меридијани, го соединува и обединува светскиот поетски сој со љубителите и почитувачите на убавата реч во старата, но витална Струшка бунтовна република на поетите, кои се борат за подобар и похуман живот. Шест и пол децении сме благословени да бидеме домаќини на мајсторите на јазикот и алхемичарите на мислата, преточувајќи ги во естетика и етика, истакна вечерва од Струга претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прогласувајќи ги за отворени 65. Струшки вечери на поезијата.

Изразувајќи задоволство што е дел од најпрестижната поетска манифестација, шефицата на македонската држава подвлече дека Струга е најпоетскиот град на планетава, градот што живее од емотивни изблици и со нив, во којшто, како што рече претседателката, песните креираат слики на радост и тага, плач и смеа, еднината станува множина, односно дело и култура.

– Струга видела и неа ја виделе многубројни врвни учесници и лауреати на Златниот венец, поетски роднини на Прличев. Нивните имиња се посеани во Паркот на поезијата, заедно со засадените дрвја, како верни сведоци на безграничноста на поезијата. Благодарение на нив и на неа, ја победуваме ефемерноста на настаните и нештата што нѐ вознемируваат и нервираат со вечноста на духот. И годинава, овде во Домот на поезијата „Браќа Миладиновци“ сведочиме за едноставноста и скромноста на маговите на зборот, кои рецитираат небаре водат битка на живот и смрт, нѐ тревожат или галат, отвораат универзуми, нѐ соочуваат со болните вистини, нѐ фрлаат или спасуваат од водите на Дрим, небаре јагули желни за Саргасовото Море, нѐ учат и поттикнуваат на непокор, слобода, пркос, чувствителност и мудрост- рече Сиљановска-Давкова.

И покрај наездата од алгоритми и сурова вештачка интелигенција, претседателката нагласи дека сепак верува дека поезијата сѐ уште има моќ да го менува, па и да го спаси светот. Според неа, книжевноста била и останува да биде не само естетски, туку и општествен бунт. – Големиот Андре Бретон, творецот на надреализмот, пред речиси осум децении во неговата „На патот за Сан Романо“, напиша дека „поетската како и љубовната прегратка го покриваат погледот на бедата на светот“. Инаку ако побарате од семоќната и сеумната вештачка интелигенција да ви го најде македонскиот препев на оваа песна, ќе останете без одговор, па ви остануваат старите, верни библиотеки и книги. Бедата на светот и отчовеченото до непрепознавање човештво, не се искоренети и сѐ уште се тука, дури и повидливо од лани. Не е доволно да ги покриваме очите и да се затскриваме. Време е да се соочиме со бедата на светот, нашата човечка беда. Време е за катарза, клекнати пред ѕидот на срамот, подолг и од Кинескиот, заклучи претседателката на државата.

Струшките вечери на поезијата за министерот за култура и туризам, Зоран Љутков се повеќе од книжевен настан. Претставуваат една од најуспешните културни приказни на современа Европа. – Тие претставуваат сведоштво дека културата сè уште поседува сила да создава блискост таму каде што постојат разлики и да гради доверба таму каде што постојат растојанија. Поезијата отсекогаш била еден од најсигурните начини на кои човештвото разговара со својата совест. Во стихот се зачувани стравовите и надежите на епохите, сеќавањата на народите и вечната човечка потрага по смисла. Оттаму произлегува и нејзината трајна вредност: таа не нуди готови вистини, туку го проширува хоризонтот на нашето разбирање за светот и за самите себе си- рече Љутков.

Најнови вести од: Македонија

(Видео): Ќе нема зголемување на старосната граница за пензионирање, проблемите се детектирани се преземаат мерки

ВМРО-ДПМНЕ го исполни ветувањето, за две години пензионерите добија линеарно зголемување на пензиите од 7.000 денари, рече пратеничката Дијана Илиевска.

ВМРО ДПМНЕ: Фрчко Малиот да му поднесе кривична пријава на ексминистерот за здравство Филипче, кога се криеле 400 наоди за неисправна вода во Гостивар!

„Талогот на СДС повторно се појави. Овој пат во ликот на мали Фрчко, кој се измачил на топлото време и отишол пред Јавно обвинителство. Но, ја утнал адресата од кои бара одговорност за случајот со водата во Гостивар.“ – реагира ВМРО ДПМНЕ.

To top