Македонија

Сиљановска-Давкова: Хидробиолошкиот завод е првата линија на одбрана во борбата против исчезнувањето на видовите, загадувањето на водите и климатските промени

Пастрмката да опстане во Охридското Езеро, Преспа да продолжи да биде дом на ретките птици, Дојран да го сочува рибарскиот дух, а Хидробиолошки завод да слави и по следните 90 години

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на свечената академија по повод 90-годишнината од основањето на Хидробиолошкиот завод – Охрид, најстарата македонска научно-истражувачка институција, формирана во 1935 година од академикот Синиша Станковиќ.

 

 

Таа ја истакна незаменливата улога на Заводот во проучувањето, заштитата и афирмацијата на Охридското Езеро, како и во зачувувањето на биолошката разновидност на Преспанското и Дојранското Езеро.

 

 

За неа, Хидробиолошкиот завод е жив сведок на човечката упорност и стремеж да се проникне во тајните на природата, обезбедувајќи генерациска мисија за зачувување на езерските екосистеми и истовремено создавајќи научна мисла со меѓународен углед.

 

 

Според неа, наш императив мора да биде да го сочуваме и да го одржуваме овој непроценлив животен ресурс. Нашите водени бисери: Охридското Езеро, Преспанското Езеро и Дојранското Езеро, се наше и светско наследство.

 

 

Таа укажа на неопходноста од зголемување на поддршката за Заводот, преку дополнителни инвестиции во опрема и кадровско доекипирање, бидејќи човечките ресурси се најсилниот капитал на институцијата.

 

 

Претседателката упати честитки до генерациите научници и вработени во Хидробиолошкиот завод за нивната пожртвуваност и посветеност, истакнувајќи дека нивната работа претставува најдобар пример за хармонија меѓу човекот и природата.

 

 

„Посакувам пастрмката да опстане во Охридското Езеро, Преспа да продолжи да биде дом на ретките птици, Дојран да го сочува рибарскиот дух, а вашиот Хидробиолошки завод да слави и по следните 90 години,“ порача претседателката.

 

 

 

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

 

 

 

Почитувани славеници,

 

Почитувани колешки и колеги,

 

Почитуван министре,

 

Почитуван градоначалнику,

 

Почитуван академику,

 

Почитувани гости,

 

Дами и господа,

 

 

 

Се собравме во прекрасната „Св. Софија“ за да одбележиме еден импозантен јубилеј – 90 години научен живот на Хидробиолошкиот завод – Охрид, најстарата македонска научноистражувачка институција, основана во далечната 1935 година од академикот Синиша Станковиќ.

 

 

 

Заводот е жив сведок на човечката упорност и успех да проникне во тајните на природата и да го сочува непроценливото езерско богатство, инспирирајќи ја релевантната научна заедница.

 

 

 

Како што е ред, најпрво сакам да им оддадам должно признание на оние пред вас, почнувајќи од славниот татко – основач, великиот Синиша Станковиќ. Тој, но и оние околу него ја втемелија и ја градеа оваа навидум скромна институција во која израснаа генерации научници и вработени, вклучувајќи ве и вас, денес присутните.

 

 

 

Се прашувам – има ли поголем професионален предизвик од тој да му се посветите стручно и страсно на уникатното Охридско Езеро, старо дури милион и триста илјади години, најстаро во Европа, да го проучувате, да го мониторирате, да го штитите, да го негувате, да го обновувате, па дури и да го оживувате. Вие сте за мене ин витро оплодувачите на охридската пастрмка во вашиот, односно вашиот инкубатор – мрестилиштето, без кое, овој ендемски вид, би исчезнал од езерските води.

 

 

 

Ме запознавте минатата година со вашиот сложен систем на функционирање. Знам дека располагате со софистицирана лабораториска опрема. Знам дека поседувате брод за теренска работа во езерските води. Знам дека ги истражувате невидливите светови на микроорганизмите како и величествената хармонија на флората и фауната, единствена во светски рамки.

 

 

 

Јасно ми е дека во технологијата мора постојано да се инвестира и да се биде во тек со најновите технолошки достигнувања и иновации. По она што го видов и она што го дознав минатата година, сигурна сум дека најсилната страна на оваа институција сте вие, човечките ресурси. Затоа, токму ним треба да им обрнеме посебно внимание. Научноистражувачката дејност на Заводот може да се согледа низ 800-те и повеќе објавени трудови, како и низ плодната образовна дејност којашто кулминира со последипломските студии. Ова го знам од вашите материјали од минатата година.

