Македонија

Сиљановска-Давкова: Уставот не е само закон над законите, туку и општествен договор меѓу граѓаните и државата

Средбата со младите правници е дел од серијата разговори што тие ги иницираа со личности кои учествувале во создавањето, толкувањето и изучувањето на Уставот

По повод 35-годишнината од донесувањето на македонскиот Устав, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера имаше средба со претставници на Македонското здружение на млади правници, придружени од други правници, одбрани на конкурс.

Претседателката, која во 1991 година беше надворешна членка на Уставната комисија, најпрво го изрази својот став за концептот, содржината и структурата на Уставот, а потем ги презентираше фазите на неговото донесување, со посебно внимание на подготовката на Нацрт уставот, којшто беше ставен на јавна дискусија, од којашто произлегоа бројни забелешки на преднацртот и предлог измени. Таа ја опиша атмосферата во којашто се одвиваше дебатата меѓу пратениците, стручната група којашто го подготви работниот текст и експертите.

Претседателката начелно, позитивно го вреднува уставот од 1991 година, повикувајќи се на компаративните уставни решенија, на оценката на релевантни меѓународни институции и конституционалисти, но укажа и на проблематичните решенија што не го положиле тестот на времето.

Исто така, посочи дека сме рекордери во уставни измени, меѓу коишто голем број се октроирани однадвор, дека сме редок пример на држава којашто сменила преамбула два пати, а згора, со непозната уставно правна техника, дека уставот е тежок за читање, заради непрецизните и нејасни одредби и различната и неусогласена правна терминологија, што го прави податлив за различни интерпретации.

За неа, односот кон уставот е далеку од однос кон lex superior и најважен општествен договор меѓу граѓаните и државата.

Според Сиљановска-Давкова, Уставната комисија, во којашто треба да се вклучат и надворешни уставноправни експерти мора континуирано, по примерот на другите парламенти, да го следи спроведувањето на уставот, детектирајќи ги слабостите на уставноправниот систем и предлагајќи соодветни решенија, како и подготвувајќи нов дел како уставна материја за односот меѓу македонското и европското право.

Претставниците на Македонското здружение на млади правници укажаа на потребата од негување на уставниот патриотизам, водени од важноста на едукацијата за уставот како темел на правниот поредок, гарант на човековите права и слободи и основа за функционирање на демократските институции.

За нив, Собранието во процесот на уставните измени мора да ја почитува процедурата, не заборавајќи дека суверенитетот извира и им припаѓа на граѓаните. Тоа мора да биде отворено за експертите во текот на работата, а преферирајќи инклузивни постапки на одлучување.

Средбата е дел од серијата разговори што ги иницираа младите правници со личности кои учествувале во создавањето, толкувањето и изучувањето на Уставот.

Најнови вести од: Македонија

Ахмети: Балканските криминалци соработуваат, но не и политичарите

„Трагедијата е во тоа што народите и политичарите кои ги претставуваат – и Македонците, и Албанците, и Србите – не успеваат да соработуваат за да изградат мирен Балкан и посигурна иднина за сите нас“, вели лидерот на ДУИ

Аларм: Секое 10-то дете во Македонија изложено на сексуална злоупотреба на интернет

Секое десетто дете во Македонија на возраст од 12 до 17 години коешто користело интернет било изложено на сексуална експлоатација и злоупотреба. Станува збор за околу 12.000 деца, бројка што ја потврдува и последното истражување на УНИЦЕФ.

(Видео): Проблемот со кравите во Крива Паланка стигна до Обвинителството – Општината поднесе кривични пријави

Крива Паланка, заедно со жителите од засегнатите села, поднесоа неколку кривични пријави до Обвинителството поради институционално непостапување по извршни решенија за одземање на добитокот што слободно шета во градот и пошироко.

To top