Македонија

Светот мора да ги адаптира постојните мултилатерални безбедносни механизми – Интервју со Д-р Катерина Вељановска Блажевска

Д-р Катерина Вељановска Блажевска е водечки македонски и регионален експерт за безбедност и геостратегија

Д-р Катерина Вељановска Блажевска е редовен професор, политиколог и аналитичар, специјализирана во областа на јавните политики, безбедноста и геополитиката. Нејзиниот меѓународен ангажман опфаќа научноистражувачка работа на Универзитетот за воени студии во Варшава, Полска, Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Ц. Маршал“ во Гармиш-Партенкирхен, Германија, како и на Универзитетот „Бабеш-Бољај“ во Клуж-Напока, Романија.

Со неа разговараме за стабилноста на геополитичката архитектура во контекст на актуелните глобални конфликти.

Expres.mk: Постои ли стабилна архитектура на геополитичката сцена?
Дали воопшто денес можеме сериозно да зборуваме за механизми на мониторинг, стратегиска анализа, превенција и проекција на идните интереси?

КВБ: Живееме во ера на санкции, фронтови, нестабилни гаранции и селективни олеснувања без сериозна отчетност. Во таква средина се поставува прашањето дали консензусот сè уште ја има истата вредност во пошироката слика на постојано поместување на линијата на преговори.

Пред една година, во јануари 2025, зборував за концептот на реглобализација во анализата „Глобалната агенда 2025: Меморандуми до креаторите на политики за глобално управување“, објавена на веб-платформата на Центарот „Ibn Khaldoun“.
Тогаш посочив дека придобивките од реглобализацијата зависат од неколку предуслови: јасна свест за долгорочните стратегиски интереси, реална проценка на ресурсите и создавање систем со минимален ризик од нова геополитичка реорганизација.

Областите како технологија, здравство и енергија денес не можат да се развиваат изолирано. Нивниот развој сè повеќе зависи од меѓузависноста и меѓународната соработка. Новите геополитички предизвици не ја негираат оваа анализа – напротив, ја прават уште поактуелна.

Expres.mk: Има ли светот односно главните фактори во меѓународната политика капацитет за договор за трансформација на безбедносната средина?

КВБ: Во списанието Ukrainian Policymaker, во декември 2025 година, пишував за глобалното безбедносно опкружување. Денес, конвенционалните боишта повеќе не се единствениот начин на кој се дефинираат конфликтите, бидејќи тие сè почесто се одвиваат и во политичката, економската и информациската сфера.
Хибридната војна го илустрира овој поместен фокус, ставајќи ги наративите и јавната доверба во центарот на стратегиска конкуренција. Медиумските системи се соочуваат со сè поголеми предизвици од странска пропаганда, дезинформации и манипулации во информацискиот простор.
Токму затоа информацискиот простор станува едно од клучните боишта на современата геополитика. Последиците се сериозни – од нарушување на политичката стабилност до ерозија на јавната доверба и институционалната кохезија.

Expres.mk: Можеме ли да зборуваме за морал во современото војување?

КВБ: За дел од дилемите поврзани со односот меѓу војната и моралот дискутирав, меѓу другото, и на годишната средба на Меѓународното општество за воени науки (ISMS), одржана во септември 2024 година во Стокхолм, на Шведскиот универзитет за одбрана.
Анализата се фокусираше на состојбата на теренот, надворешните влијанија, санкционирачките последици и личната морална дилема – идентитетот на актерот во вооружен конфликт. Целта беше да се детектира вредносниот систем на војникот на терен, наспроти анализата типична за „надворешен“ и „непристрасен“ набљудувач. Во рамки на истражувањето беа интервјуирани експерти од украинско потекло во областите на безбедноста, политичките науки и воените студии.
Војната меѓу Русија и Украина ја нагласи трансформацијата на современото војување.
Современите воени операции сè повеќе се потпираат на оружје со долг дострел, беспилотни летала и артилерија, со што директниот судир меѓу војниците често се заменува со технолошки посредувано војување.
Но овој конфликт нè принуди да се соочиме и со пошироки прашања за моралот во војна. Воената етика, традиционално заснована врз теоријата на праведна војна и личните вредности на војниците, денес се соочува со хроничен стрес, дезинформации и постепена ерозија на нормативните граници. На терен се забележуваат прекршувања на морални норми, етика и право, што повторно го отвора прашањето – кој и до кој степен ги почитува правилата на војување во современите конфликти.
Современите конфликти затоа не ја тестираат само воената моќ, туку и издржливоста на меѓународните норми.

