Македонија

Судството и обвинителството се последните бастиони во одбрана на владата на СДСМ и ДУИ

Како што вели Мицкоски, постојат кочници кои се вградени во институциите на државата и функционираат како длабока држава во државата

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, имаше свое обраќање на денешниот народен митинг одржан во општина Сопиште, во рамки на изборната кампања 2025 година, за претстојните локални избори, чиј слоган е ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина!“. тој се осврна на темата за правдата во државата, а го потенцираше правосудниот систем кој според него, треба да биде непристрасен,  да има судии кои судат според законот, процедури кои ќе ја вратат довербата, а додаде и дека правдата не смее да биде привилегија на малкумина. Како што вели Мицкоски, постојат кочници кои се вградени во институциите на државата и функционираат како длабока држава во државата.

„Многу ме прашуваат изминатиов период, зошто и како не правиме реформи во судството, реформи во обвинителството. Тоа е нешто кое што претставува и за сите нас болка, бидејќи и судството и обвинителството се сегменти коишто се уште, претставуваат последните бастиони во одбрана на претходната влада. Ако некој ме праша зошто, затоа што инсталациите таму, и покрај десетиците би рекол, повеќе од стотина пријави кои што доаѓаат од надлежните институции, поткрепени со докази не ги процесуираат, туку ги држат во фиока. Но после овие локални избори, ќе се навратиме и на таа тема“, кажа Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека е време за ресетирање на системот, со цел да се изгради држава на правда, а во истата таа држава на правда правосудниот систем мора да биде непристрасен и непокорлив. Како што кажа тој, здравствениот систем ќе биде столб на државата, со достапни лекови, модерни болници и стручен кадар.

,,Моментот што го чекале генерации е пред нас  време за ресет на системот, време да ги скршиме ланците на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судии кои судат според законот, а не според влијанија; институции кои штитат, а не кои молчат; процедури кои враќаат доверба, а не кои создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин  брза, достапна и ефикасна. Слободата не е само збор во уставот, туку жив начин на живот: слобода на мислење, слобода на говор, слобода од страв и притисок. Здравствениот систем е биде столб на оваа држава — модерни болници, достапни лекови, стручен кадар и превенција што штити семејства, наместо да ги остави ранливите сами да се борат. Ќе поставиме јасни правила, транспарентни процеси и нулта толеранција кон корупцијата која тоне животи и ја кочи промената “, рече Мицкоски.

Мицкоски ги потенцираше кочниците кои се вградени во сите институции и го кочат напредокот на граѓаните, затоа што истите функционираат како длабока држава, низ мрежи кои се шират низ сите институции, а понекогаш дури и низ етничките заедници.

,,Не можеме да го чекаме утрото додека ситни и големи кочници ја гушат работата на државата, кочници што се вградени во институциите, што делуваат тајно или откриено, и тие ја претставуваат во суштина длабоката држава во државата“, заклучи Мицкоски.

Најнови вести од: Македонија

Кој и зошто му го хакирал мејлот на главниот државен ревизор Максим Ацевски?!

Хакиран бил мејлот на главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, соопшти Државниот завод за ревизија. Можеби е некакво совпаѓање, но Ацевски само еден ден претходно, на 30 јули во интервју за ТВ 24 изнесе дека гостиварското јавно претпријатие „Водовод“ уште од 2007 година работи неодговорно и неефикасно, а неговата сметка во континуитет е блокирана.

Мицкоски за враќањето на пасошот на обвинетиот Марковски: Обвинител во Вишото обвинителство грубо манипулирал, соучесник е во ова, ќе има истрага!

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека го следи случајот со враќањето на пасошот на Борче Марковски, обвинет за злоупотреби од страна на Основниот суд во Струга, и посочи дека во него, како што истакна, „има груба манипулација од локален јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, кој е соучесник во овој процес“.

Армијата на Република Македонија доби 53 нови офицери, Мисајловски им порача: Ќе бидете чувари на мирот, стабилноста и безбедноста

Армијата на Република Македонија денеска доби 53 нови офицери на свечената промоција што се одржа на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. Промовирани беа 36 питомци од 26. класа, 16 слушатели од Курсот за стручно оспособување и усовршување на офицери за службите на Армијата, како и еден питомец, кој дипломирал на престижната Воена академија Вест Поинт во Соединетите Американски Држави.

Јачева- Улчар: Зад посебноста на македонскиот јазик стојат чувствата на македонскиот народ, но и аргументите на европската наука уште пред 120 години!

„Историјата на македонскиот јазик не ја испишувале само Македонците. Во неа своја трага оставиле и некои од најголемите европски лингвисти на своето време. Кога денес зборуваме за македонскиот јазик не смееме да заборавиме дека зад неговата посебност не стојат само чувствата на еден народ. Стојат и научни аргументи изградени многу пред создавањето на современите држави на Балканот. Историјата на македонскиот јазик не треба да се брани со пароли, туку со документи и факти, кои сведочат дека уште пред повеќе од еден век најугледните европски лингвисти го препознале она што денес некои сѐ уште се обидуваат да го негираат.“ – нагласува д-р Елка Јачева – Улчар, професорка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во својата објава на фејсбук со наслов „За посебноста на македонскиот јазик“.

To top