 

 

 

Вредно за истакнување е дека сте потписници на повеќе од 50 договори за соработка со институции од целиот свет и активни учесници во низа европски и меѓународни програми и проекти. Евидентно е дека Хидробиолошкиот завод ја зајакна позицијата на македонската научна мисла во Европа, но и пошироко.

 

 

 

Не смее да се занемари и превиди дека Хидробиолошкиот завод од Охрид се грижи и за нашите останати водни ресурси, за двете други природни езера, како и за другите водни површини, а како таков претставува првата линија на одбрана во борбата против климатските промени, исчезнувањето на видовите и загадувањето на водите.

 

 

 

Јавна тајна е дека слатката вода како ресурс е во фокусот на сегашноста, а ќе биде клучна и во иднината. Впрочем, предвидувањата велат дека таа можеби, или веројатно ќе биде извор на идните светски конфликти.

 

 

 

Но, не смееме да замижуваме пред горчливата вистина за сенките понекогаш надвиснати над езерото: неконтролираниот урбанизам, загадувањето, несоодветното управување со отпадните води, смртната опасност по јагулата и нејзиниот попречен, па и оневозможен пат кон Саргасовото море и назад, сечењето на трските и уништувањето на блатото. Сето ова не смееме да не го гледаме. Благосостојбата на езерото не е сама по себе загарантирана, ако општеството и институциите не се грижат за него и ако не војуваат со него. Да потсетам, ако продолжиме и ако дозволиме да го вознемируваат и уништуваат езерото, ќе посегнеме по суицид.

 

 

 

Наш императив, и се радувам од претходно чуеното, мора да биде да го сочуваме и одржуваме овој непроценлив животен ресурс.

 

 

 

Хидробиолошкиот завод не е чувар единствено на Охридското Езеро, веќе споменав. Тој е посветен и на другите два бисери на македонската водена ризница: Преспанското и Дојранското Езеро.

 

Преспанското Езеро за мене е величествено по својата тивка убавина и уникатната хидролошка врска со Охридското, претставува резервоар на биолошка разновидност и рај за ретките видови птици.

 

Дојранското Езеро, пак, со својата древна традиција на риболов и уникатна биолошка рамнотежа, е оригинален пример за соживот меѓу природата и човекот. Тој мора да продолжи.

 

 

 

Свесни за клучната, незаменлива улога на Хидробиолошкиот завод од Охрид, јас апелирам и се јавувам, и праќам писма за зголемување на неговиот буџет заради инвестирање во опрема, но и во кадровско доекипирање како најдобра инвестиција за натамошната успешна работа на сите негови одделенија со кои бев запознаена, како интегрален дел на оваа институција.

 

 

 

Имаме генерациска обврска да обезбедиме непречено и континуирано функционирање на фундаменталната научноистражувачка и образовна дејност од областа на биологијата – лимнологијата, ме научија минатата година, на Хидробиолошкиот завод, свесни и сигурни дека тој и понатаму ќе биде нашиот репрезент во науката во светски рамки.

 

 

 

Почитувани,

 

 

 

Посетата на Охрид и на Охридското Езеро секогаш е можност за нурнување во длабоките и богати слоеви културно-историското наследство, за уживање во врвните културни манифестации како Охридско лето, Струшки вечери на поезијата, Охридски маратон, Инженерски прстен, бројните етно и фолклорни фестивали коишто се секогаш и, сепак, само придружна содржина на она што е најважно и најпривлечно: неговото височество „Охридското езеро“, езерото над езерата, опеано, сликано, опишано, оплакувано, сакано, обожувано.

 

 

 

Но, за милион и триста илјади години битисување и опстојување, сите културни слоеви, уметнички и архитектонски достигнувања, раскошни и прекрасни архитектонски дела од кои некои и десетина векови стари, ние и нашите достигнувања сме само зрно песок крај езерскиот брег или езерска далга, или езерски бран, школка или галеб, облак или миг, лик во мамутската езерска приказна, недоврешен роман, езерска епопеја…

 

 

 

На крајот, дозволете ми од ова возвишено, благословено место, уште еднаш да потенцирам: мораме да се грижиме и да ги сочуваме нашите природни убавини и реткости. Тие се вечни, тие се наше, но и светско наследство и му припаѓаат на целото човештво, а не само нам. Да склучиме договор со природата, да склучиме договор со Охридското Езеро, а можеби да донесеме закон за Охрид, третирајќи го како надредено над нас, постаро и поважно. Да го заштитиме и чуваме, оти преку него се штитиме себеси. Да вложуваме во екологијата. Да го оставиме него и неговото опкружување како што сме ги нашле и наследиле од претходните генерации, но и позајмиле од идните.

