Ценовното лудило со кое се соочуваат граѓаните при купување на свој дом е доведено до апсурд, но иако првата помисла со која се соочуваме кога ќе слушнеме дека стан во делови од Скопје се продава и по 3.500 евра за еден метар квадратен (а, случно е и во Охрид) е – небулоза, факт е дека становите се продаваат! Хипотеки, кредити, „црни пари“, инвестиции „во дупка“… сето тоа е во игра. Згради никнуваат на секој чекор, но инфраструктурата и зелените површини не го следат тој развој со иста брзина.
Последните квартални извештаи на Народната банка во кои се наведува дека цените на становите бележат раст од 13,3% на годишно ниво, односно 5,5% на квартално ниво, укажуваат на континуиран тренд на поскапување на недвижностите. Силната побарувачка за станови во Скопје, ограничена понуда на атрактивни локации, повисоките трошоци за градежни материјали и работна сила, скапи парцели за градба, инвестициско купување уште на почетокот на градбата, кеш, „црни пари“, се посочуваат како главни фактори за континуираниот раст на цените на становите.
Луѓето кои се занимаваат со изградба и продажба на недвижности, во разговор за Нетпрес велат дека цените на становите ќе продолжат да растат се’ додека има интерес за купување. „За разлика од пред неколку години, сега за земјиштето на кое се градат зградите, сопствениците бараат многу повисока цена. На локации во центарот на Скопје тие бараат дури и околу 45 отсто од идната изградена површина, како компензација за земјиштето. Исто така, поскапена е и работната сила и градежните материјали. Сето тоа влијае на растот на цената на станбениот квадрат“, велат нашите соговорници од градежниот бизнис.
Од друга страна, постои и друг феномен за кој треба да се заинтересира државата, а тоа е дека становите и со така „напумпани“ цени се продаваат до последен, а голем дел од нив зјаат празни. Постои голем интерес за станови кои се купуваат на почетокот на изградбата, што дополнително го засилува притисокот врз цените. Поточно, т.н. „инвеститори во дупка“, купуваат по неколку стана, додека зградата е во почетна фаза. Становите ги купуваат за поевтино, бидејќи изградбата се врши фактички со нивни пари. Знаат дека откако ќе биде завршена градбата, за од прилика две години, цената на квадратот ќе биде најмалку за 200-300 евра повисока. Тие исто така се еден од неколкуте важни фактори кои силно влијаат на поскапувањето на станбениот квадрат.
Прекумерно високите цени на становите во Македонија, споредени со животниот стандард, се поврзуваат и со финансиски средства од сивата економија, односно со непријавени нелегални приходи. Така што, ако некој има голема сума непријавени пари, недвижноста е добар избор за нивно „перење“. „Црните пари“ можат да создаваат дополнителна побарувачка, а со тоа да се овозможи купувачите да плаќаат над вообичаените пазарни цени. Се купува недвижноста во готовина за повисока цена, а потоа истата може да се продаде и парите да изгледаат како легален приход од продажба на имот.
Според веќе објавени анализи, влезот на странски инвестициски фондови на македонскиот пазар на недвижнини, исто така влијае на зголемување на цените. Познато е дека данскиот инвестициски фонд „Вексткапитал груп“ веќе поседува околу 250 станови на атрактивни локации во Скопје, а до крајот на годината планира да купи уште најмалку толку. Становите се купуваат во градба, по пониска цена, а кога ќе се изградат ги продаваат по повисока и остваруваат сериозна заработка.
Додека купувањето сопствен стан станува сѐ посериозен финансиски трошок со кој граѓаните не можат да се справат, бидејќи од 2019 до 2026 година цените на становите скокнале околу 100 проценти, време е државата да преземе иницијатива за превенирање од понатамошно зголемување на цените на недвижностите. Можеби тука треба да се зголеми улогата на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор кое треба поинтензивна да гради станови со што би се зголемила понудата, а оттаму би се направила можност да се намалат цените.
Најважното сепак е прашањето каква иднина може да гледаат во Македонија млади брачни парови, кога јасно е дека со висината на месечните плати во земјава никогаш не може да купат свој дом.
„Нетпрес“