Македонија

(Видео): СДСМ избира нов тим, нова сила – нова енергија, вели Венко Филипче

Филипче нагласи дека ангажманот во партијата нема да зависи исклучиво од формалните функции, туку ќе се проширува, додавајќи дека СДСМ активно работи на отворање на партијата кон младите, граѓанските организации, видни интелектуалци и политички чинители, со кои заеднички ќе се градат политиките.

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во вечерашното интервју во емисијата „360 степени“, најави формирање на нов тим кој ќе ја означи новата сила и новата енергија во работењето на СДСМ. Филипче посочи дека одлуките и изборот ќе се направат на утрешниот Централен одбор на партијата. Говорејќи за процесот на формирање на новиот тим, тој потенцираше дека е клучна рамнотежата меѓу искуството и младоста.

  • „Тоа е тим којшто ќе означува нова сила, нова енергија, комбинација на сегашни, актуелни функционери, на искусни и на млади луѓе и други. Сигурно е дека местото ќе го задржи генералниот секретар Александар Димитријевиќ, еден од потпретседателите ќе биде кандидатот за градоначалник на Аеродром Александар Трајановски, а  утре ќе ги соопштиме и другите имиња на членовите на раководството и на Извршниот одбор“, рече  Филипче.

Притоа, Филипче нагласи дека ангажманот во партијата нема да зависи исклучиво од формалните функции, туку ќе се проширува, додавајќи дека СДСМ активно работи на отворање на партијата кон младите, граѓанските организации, видни интелектуалци и политички чинители, со кои заеднички ќе се градат политиките.

  • „Сите сакаат да придонесат во една многу интензивна партиска работа, која што ќе следи веќе непосредно после новогодишните празници, поради тоа што очигледно е дека демократијата во државата од страна на оваа власт е загрозена“, истакна Филипче.

Целта како што кажа Филипче, е државата да се извлече од сегашната состојба и да се продолжи патот на прогресот и интеграциите. Во однос на програмските определби, Филипче истакна дека програмата на СДСМ е речиси целосно подготвена.

  • „Предвидуваме сериозна поддршка на младите луѓе, даночни олеснувања за млади претприемачи, даночни олеснувања за ИТ секторот и прогресивно оданочување. Мора да има пари за зголемување на платите во сите сектори, вклучувајќи просечната и минималната плата. Мора да има фер зголемување на пензиите, не вака како што ги пљачкаат сега од ВМРО-ДПМНЕ и од ЗНАМ. Им ги кратат парите, таа наша најкритична категорија на граѓани“, посочи Филипче.

Најнови вести од: Македонија

(Фото): Нема да дозволиме профитерство, рече Мицкоски по средбата со газдите на маркетите

По средбата на претставниците на маркетите и премиерот во Владата е заклучено дека не треба да има ново зголемување на цените. Премиерот порача дека нема да се дозволи профитерство на грбот на граѓаните.

(Видео): Синдикатот за култура со кривична за министерот Љутков – тој пак тврди: Барањата за раст на платите се незаконски

Синдикатот за култура поднесе кривична пријава против министерот за култура, за злоупотреба на службената положба и кршење на правата на вработените. Според претседателката на синдикатот, Вера Атанасовска министерот со инструкции испратени по е-пошта се обидел да ги поткопа правата на вработените и колективните договори. Синдикатот наведува дека повеќе од 800 пријави се поднесени од вработените во културата и дека постојат правосилни судски одлуки во нивна корист.

Николоски од Вашингтон: Разговаравме за економска соработка, енергетската транзиција и изградба на коридори

На средбата со Даниел Лотон, заменик-помошник државен секретар за Европа, беше нагласено силното партнерство меѓу двете земји, засновано на меѓусебна поддршка и споделена посветеност на демократските вредности, како и на создавање подобри перспективи за економска и трговска соработка, соопшти Министерството за транспорт.

Кај судијата Ѓоко Ристов пронајдени судски предмети, кои не ги гибал сѐ до истекување на роковите, најверојатно за да застарат!

Судскиот совет констатира сериозни сомнежи за несовесно и нестручно постапување на судија од Апелациониот суд Скопје, поради неразумно одолжување на судски постапки што довело до апсолутна застареност на предмети. Во извештаите се наведува дека дел од предметите биле чувани во фиока сè до истекување на роковите за кривичен прогон. Иако на седницата не беше јавно посочено името на судијата, досегашните сознанија имплицираат дека е тоа судијата во Апелацискиот суд Ѓоко Ристов. Против него и порано беа поднесувани анонимни претставки до Судскиот совет.

Попов: Македонскиот јазик не е „вештачка конструкција“ и борбата за него не е завршена! Стратегиските партнери треба да помогнат за спорот со Бугарија!

–Официјализирањето на македонската азбука и на македонскиот стандарден јазик не е никаква „вештачка конструкција“, туку логичен тек на долговековниот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти на цела територија. Тој има долга историја и особен влог во рамките на групата на словенски јазици и светското јазично семејство. Но борбата за зачувување на македонскиот јазик не е завршена. Таа мора да трае и да продолжи пред меѓународните институции за човекови права бидејќи неговата официјална употреба од страна на деловите на македонскиот народ во соседните земји е оневозможена со преземените обврски со потпишаните меѓународни договори. “ – нагласи Живко Попов, претседателот на Македонската академија на науки уметности, денес во своето годишно обраќање. .

To top