Македонија

Тошковски: Како татко на три деца, ми е жал кога за празниците не сум со нив, но горд сум што и служам на државата и на граѓаните

Времето поминато со семејството нема цена, тоа е јасно. Но да се работи за Македонија е чест и гордост

Празниците, особено Велигден, за министерот Панче Тошковски не се само традиција, туку потсетник на суштинските вредности: верата, заедништвото и одговорноста што ја носи не само како функционер, туку и како сопруг и татко. Во неговите зборови се чувствува јасна свесност дека времето со семејството е непроценливо, но и непоколеблива посветеност кон работата што ја доживува како чест и обврска.

Велигден во неговото детство бил исполнет со возбуда, семејна топлина и подготовки што започнувале уште од Велики петок. Мирисот на бојадисани јајца и заедничките моменти во домот го претворале празникот во вистинско чувство на заедништво. Посебно место имаат и велигденските собири во Велес по полноќната литургија, кога се создавале сцени на заедништво меѓу семејства, соседи и пријатели. Токму тие едноставни, но силни моменти ја обликувале неговата љубов кон традицијата и вредностите што денес се труди да ги пренесе и на своите деца.

ЖМ:Јавната функција, особено кога се работи за Министерството за внатрешни работи, бара постојана готовност и присуство кога е потребно, дури и за време на празници. Како ви успева да го одржите балансот меѓу службените обврски и семејните моменти, особено во празничните денови?

– Времето поминато со семејството нема цена, тоа е јасно. Но да се работи за Македонија е чест и гордост, особено кога сте на позиција од која може навистина да направите нешто конкретно, за луѓето, за државата, а на крајот и за сопствените деца и нивната иднина. Да се направи баланс не е лесно, но кога знаете зошто го правите тоа, полесно се справувате.

ЖМ: За оние што покрај јавната функција ја имаат и улогата на родител, празникот добива уште подлабоко значење. Што за Вас значи Велигден како човек, а што како сопруг и татко на три деца?

– Празниците се времето кога семеен човек го наоѓа спокојот и мирот со своите најблиски. Велигден е еден од најубавите христијански празници бидејќи го одбележува воскресението Христово, а тоа е симбол кој длабоко ме допира. Како татко на три деца, искрено ми е жал кога не сум со нив на ваков ден. Но горд сум кога знам дека отсуствувам поради нешто важно за државата и за нашите граѓани. Тоа е нешто што со сопругата го разбираме меѓусебно, иако не е секогаш лесно.

 

ЖМ: Раѓањето на дете секогаш носи нова перспектива, го менува погледот кон светот, но и кон сопствената внатрешност. Дали новиот член на семејството,  Вашиот син го направи овој Велигден поразличен, подлабок?

– Секое дете кое доаѓа во семејството е нешто посебно и тоа не се менува без разлика дали е прво или трето. Кога имате мало дете дома, некако поинаку гледате и на секојдневните работи и на празниците. Почесто размислувате за тоа каква средина и каква иднина му оставате. Можеби тоа е она суштинското, дека децата не ве менуваат драстично, туку едноставно ве потсетуваат постојано зошто го правите она што секојдневно го правите.

Интервјуто со министерот Тошковски продолжува на Женски магазин.

Најнови вести од: Македонија

To top