 

 

 

Посакувам пастрмката да си опстане во Охридското Езеро, Преспа да продолжи да биде дом на ретките птици, Дојран да го сочува рибарскиот дух, а вашиот Хидробиолошки завод да продолжи да ја одржува хармонијата меѓу човекот и природата.

 

 

 

Посакувам, Хидробиолошкиот завод овде, во „Св. Софија“, да слави и по следните 90 години!

 

 

 

Да уживаме во природните убавини, свесни за нивната вечност и нашата минливост.

 

 

 

Овој јубилеј е повод за гордост, но и потсетник за нашата одговорност, и мојата.

Ви благодарам.

 

Најнови вести од: Македонија

(Фото): Мицкоски на средба со Орбан: Македонија и Унгарија градат силно стратешко партнерство

Двајцата премиери разговарале и за инфраструктурната поврзаност, енергетската стабилност и регионалната соработка, оценувајќи дека во услови на глобални предизвици, силните партнерства се клучни за обезбедување стабилност и развој. Беше истакната и важноста на поддршката што нашата држава ја добива од Унгарија во контекст на европската перспектива, при што беше нагласено дека процесот на интеграција треба да се темели на принципиелност и мерит-систем.

(Фото): Кога Скопје ќе го добие долгонајавуваниот БРТ транспорт?!

Проектот предвидува изградба на две главни линии – Исток–Запад и Север–Југ, како и набавка на современи нископодни автобуси на CNG или хибриден погон, воведување паметни станици и интегриран систем за управување со сообраќајот.

Мицкоски: Повторното воспоставување линија Скопје – Будимпешта e значаен чекор кон подобрување на регионалната поврзаност, економската соработка и развојот на туризмот

Повторното воспоставување на линија Скопје – Будимпешта претставува значаен чекор кон подобрување на регионалната поврзаност, економската соработка и развојот на туризмот, објави премиерот Христијан Мицкоски по пристигнувањето во Будимпешта, каде, како што е најавено, ќе престојува во политичко-економска посета на Унгарија. -Дополнително, македонските граѓани можат слободно да патуваат, што значително ќе ја олесни мобилноста, ќе поттикне културна размена. Ваквите иницијативи се важен чекор кон зајакнување на меѓународната соработка и приближување кон европските стандарди – објави Мицкоски на Фејсбук.

(Фото): Владата посветена на обезбедување континуирана поддршка за сите општини

Преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2025 година, во Општина Новаци се финансираат три проекти во вредност од 8.414.556 денари, додека пак преку Инрегег ИПА Програмата со Република Грција се имплементира Проектот TOUR-HUB – Дигитално унапредување на културното наследство и туризмот, во вредност од 342.542 евра.

Апелација ги зголеми казните за 13-те велешани, осудени за силување девојче на возраст под 14 години!

Апелацискиот суд донесе одлука за зголемување на затворските казни на сите 13 осудени лица од Велес за сексуално злоставување на девојче под 14 години. Првичната пресуда беше донесена од Кривичниот суд во ноември 2024 година. Случајот предизвика силни реакции во јавноста поради првично ниските казни и одлуката на судот да дозволи гаранција за првообвинетиот на почетокот на процесот. 

Бензините поефтинуваат од ноќеска на полноќ, а дизелот ќе има иста цена – Македонија е со најефтини горива во регионот!

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 2,50 ден/лит. Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 3,00 ден/лит. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.

Две убиства за 48 часа! Грк застрелал ловочувар кај Виница, мајка убиена од син во Росоман

Во Виница, 80-годишен грчки државјанин го застрелал 56-годишен ловочувар Д.А. од с. Липец за време на лов. Полицијата покренала кривична пријава против осомничениот по член 123 од Кривичниот законик, а четири лица се лишени од слобода. При претреси во апартманите и возилата на осомничените биле пронајдени четири ловни пушки, околу 800 парчиња муниција и друг доказен материјал од интерес за истрагата.

Најнови вести

To top