Expres.mk: Фокус на светот 4 години беше руската агресија на Украина, по Венецуела и Гренланд сега Блискиот Исток е актуелен но Тајван и Куба ги гледаме како идни можни таргети. До каде може да се растегнува кризата пред да се случи трета светска војна?

КВБ: Слични дилеми се појавуваат и во актуелната безбедносна динамика на Блискиот Исток, особено по нападите поврзани со Иран и употребата на беспилотни летала и ракетни системи преку регионални актери.
Овие настани повторно ја нагласуваат трансформацијата на современото војување, каде дистанцираните удари, прокси-актерите и технолошките средства ја замаглуваат линијата меѓу директната одговорност и традиционалните правила на вооружен конфликт. Во такви услови, примената на меѓународното хуманитарно право станува сè покомплицирана, а моралната одговорност на актерите се соочува со дополнителни предизвици.

Expres.mk: Можеме ли да се надеваме на нова порелаксирана геополитичка сцена?

КВБ: Глобалната сцена денес се движи кон модел со повеќе центри на моќ, каде класичните сојузи се надминуваат со ад-хок коалиции и функционални партнерства. Регионалните блокови и паралелните безбедносни архитектури создаваат нова динамика во која некои држави се креатори на глобални политики, додека други стануваат простори за тестирање на нови стратегии на влијание.
Во тој контекст, Западен Балкан повторно ја добива својата геополитичка видливост. Постепената трансформација на Европската Унија во поактивен безбедносен актер, нестабилноста на Блискиот Исток, војната во Украина и новите полиња на конфронтација повторно го ставаат регионот во фокусот на глобалните стратешки пресметки.
Украина останува централно прашање во редефинирањето на европската безбедносна политика. Забрзаната милитаризација и безбедносна трансформација, со поголема улога на Франција, Германија и Обединетото Кралство, доведоа до нов модел на безбедносно партнерство – без формално членство, но со билатерални безбедносни гаранции, воена поддршка и продлабочена оперативна соработка со НАТО.

Expres.mk: Ќе се загуби ли Западен Балкан меѓу интеграции и геополитиката или кризата ќе биде доживеана како шанса која ќе биде искористена и од Брисел и од регионот?

КВБ: Регионот сепак останува оптоварен со нерешени прашања. Односот меѓу Србија и Косово и понатаму претставува главен безбедносен предизвик. Црна Гора и Албанија го продолжуваат својот пат кон Европската Унија, додека Босна и Херцеговина останува обременета со политички тензии и реторика што периодично го тестира институционалниот баланс.

Expres.mk: Колку е сложена македонската позиција во овој контекст?

КВБ: Македонската држава, се соочува со реформски процес за европски интеграции, условен со уставни измени и билатерални спорови.
Европската перспектива на регионот повторно е пред испит – а времето за одлуки постепено се скратува.
Европската Унија останува главниот економски и институционален центар за Западен Балкан, додека НАТО ја гарантира безбедносната стабилност.
Во таа насока ја делам позицијата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во однос на пораката што се испраќа со посетата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте – потврда за важноста на сојузничката солидарност и заедничката одговорност во рамките на Алијансата.

Expres.mk: Во време кога хибродните напади се секојдневие колку е важна „војната на наративите“, тема која вие посебно ја обработувате?

