Македонија

Струга е поетска република што гради мостови и го менува светот, Сиљановска-Давкова ги отвори Струшките вечери на поезијата

Сиљановска-Давкова оцени дека најважните белези на струшкиот поетски републиканизам се: универзалноста, отвореноста, инклузивноста, рамноправноста, талентираноста, компетитивноста, слободољубивоста

 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер го прогласи за отворено 64. издание на Струшките вечери на поезијата и во рамки на свеченото отворање на фестивалот го проследи Меѓународното поетско читање – „Поетски меридијани“.

 

Во своето обраќање, таа ја нагласи историската важност на фестивалот и потсети на 1961 година, кога група македонски поети се собрале за да ја одбележат 100-годишнината од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци, втемелувачите на „Струшките вечери на поезијата“, коишто од Струга направија културна, поетска република.

 

Сиљановска-Давкова оцени дека најважните белези на струшкиот поетски републиканизам се: универзалноста, отвореноста, инклузивноста, рамноправноста, талентираноста, компетитивноста, слободољубивоста. Таа укажа дека Струга како поетска република ги обединува поетите од различни континенти, држави и култури, без разлика на политичките, или идеолошките поделби.

Претседателката во обраќањето поставува важни прашања за релевантноста на поезијата во современиот свет, во време на дигитална зависност, сензационализам и забрзана технологија. Предупредувајќи на предизвиците што ги носи вештачката интелигенција нагласи дека неможното за вештачката интелигенција е можно за поетите, коишто се единствените господари на чувствата и волшебници на зборот.

Потсетувајќи на судбината на АБЕЦЕДАРОТ, забранетите книги, како и на делата на браќата Миладиновци, Сиљановска-Давкова констатираше дека живиот збор е делотворно оружје што може да ја разбуди совеста, да поттикне активност и да ја промени реалноста.

„Ова е вашата поетска република. Од тука, од Струга, вие сте го менувале и сѐ уште можете да го менувате светот, градејќи вечни поетски мостови од неуништливи материјали: мислата и зборот, проткаени со ум и чувства“, им порача на поетите.

Сиљановска-Давкова го поздрави враќањето на најважните белези на фестивалот: читањата кај споменикот на Свети Климент во Охрид, поетското пловење до Свети Наум и поетското матине во „Св. Богородица Перивлепта“.

 

Во продолжение е интегралниот говор на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитуван директор на Струшките вечери на поезијата, г. Никола Кукунеш,

Почитуван министер за култура и туризам, г. Зоран Љутков,

Почитувани поети,

Ценети присутни,

Драги стружани,

Чест ми е да се дружам со седумдесеттина поети, но и со бројни критичари, преведувачи, литературни соработници и љубители на поезијата, овде, во македонската и светска престолнина на поезијата.

Што вели историјата на овој голем настан?

Во 1961-та година, пред 64 години, група македонски поети се собрале тука, во Струга, за да ја одбележат 100-годишнината од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци. Тие се впрочем втемелувачите на „Струшките вечери на поезијата“, коишто од Струга направија културна, поетска република.

Шетајќи низ „Паркот на поезијата“, покрај нобеловците: Неруда, Монтале, Бродски, Хини, Транстремер, но и нашите великани: Конески, Матески и Урошевиќ, имате чувство дека и самите, за миг, сте станале дел од антологијата на современата светска поезија.

Годинава, ним ќе им се придружи и великиот словачки поет, Иван Штрпка.

Најважните белези на струшкиот поетски републиканизам се: универзалноста, отвореноста, инклузивноста, рамноправноста, талентираноста, компетитивноста, слободољубивоста. Струшкиот поетски демократски полис не се води од идеологијата, политиката или геополитиката, овенчувајќи ги со „Златен венец“ поетите од различни континенти, држави, системи и нации. Да се потсетиме на Вистон Хју Одн и Ален Гинсберг, Фазил Хисни Дагларџа и Јанис Рицос, Јехуда Амихај и Махмуд Дарвиш.

Струшкото поетско општество е рамноправна заедница, којашто ги награди и поетесите: Десанка Максимовиќ, Нанси Морехон, Маргарет Атвуд, Ана Бландијана, Ен Дафи и многу други.

