Македонија

(Видео): Синдикатот за култура со кривична за министерот Љутков – тој пак тврди: Барањата за раст на платите се незаконски

Синдикатот за култура поднесе кривична пријава против министерот за култура, за злоупотреба на службената положба и кршење на правата на вработените. Според претседателката на синдикатот, Вера Атанасовска министерот со инструкции испратени по е-пошта се обидел да ги поткопа правата на вработените и колективните договори. Синдикатот наведува дека повеќе од 800 пријави се поднесени од вработените во културата и дека постојат правосилни судски одлуки во нивна корист.

Тврдењата за злоупотреба на службената положба се целосно неосновани. Ниту во еден момент не сум попречил остварување на какво било работничко право загарантирано со Уставот и со закон. Напротив, моја обврска е да обезбедам систем каде што правилата важат еднакво за сите, без привилегии и без исклучоци, изјави денеска на прес-конференција министерот за култура и туризам Зоран Љутков, откако Синдикатот на културата објави дека поднел кривична пријава против него,  за злоупотреба на сопствената положба и овластување и повреда на права од работен однос. 

  • Во јавноста во изминатиот период се појавија различни тврдења, инсинуации и обвинувања поврзани со мојата работа како министер за култура и туризам. Во последните денови, од страна на Синдикатот на културата беа изнесени тврдења против мене што се неточни и паушални. Сакам недвосмислено да нагласам дека како министер секогаш стојам на страната на учесниците во културата и се залагам за заштита на нивните права. Никогаш не сум постапувал самоволно, ниту сум ускратил законски загарантирани работнички права. Сите одлуки што ги носам се во согласност со законските рамки и со принципот на еднаков третман за сите вработени во културниот сектор, нагласи Љутков.

Тој потсети дека во државава се применува Општ колективен договор за јавен сектор, а вработените во културата имаат и грански колективен договор во кој е уредена пресметката на плата.

  • Општиот колективен договор предвидел покачување на платите во јавниот сектор за 10 отсто од месец септември 2023 година. Во таа смисла, заради усогласување, од страна на Министерството за култура било понудено склучување Анекс на колективниот договор, што Синдикатот го одбил. Па, сега Синдикатот тужи за пресметка на плати според начин кој доведува вработените во културата да имаат повисока минимална плата за пресметка на платата од објавената минимална плата во согласност со закон во државава. За да ви биде појасно, во 2025 година минималната плата во јавниот сектор на Република Македонија за пресметка на основната бруто-плата изнесуваше 36.037 денари, а барањето на Синдикатот за култура беше пресметката на основната бруто-плата да се прави на износ од 39.641 денар, што е спротивно на минималната плата објавена во согласност со закон, рече Љутков.

Тој додаде дека минималната плата за сите вработени во државава е иста, таа е уредена со закон и јавно се објавува секоја година.

  • Ако со покачувањето на минималната плата во 2025 година сите вработени во јавниот сектор добија покачување во нето-износ од 1.800 денари, вработените од установите од областа на културата добија покачување во нето-износ од 1.738 денари за најниското работно место до 4.391 денари за највисокото работно место. За какво намалување на плати зборуваме?, запраша министерот.

Тој исто така потсети дека за надминување на оваа состојба, по задолжение од Владата беше изработено упатство за пресметка на платите на вработените во установите од областа на култура, коешто е во согласност со законите и предвиденото во колективните договори и каде што е вградено покачувањето од 10 отсто.

  • Целта на ова упатство е да се обезбеди усогласеност со законската регулатива, транспарентна пресметка на платите, точност и континуитет во примената на методологијата и контрола врз наменското трошење на буџетските средства за плати, истакна тој. 

Љутков нагласи дека во ниту еден момент и ниту со едно дејство не се прекршени работничките права ни во согласност со Уставот ни во согласност со закон ни во согласност со Колективен договор.

  • Да бидам докрај прецизен, ова значеше разлики во пресметката на платите од Министерството и желбата на Синдикатот во износ од 471 до 1.330 денари по работно место во согласност со висината на  платата. Односно, за да ѝ биде појасно на јавноста, ако нето-платата за највисокото работно место според пресметките на Синдикатот изнесуваше 84.896 денари, според пресметките на Министерството ваквата пресметка на нето-плата изнесува 83.563 денари, т.е. разлика од 1.333 денари. За најниското работно место, пресметката на Синдикатот изнесуваше нето-износ од 30.670 денари, а според пресметките на Министерството од 30.199 денари, или разлика од 471 денар. Тоа е основна нето-плата на вработените без додатоци на плата (минат труд, прекувремена работа итн.). Ваквата разлика резултираше со 800 тужби од вработени во културата, постапки што се во тек и не се правосилно завршени, појасни министерот.

Потенцира дека унапредувањето на македонската култура бара иницијатива за нови идеи, нови проекти, соработка и регионални поврзувања. Сѐ во културата е поставено да биде во функција на унапредување на културата и можностите за креативно и културно изразување на вработените – вршители на дејноста.

  • Во функција на тоа, речиси целиот програмски буџет на Министерството во рамките на  годишните програми, кој годинава изнесува над 1 милијарда денари, е распределен за проекти на уметници и културни работници од сите дејности, кои во најголем дел се вработени во установите. Ова го кажувам токму за да ги илустрирам заложбата и посветеноста на државата, а тука, секако, и на Министерството за култура и туризам, за поддршка и остварување на културата на сите чинители како исклучително важен сегмент во едно општество, рече тој.