КВБ: Прашањата за информацискиот екосистем, но и т.н. „војна на наративи“, ги разработувам во мое поглавје во книгата „Krieg der Narrative“, во издание на De Gruyter Brill (2024). Европската Унија и НАТО треба да бидат свесни за постојаните обиди за влијание, како од државни, така и од недржавни актери.
Заштитата на граѓаните и поттикнувањето на позитивна комуникација во поддршка на мирот и стабилноста стануваат суштински дел од современата безбедносна политика.
Медиумските предизвици и заштитата на информацискиот интегритет беа тема и на пленарниот состанок на Клуб на Венеција, одржан во Венеција во декември 2025 година. Таму учествував како македонски претставник на панелот „Комуницирање на Европа“, заедно со професионалци од клучните институции на Европската унија, меѓу кои Тања Рудолф од Европскиот парламент и Рено Суфло де Мањи од Европската комисија.
Отпорноста на општествата не се гради само со технички алатки, туку со одговорна, јасна и стратегиски осмислена комуникација.
Сè поочигледна станува потребата од адаптација и на постојните мултилатерални механизми за безбедност. Интересна дискусија на оваа тема се водеше и за време на Годишната безбедносна конференција на ОБСЕ Академијата во Бишкек, Киргистан (декември 2025), одржана во период кога се одбележуваа 50 години од Хелсиншката конференција за безбедност и соработка во Европа.
Во рамки на дискусијата ја истакнав потребата од реадаптирање на ОБСЕ кон современите предизвици – не само во институционална смисла, туку и преку нови алатки, партнерства и форми на ангажман. Во сè пофрагментирана и динамична безбедносна средина, организацијата ќе мора да развива поголема оперативна ефикасност, со посебен фокус на прекуграничната соработка и регионалната стабилност.

Expres.mk: Колку променливата меѓународна динамика и средина создава нови влијанија и нови фактори на моќ и влијание?

КВБ: Турција сè поизразено се позиционира како важен економски и безбедносен актер на Западен Балкан, преку својата улога во евроатлантските безбедносни структури и преку развивањето на регионална соработка во областа на безбедноста. Во исто време, зголемената присутност на Кина во регионот се одразува преку инвестиции во инфраструктурата и енергетскиот сектор, што претставува дел од пошироката економска и геополитичка стратегија на Пекинг.
Новите сојузништва носат нови регионални и глобални стратегии, особено во услови на децентрализирана конфронтација. Актуелните тензии меѓу САД, Иран и Израел често се опишуваат како „војна без најава“, која се одвива преку индиректни конфронтации и ангажман на прокси актери – недржавни вооружени групи што дејствуваат во рамките на пошироки регионални и геополитички стратегии.

Expres.mk: Неизвесноста околу евроинтеграциите на Западен Балкан создава простор за геополитичко натпреварување меѓу различни центри на моќ. Дали е ова шанса или закана за нас?

КВБ: Останува отворено прашањето дали светот навистина се движи кон нова стабилна геополитичка архитектура, или влегуваме во долгорочна фаза на фрагментација во која правилата се менуваат побрзо отколку што институциите можат да ги следат.
Во таква реалност, стабилноста можеби повеќе нема да значи фиксна рамнотежа на силите, туку способност на државите и општествата да се адаптираат на свет што постојано се редефинира.

Д-р Катерина Вељановска Блажевска е добитничка на бројни меѓународни стипендии и академски ангажмани поврзани со професионалниот развој. Меѓу нив се издвојуваат: Универзитетот во Осло, Норвешка, на Одделот за медиумска и комуникациска политика; Меѓународен вишеградски фонд за реализација на меѓународен научноистражувачки проект на Националната академија за одбрана во Варшава, Полска; Австриската влада и Австрискиот студиски центар за мир и разрешување конфликти – ASPR, Шлајнинг, Австрија, во рамките на ЕУ-сертифицирана меѓународна програма за интензивна обука за градење мир и разрешување конфликти; како и повеќегодишна стипендија во рамките на Жан Моне проект за научни истражувања во областа на новите медиуми, сајбер-безбедносните предизвици и дигиталните трансформации, во соработка со Украинскиот институт за управување со кризи и разрешување конфликти.
Таа е „SUSI“ стипендист на Бирото за образовни и културни прашања на Стејт департментот на САД (2021/2022), во рамките на Американскиот институт за надворешна политика, програмски реализиран од Универзитетот во Монтана и Универзитетот во Делавер. Во 2023 година стекнува статус на постдокторски истражувачки соработник во Институтот за развој и меѓународни односи (IRMO) во Загреб, Хрватска, во областа на геополитиката и еколошката безбедност.
Тековно, таа е дел од мрежата на експерти при платформата „Заедница за стратегиски комуникации, одбрана, демократија и безбедност“ (DSC2) и е член на Одборот за научни и академски стандарди при Центарот „Стирлинг“ на Универзитетот во Стирлинг, Шкотска, Обединето Кралство.
Таа е потпретседател на „Истражувачка мрежа за интердисциплинарни студии на трансисториската делиберативна демократија“ – европска научноистражувачка мрежа во рамките на програмата за Европска соработка во науката и технологијата, поддржана од Европската Унија. Мрежата обединува над 200 активни членови – истражувачи, експерти и институции од 31 земја.

