Известителката на предметот судијката Ана Павловска-Данева рече дека Судот има богата уставно судска практика во која не е поведена постапка и ја отфрлила иницијативата, а како примери наведе дека се оспорувала обврската за поставување камера и за Законот за основно образование, каде што се барало оспорување на закон поради нееднаков пристап на учениците до интернетот и до компјутерите за време на ковид-пандемијата. Таа рече дека тие иницијативи биле отфрлени, бидејќи се навлегло во сферата на примена на закон, за што Уставниот суд не одлучува.
– За барањето да се оцени примената на законот има богата практика – од 2009, 2010 и 2013 година. Уставниот суд носи решенија со кој се прогласува за ненадлежен кога станува збор за примена на некои законски одредби. Уставниот суд во континуитет има одлуки дека не ја оценува примената на законот – рече Павловска-Данева.
Според судијката известител, кога станува збор за (не)употребата на албанскиот јазик во пораките и известувањата што ги добиваат граѓаните за сторени прекршоци, нема потреба за секое процесно дејствие поединечно да пишува дека треба да се применува Законот за јазиците. Таа вели дека во Законот за прекршоци нема одредба што ја оспорува употребата на јазиците. И поседувањето мобилен телефон не се коси со која било одредба од Уставот. За тоа дека со Законот може да се злоупотребат личните податоци, таа наведе дека постои Закон за заштита на лични податоци и дека и МВР и Агенцијата за заштита на личните податоци ги дале сите согласности за заштита на приватноста на граѓаните.
– МВР изменило три-четири закони за да се приспособат на заштитата на личните податоци. Скратен е и рокот за зачувување снимени материјали од шест на еден месец. Донесени се и правилници. За територијалната примена на закон, во Законот за прекршоци нема одредба дека тој важи за една, две или три општини, туку дека ќе важи за целата територија. Примената на законот е примена и за тоа одлучува извршната власт. Не знам што би укинале кога таква одредба во законот нема, тој важи за целата територија. Од сите аргументи предлагам отфрлање на наша надлежност за иницијативите, бидејќи нема причина за поведување постапка или, пак, одлуката да биде дека сме ненадлежни за примена на законот. Никаде не наоѓаме основа за поведување постапка – рече Павловска-Данева.
Ајдари и Кадриу гледаат правни празнини во делот на јазикот
Судијата Насер Ајдари, наспроти известителката за предметот, смета дека во делот на јазикот има правна празнина, бидејќи не е наведено на кој јазик ќе бидат известувањата. Тој смета дека граѓаните се во нееднаква положба во зависност од географската локација, бидејќи Законот се применува во три града, односно дека ист прекршок се открива и санкционира на различен начин. Тој смета дека граѓанинот не е должен да користи мобилен и дека се создава правна ситуација во која граѓанинот може да трпи правни последици, а за тоа да не е информиран. Ајдари се изјасни дека не го поддржува рефератот на Павловска-Данева.
Според судијата Осман Кадриу, законодавната власт потфрлила, бидејќи со Законот за употреба на јазиците е предвидено употребата на албанскиот јазик да се регулира во законите, што не е сторено.
– Го ценам освртот што го дава МВР. Тие направиле обид да одговорат на клучните прашања на иницијативите, но точно е дека за употребата на албанскиот јазик тие се повикуваат на одредба која е во основните одредби од законот – дека ќе се употребат одредби наведен од Законот за јазиците. За мене ова не е прецизно. Собранието не постапува по обврската на Уставот – со закон да ги уреди прашањето за јазикот и во постапките пред правосудните органи. Собранието абер нема да донесе вакви закони за со јасни и конкретни одредби да го уреди прашањето на примената на албанскиот јазик во државата – вели Кадриу.
Тој смета и дека постои ризик за злоупотреба на личните податоци и потсети дека токму МВР ги злоупотребило податоците во случајот со масовното прислушување. И Кадриу рече дека нема да гласа за извештајот на Павловска-Данева.
Судијката Добрила Кацарска го поддржа рефератот, но предложи Собранието да го доуреди Законот во членот 48г став 1, односно ако прекршокот е констатиран електронски, а сопственикот не го управувал возилото, а знае кој го управувал, да не мора лично да дојде со лицето што управувало со возилото за да даде податоци, туку тоа да може да го стори електронски или по телефон.
– Овој член го оспорувам, бидејќи ако сопственикот е во странство, тој за да дојде и лично да даде изјава, ќе треба да се изложи на непотребни трошоци. Сега комуникацијата меѓу МВР и сторителот се одвива по мобилен, а за ова се бара лично присуство. Зошто таа комуникација не е иста, може возилото е украдено, од каде сопственикот ќе знае кој го украл за да бара лична изјава од него. Оваа одредба е спротивна на Уставот и за оваа одредба да се побара Собранието да ја доуреди – рече Кацарска.
За судијата Фатмир Скендер, апсурд е пораките освен на македонски да бидат и на англиски јазик, бидејќи, како што рече, „нема логика да ги почитуваме странците, а не нашите граѓани“.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски рече дека мерките што се преземени со системот „Безбеден град“ се пропорционални на целта и дека ќе го прифати рефератот.
– Со сила на аргументи предлагам одлуката да биде неповедување постапка, а не отфрлање. Може за територијална примена на решенијата да се предложи отфрлање, за сè друго, толку се силни аргументите што штета е да одиме со отфрлувачка одлука – рече Костадиновски.
Тој рече дека не се согласува дека со Законот се ускратува правото на употреба на албанскиот јазик.
– Проектот „Безбеден град“ е проектиран да препознае возило, регистрација, не јазик. Сметам дека пораката треба да биде на македонски, бидејќи тој е службен јазик и дека тоа е право и должност за сите граѓани. Добро е пораките да бидат на македонски и на англиски јазик оти и странец може да направи прекршок. Прашањето на јазикот мислам дека сосема исправно е уредено во Законот за прекршоци, каде тој упатува на примена на јазикот, но во постапката. Текстуалната порака е доволно да биде на македонски и на англиски. Тој систем не регистрира човек, туку возило. Тој потоа во сите фази од постапката ќе го користи албанскиот јазик. За поседување мобилен не постои обврска, но нема ни обврска за поседување возило. Сепак, реалноста е дигитализацијата. Нема ни законска должност да поседуваш оружје, но ако сакаш, законот пропишува кој може да поседува. Ние сме европски рекордер по сообраќајки, што значи возилото кај нас е оружје, тогаш ќе треба да поседува и телефон. Ако не, нека оди со коњ. Таква ни е реалноста – рече Костадиновски и додаде дека ќе прифати и отфрлање на иницијативите ако нема мнозинство за неповедување постапка.