Македонија

(Видео): Ќе се зголеми ли старосната граница за пензија?!

Владата засега нема донесено одлука за спроведување пензиски реформи, иако се разгледуваат можни решенија за иднината на пензискиот систем, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Владата разгледува модел според кој граѓаните што ги исполнуваат условите за пензионирање би можеле доброволно да продолжат да работат, без задолжително зголемување на старосната граница за сите. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка подготвуваат анализа на состојбата во првиот и вториот пензиски столб, финансиската одржливост на системот и демографските притисоци. Според неа, една од можните опции е граѓаните сами да одлучуваат дали ќе заминат во пензија штом ги исполнат законските услови или ќе продолжат да работат доколку тоа го сакаат и им го дозволува здравствената состојба.

Во моментов не постои владина одлука со која старосната граница за пензионирање се зголемува на 73 години. Не е подготвен ниту законски предлог што би ги обврзал граѓаните да работат до таа возраст. Според важечките законски одредби, жените стекнуваат право на старосна пензија на 62 години, а мажите на 64 години, со најмалку 15 години пензиски стаж.

Димитриеска-Кочоска посочи дека евентуалните промени треба да овозможат избор, а не задолжително продолжување на работниот век. Тоа би значело дека лицата што сакаат да останат активни на пазарот на труд би можеле да го направат тоа и по исполнувањето на условите за пензија.

Анализата на ММФ и Светската банка треба да ја опфати состојбата на пензиските фондови, висината на буџетските трансфери, бројот на вработени и пензионери и влијанието на иселувањето и стареењето на населението. Пензискиот систем подолг период се потпира на значителни трансфери од државниот буџет, бидејќи приходите од придонеси не се доволни за покривање на сите расходи за пензии.

Меѓународните финансиски институции во своите претходни анализи посочуваа на потребата од подобра наплата на придонесите, поголема вработеност, ограничување на ад хок зголемувањата на пензиите и почитување на законските формули за нивно усогласување.

Евентуалното доброволно продолжување на работниот век ќе треба да ги земе предвид разликите меѓу професиите. Работните услови на административните работници, лекарите и професорите не се исти со оние на градежните работници, рударите и лицата што со децении извршуваат тешка физичка работа. Секоја промена на условите за пензионирање ќе бара законски измени и гласање во Собранието. До донесување такви измени, важечката старосна граница останува 62 години за жените и 64 години за мажите.

Најнови вести од: Македонија

Стопанската комора бара посебен статус за транспортерите – нивно изземање од шенгенските ограничувања

Посебен статус за професионалните возачи и нивно изземање од шенгенските ограничувања што важат за туристите предлага Стопанската комора како решение за проблемот со македонските транспортери.

Мисирков: Македонците да имаат македонско гледиште, одделувајќи ги своите интереси од интересите на Бугарија – „лошиот демон за Македонија“!

„Бугарската надворешна политика е главниот извор на сите наши несреќи. Затоа не може и да се зборува за некакви арнотии од Бугарија за Македонија. … Македонци! Време е да се убедиме оти лошиот демон за Македонија не е никој друг освен Бугарија. Ете зошто треба час поскоро да си ги одделиме нашите интереси од бугарските..“ – нагласува авторот на „За македонцките работи“ Крсте Мисирков во својот реферат со наслов „Имат ли се нужда од македонцки национални научно-литературни другарства?“, кој го изнесува на денешен ден, на 28 септември 1903 година во Македонското научно-литературно другарство „Св. Климент“ во Санкт Петербург (тогаш Петроград). Тогаш идеологот на македонизмот Крсте Мисирков најдиректно ја формулирал идејата дека македонското прашање мора да има сопствен македонски глас. Истапувајќи на денешен ден пред 123 години како национален мислител од највисок ранг тој се залага Македонија да не биде предмет на туѓи политики, а Македонците сами да ја одредуваат сопствената национална и политичка позиција на Балканот – вонвременски завет и предупредување од исклучително значење во ова „евроинтеграциско време-невреме“ за македонскиот народ.

To top