Најнови вести од: Македонија

(Видео): Синдикатот за култура со кривична за министерот Љутков – тој пак тврди: Барањата за раст на платите се незаконски

Синдикатот за култура поднесе кривична пријава против министерот за култура, за злоупотреба на службената положба и кршење на правата на вработените. Според претседателката на синдикатот, Вера Атанасовска министерот со инструкции испратени по е-пошта се обидел да ги поткопа правата на вработените и колективните договори. Синдикатот наведува дека повеќе од 800 пријави се поднесени од вработените во културата и дека постојат правосилни судски одлуки во нивна корист.

Николоски од Вашингтон: Разговаравме за економска соработка, енергетската транзиција и изградба на коридори

На средбата со Даниел Лотон, заменик-помошник државен секретар за Европа, беше нагласено силното партнерство меѓу двете земји, засновано на меѓусебна поддршка и споделена посветеност на демократските вредности, како и на создавање подобри перспективи за економска и трговска соработка, соопшти Министерството за транспорт.

Кај судијата Ѓоко Ристов пронајдени судски предмети, кои не ги гибал сѐ до истекување на роковите, најверојатно за да застарат!

Судскиот совет констатира сериозни сомнежи за несовесно и нестручно постапување на судија од Апелациониот суд Скопје, поради неразумно одолжување на судски постапки што довело до апсолутна застареност на предмети. Во извештаите се наведува дека дел од предметите биле чувани во фиока сè до истекување на роковите за кривичен прогон. Иако на седницата не беше јавно посочено името на судијата, досегашните сознанија имплицираат дека е тоа судијата во Апелацискиот суд Ѓоко Ристов. Против него и порано беа поднесувани анонимни претставки до Судскиот совет.

Попов: Македонскиот јазик не е „вештачка конструкција“ и борбата за него не е завршена! Стратегиските партнери треба да помогнат за спорот со Бугарија!

–Официјализирањето на македонската азбука и на македонскиот стандарден јазик не е никаква „вештачка конструкција“, туку логичен тек на долговековниот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти на цела територија. Тој има долга историја и особен влог во рамките на групата на словенски јазици и светското јазично семејство. Но борбата за зачувување на македонскиот јазик не е завршена. Таа мора да трае и да продолжи пред меѓународните институции за човекови права бидејќи неговата официјална употреба од страна на деловите на македонскиот народ во соседните земји е оневозможена со преземените обврски со потпишаните меѓународни договори. “ – нагласи Живко Попов, претседателот на Македонската академија на науки уметности, денес во своето годишно обраќање. .

Уставниот суд ги отфрли иницијативите, со кои се оспоруваше уставноста на „Безбедниот град“

Уставниот суд ги отфрли иницијативите да се оспори системот „Безбеден град“, односно дел од одредбите на Законот за прекршоци. Иницијативи со кои се бараше да се оспори „Безбеден град“ поднесоа двата дела на Алијансата за Албанците, предводени од Зијадин Села и од Арбен Таравари, како и студентот Или Пачуку, поради неупотребата на албанскиот јазик во пораките за прекршоци. Забелешката е и за, како што се тврдеше, „спроведувањето на системот само во Скопје, Тетово и во Куманово“, потоа и за обврската за поседување мобилен телефон и интернет-адреса заради доставување на пораките, но и за наводна „селективна примена на Законот и за дискриминација на Албанците“. Со иницијативите се бараше Уставниот суд да ги поништи „спорните“ одредби.

Мицкоски: Зголемен е бројот на странските инвеститори, што се задоволни од бизнис климата во државата и кои се подготвени да ја зголемат својата инвестиција

„За нас странските инвеститори се исклучително важни исто како и домашните инвеститори, бидејќи економијата е една од главните приоритети на функционирањето на оваа Влада, како и сѐ друго, што е составен дел во таа борба за колку е можно подобра економија.“ – истакна премиерот Христијан Мицкоски по работната средба со Советот на странски инвеститори.

Најнови вести

To top