Струга не ги заборава младите поети и, во соработка со УНЕСКО, го доделува признанието „Мостови“, коешто годинава ќе му припадне на полскиот поет Матеуш Шимчиќ.

Благодарение на препевите, Струшката поетска република прерасна во уникатна, плодна, оригинална јазикотворна лабораторија.

Зар не мислите дека струшката поетска приказна е најдобриот пример и модел на Делчевиот културен натпревар меѓу народите, особено актуелен во ова ужасно конфликтно и воено време што не потсетува на Лорка.

И додека ние во Струга ја славиме поезијата, продолжува натпреварот во вооружување и трката за профит на сметка на човештвото и природата. Ние зборуваме за мир и за соработка, а тие учествуваат во воени судири и предизвикуваат невидени човечки страдања.

Пред нас се логичните прашања: Дали и колку е релевантна поезијата денес, во ера на расеаност и тиранија на ургентното, кога сè повеќе луѓе се закотвени крај мобилните, компјутерите и малите екрани, заведени и навлечени на сензационализам без суштина, изгубени во виртуелниот свет и заслепени од видеократијата и спектаклот?

Дали поезијата може да нѐ залечи, излечи и исцели од епидемијата на рамнодушност кон страдањата на ближниот или различниот?

Дали поезијата може да нѐ ослободи од дигиталните ѕидови во кои се самозаробивме?

Дали и колку сте релевантни вие, поетите, во време кога за неколку секунди алгоритмите на вештачката интелигенција можат да генерираат стихови во ваш стил, со врвна умешност, вична да ги збуни и најверните вљубеници во поетскиот збор?

Дали оваа, навидум наивна игра на имитација, импровизација, симулација, мимикрија и камелеонство, меѓу редови праќа порака дека вештачката интелигенција ќе ги замени дури и поетите и поетското творештво!

Дали Струшката поетска република е под закана да стане утопија?

За да одговориме на овие прашања, мора одново да се навратиме на дилемата со којашто се соочија Достоевски и Солженицин, а на која се обиде да одговори Жан Пјер Симеон: „Може ли убавината, уметноста и/или поезијата да го спасат светот? Може ли поезијата да нѐ менува нас и преку нас да ја менува реалноста?

Според мене, одговорот зависи од тоа дали веруваме во моќта на зборовите или не.

Оние кои не веруваат во силата на зборот, најпрво ги потсетувам дека речта беше на почетокот, а потем на забранетите книги. Меѓу нив е и АБЕЦЕДАРОТ, издаден во 1925-тата, пред 100 години, во Атина, под притисок на Лигата на народите, којшто бил веднаш запленет и уништен, токму поради моќта на зборовите да го оживеат македонскиот јазик и идентитет кај децата – Македонци.

Или, сетете се на браќата Миладиновци, но и на другите преродбеници, коишто самопрегорно ги собирале и ги запишувале народните зборови, народните песни, народните обичаи, гатанки и приказни за да ги зачуваат од заборав и исчезнување.

Ако зборовите немаат моќ, зошто моќниците од секоја историска епоха се обидувале да ги контролираат нив и нивните творци, од Овидиј, па до Лорка?

Моќниците знаеле дека поезијата не е само естетско доживување, устен или писмен запис на чувства и мисли, туку и етички став кон битните проблеми во животот и општеството.

Како свест и совест на времето, поетите, небаре старозаветни пророци, ги разобличуваат лагите и ги критикуваат неправдите, делувајќи просветлувачки и просветителски. Во спротивно, го изневеруваат повикот или завршуваат во ларпурлартизам.

Македонскиот поет и прв претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата, Ацо Шопов, би рекол дека вие, поетите и поетесите, во песната сте како во студена пештера каде што лежат огромни, расфрлени и скаменети зборови. Вие сте тие коишто треба да ги спасите од смртта, да ги разбудите од скаменетиот сон, да ги оживеете.

