Македонија

Спротивставени ставови за психичката состојба на Штекли, Судот ќе решава дали ќе има супер вештачење

Судење за трговија со дрога

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска заврши сослушувањето на вештите лица од Oбвинителството во случајот „Штекли“. Судечкиот совет најави дека ќе ги разгледа сите вештачења и ќе донесе одлука на следното рочиште, закажано за 13 октомври 2025. Од исходот ќе зависи дали предметот ќе биде даден на супер вештачење или ќе продолжи главната расправа.

Вештачењата се однесуваа на психичката состојба на обвинетиот Раде Трајковски Штекли. Одбраната преку вештачењата тврдеше дека тој е психотичен и не е во состојба да ја следи главната расправа, додека, Oбвинителството преку вештачењата тврди дека тој е во добра здравствена состојба.

На денешното рочиште за случајот „Штекли“, пред судот сведочеше вештото лице Оливера Поповска, вработена во Психијатриската болница Скопје. Таа беше испитувана од страна на адвокатот Сашко Дуковски, бранител на обвинетиот Раде Штекли, преку вкрстени прашања.

Поповска во своето сведочење пред Обвинителството изјави дека Штекли има добра психичка состојба, и покрај наводите за „магиско мислење“, кое според неа не претставува показател за халуцинации. Таа додаде дека кај него не може да се дијагностицира шизофренија, но се забележуваат одредени карактеристики на дисоцијалност и шизотипни црти, кои не ги исполнуваат сите критериуми за шизотипно растројство.

Адвокатот Дуковски остро реагираше на вештиот наод, нарекувајќи го недозволен доказ. Според него, по стапувањето на обвинителниот акт на правна сила, не е дозволено самостојно издавање наредби за нови вештачења од страна на застапникот на обвинението, согласно член 246 од Законот за кривична постапка. Тој нагласи дека само Судечкиот совет може да одобри таков предлог, а одбраната има право да се противи.

По сослушувањето, претседателот на Судечкиот совет, судијата Илија Трпков, најави дека Судот уште еднаш ќе ги разгледа двете вештачења.

-Ќе донесеме одлука на следното судење и зависно од одлуката каква ќе биде или ќе го дадеме предметот на супер вештачење или ќе продолжиме со работа, рече тој.

Главната расправа продолжува на 13 октомври.

Обвинението, поднесено од Обвинителството за гонење на организиран криминал, опфаќа вкупно 10 лица, по речиси едногодишна истрага во која биле применети посебни истражни мерки. Првично биле опфатени 16 лица, од кои седум веќе склучиле спогодби и добиле затворски казни од 3 до 3,5 години.

Четворица обвинети – Данчо Масев, Димитар Трајков, Владимир Веселиновски и Бранислав Зајков, исто така, поднесоа предлог за признавање вина, по што Судот донесе решение за раздвојување на кривичната постапка.

Според Обвинителството, групата била добро организирана, со јасно дефинирани улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана. Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата се одвивала преку апликацијата Snapchat, а клучни докази биле обезбедени преку „Cellebrite“ системот за анализа на мобилни телефони, донација од САД.

Најнови вести од: Македонија

Над 1000 повици за паднати дрвја и летнати кровови пријавени во ЦУК по невремето во Скопје

Повеќе од 1.000 повици од граѓани се евидентирани на Единствениот број за итни повици 112 по силното невреме проследено со силен ветер што попладнево го зафати Скопје, информира Центарот за управување со кризи

„Визер“ ја крева Македонија повисоко на европското небо, додаде уште еден авион

Скопскиот аеродром добива нов залет со проширувањето на базата на „Визер“, која носи повеќе летови и нови европски дестинации. Порастот на бројот на патници покажува дека воздушниот сообраќај во Македонија влегува во нова фаза на развој. Со седмиот авион, земјава се приближува до целта од четири милиони патници годишно, а придобивките се очекуваат и во туризмот, бизнисот и во економијата.

To top