Македонија

Судија заминал во пензија 3 дена откога му го вратиле пасошот на бизнисменот

Претседателот на Основниот суд Струга, кој претседаваше со Кривичниот совет кога тој одлучи да му го врати пасошот на обвинетиот бизнисмен Борче Марковски, од вчера повеќе не е судија поради исполнување на условите за старосна пензија

Претседателот на Основниот суд Струга, Вулнет Винца, кој претседаваше со Кривичниот совет кога тој одлучи да му го врати пасошот на обвинетиот бизнисмен Борче Марковски, од вчера повеќе не е судија поради исполнување на условите за старосна пензија, објави „360 степени“.

 Вулнет Винца, поднел барање до Судскиот совет да продолжи да ја врши функцијата, кое на денешната седница на Советот било одбиено со образложение дека задоцнил со доставувањето на потребната изјава. Воедно, Советот констатирал дека Винца месецов ги исполнил условите за старосна пензија, дознава 360 степени.

Откако судот му го врати пасошот, бизнисменот Марковски вчера бил задржан на граничниот премин „Табановце“, но по извршените проверки му било дозволено да ја напушти државата бидејќи против него немало активна мерка за забрана на преминување на границата.

Адвокатот на Марковски денеска изјави дека тој не избегал од државата, туку заминал во Србија за да се ангажира околу тамошните бизниси кои ги поседува. Тој и седуммина други луѓе се обвинети за кривични дела поврзани со јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“.

Иако опремата воопшто не се планирала за во Битола, бил спроведен тендер, потпишан договор во висина од околу 1,7 милиони евра, а неговата компанија „Марковски компани“ како добитник ги демонтирала машините од Кичево, ги донела во Битола и ги оставила немонтирани во кругот на РЕК „Битола”.

Најнови вести од: Македонија

Дезинформациите ја загрозуваат иднината на македонското рударство

Геологот Ѓорѓи Димов, кој е и декан на Факултетот за природни и технички науки во Штип, изјави дека рударството и геологијата имаат огромно значење за економскиот развој на нашата држава, но и за нејзината иднина.

To top