А живиот збор беше и е моќно и делотворно оружје. Речта може да нѐ соочи со вистината, да ни ја разбуди совеста, да ни ја поттикне хуманоста, да ни ги исцели раните, да ни ја ослободи имагинацијата, а со тоа, поттикнувајќи активност, да ја промени реалноста.

Живиот збор, поетскиот збор, учи, преобразува. Во него лежи и од него извира силата на поетската република, на Струшките вечери на поезијата.

А што е со вештачката интелигенција, ќе праша некој. Нели таа ќе ги замени поетите?

Се прашувам и прашувам: можат ли алгоритмите на вештачката интелигенција да почувствуваат т’га за југ или немир поради студот и мракот, или нескротлив копнеж за Охрид и Струга?

Можат ли алгоритмите да почувствуваат восхит за бистрото езеро и планините со кои е опкружено, или преобразба од Божјата убавина? Можат ли да ги уловат и доловат внатрешните чувства, мигови на љубов, страст, тага или гнев, можат ли да ги дофатат неповторливите фрагменти, што нѐ прават посебни и единствени човечки битија? Можат ли алгоритмите да ги оживеат зборовите? Не. За среќа, сѐ уште не.

Неможното за вештачката интелигенција е можно за вас. Само вие, поетите, сте господари на чувствата и волшебници на зборот. Не случајно Перси Шели, својата „Одбрана на поезијата“ од 1821-та година, ја завршил со зборовите: „Поетите се непризнати законодавци на светот“.

Ова е вашата поетска република. Од тука, од Струга, вие сте го менувале и сѐ уште можете да го менувате светот, градејќи вечни поетски мостови од неуништливи материјали: мислата и зборот, проткаени со ум и чувства.

Фокусирањето на глаголицата води 1160 години назад, кон старословенскиот јазик и огромната обединувачка улога на сесловенските просветители Кирил и Методиј, кон писменоста и нејзината најблиска другарка – поезијата.

Го поздравувам враќањето на најважните белези на Струшките вечери на поезијата: читањето кај споменикот на Свети Климент во Охрид, поетското пловење и рецитирање во Свети Наум и поетското матине во дворот на „Света Богородица Перивлепта“.

Очекувам значајна издавачка дејност, вклучувајќи ја и монографијата на лауреатот Иван Штрпка.

Да бидам со вас, поетите и поетесите, и да ја слушам вашата поезија е чест за мене.

Верувам дека по 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата, Струга, но и светот ќе бидат поинакви.

Дозволете ми, со особено задоволство да ги прогласам овогодинешните Струшки вечери на поезијата за отворени!

Препуштете ѝ се, оти овие вечери, како Струга нема друга!

 

 

 

 

 

Најнови вести од: Македонија

Османи: Преку Филков, Мицкоски пушти пробен балон, целта е да се демонтира Охридскиот договор

Бујар Османи, поранешен министер за надворешни работи и кандидат за градоначалник на Чаир од редовите на ДУИ, изрази силна загриженост за изјавите поврзани со Бадентеровото мнозинство, оценувајќи ги како дел од план за поткопување на Охридскиот рамковен договор.

Николоски: Постојните мобилни оператори не направија ништо да ги намалат цените

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, по денешното отворање на понудите за тендерот за нов мобилен оператор, на кој единствен учесник беше „ОНЕ Македонија телекомуникации“, изјави дека конкуренцијата е клучна за пазарот и дека очекува намалување на цените за услугите во мобилната телефонија.

Отворање на понудите за трет мобилен оператор – Граѓаните со очекувања, пазарот со предизвици

Во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска треба да бидат отворени понудите од тендерот за доделување фреквенции за трет мобилен оператор. Предвиденото јавно наддавање ќе се изврши доколку за исто одобрение за користење радиофреквенции се квалификуваат најмалку двајца понудувачи. Доколку се заокружи постапката со која што покрај „Македонски Телеком“ и „А1 Македонија“ во државава ќе […]

Премиерот Мицкоски денес на увид во санацијата на хидросистемот Ѓавато во Дојран, запуштен цели седум години претходно

Хидросистемот Ѓавато и проектот за спас на Дојранското езеро се проект на Владата на Република Македонија, на кој му се придава особено внимание.

To top