Љутков исто така појасни дека Колективниот договор беше потпишан во 2019 година, а започна да се применува од 1 јули 2020 година.

  • Досега требаше да биде склучен нов колективен договор со кој уште повеќе ќе се унапредеа правата на сите чинители во културата. Но, сите обиди за преговори за нов колективен договор се неуспешни, токму поради непостоење волја од страна на Синдикатот на културата. Министерството за култура и туризам е партнер во социјалниот дијалог за гаранција и унапредување на правата на вработените во културата. За жал, партнерскиот однос изостанува од другата страна, а тоа, впрочем, и доведува до ситуации што се неповолни за сите што се вклучени, а најмногу за вработените во културата, кажа Љутков на прес-конференцијата. 

Кога јавноста е збунета, додаде тој, и кога инсинуации се пласираат како факти, обврската на секој одговорен носител на функција е да ја осветли вистината – јасно, аргументирано и без прикривање.

Повтори дека се неосновани тврдењата за злоупотреба на службената положба и овластување.

  • Напротив, мојата определба е да обезбедам праведен систем, каде што правилата важат еднакво за сите, без исклучоци и без привилегии. И токму тука се наметнуваат суштинските прашања: Дали е во ред одредени групи да бараат поволности што не би важеле за сите вработени во културата? Дали е оправдано да се инсистира на решенија што би значеле привилегии за едни, а исклучување на други? Дали е прифатливо, како што бара раководството на СКРМ, администрацијата да биде исклучена од овие решенија, а притоа да не се преземаат чекори бидејќи, како што велат тие, ќе се плашат дека ќе се загрози бројот на нивното членство во Синдикатот? Дали поднесувањето кривични пријави служи како средство за синдикална борба или претставува начин за вршење притисок врз институциите? И конечно, дали станува збор за вистинска заштита на работнички права или за наметнување политички ставови под превезот на синдикално дејствување?, запраша министерот.

Сите овие факти и прашања, рече Љутков, водат кон еден јасен заклучок, а тоа е дека јавноста не смее да се доведе во заблуда.

  • Никој од вработените во културата не е обесправен, напротив, сите се третираат според законите и правилата, без исклучоци, додека привилегиите што ги бараат одредени групи се надвор од законските рамки. Мојата обврска останува непроменета: да обезбедам транспарентен, праведен и еднаков систем за сите учесници во културниот сектор, каде што правдата и еднаквоста се неприкосновени, а културата секогаш ќе биде во служба на сите, заклучи министерот на прес-конференцијата во Владата.

Најнови вести од: Македонија

(Фото): Нема да дозволиме профитерство, рече Мицкоски по средбата со газдите на маркетите

По средбата на претставниците на маркетите и премиерот во Владата е заклучено дека не треба да има ново зголемување на цените. Премиерот порача дека нема да се дозволи профитерство на грбот на граѓаните.

Николоски од Вашингтон: Разговаравме за економска соработка, енергетската транзиција и изградба на коридори

На средбата со Даниел Лотон, заменик-помошник државен секретар за Европа, беше нагласено силното партнерство меѓу двете земји, засновано на меѓусебна поддршка и споделена посветеност на демократските вредности, како и на создавање подобри перспективи за економска и трговска соработка, соопшти Министерството за транспорт.

Кај судијата Ѓоко Ристов пронајдени судски предмети, кои не ги гибал сѐ до истекување на роковите, најверојатно за да застарат!

Судскиот совет констатира сериозни сомнежи за несовесно и нестручно постапување на судија од Апелациониот суд Скопје, поради неразумно одолжување на судски постапки што довело до апсолутна застареност на предмети. Во извештаите се наведува дека дел од предметите биле чувани во фиока сè до истекување на роковите за кривичен прогон. Иако на седницата не беше јавно посочено името на судијата, досегашните сознанија имплицираат дека е тоа судијата во Апелацискиот суд Ѓоко Ристов. Против него и порано беа поднесувани анонимни претставки до Судскиот совет.

Попов: Македонскиот јазик не е „вештачка конструкција“ и борбата за него не е завршена! Стратегиските партнери треба да помогнат за спорот со Бугарија!

–Официјализирањето на македонската азбука и на македонскиот стандарден јазик не е никаква „вештачка конструкција“, туку логичен тек на долговековниот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти на цела територија. Тој има долга историја и особен влог во рамките на групата на словенски јазици и светското јазично семејство. Но борбата за зачувување на македонскиот јазик не е завршена. Таа мора да трае и да продолжи пред меѓународните институции за човекови права бидејќи неговата официјална употреба од страна на деловите на македонскиот народ во соседните земји е оневозможена со преземените обврски со потпишаните меѓународни договори. “ – нагласи Живко Попов, претседателот на Македонската академија на науки уметности, денес во своето годишно обраќање. .

Уставниот суд ги отфрли иницијативите, со кои се оспоруваше уставноста на „Безбедниот град“

Уставниот суд ги отфрли иницијативите да се оспори системот „Безбеден град“, односно дел од одредбите на Законот за прекршоци. Иницијативи со кои се бараше да се оспори „Безбеден град“ поднесоа двата дела на Алијансата за Албанците, предводени од Зијадин Села и од Арбен Таравари, како и студентот Или Пачуку, поради неупотребата на албанскиот јазик во пораките за прекршоци. Забелешката е и за, како што се тврдеше, „спроведувањето на системот само во Скопје, Тетово и во Куманово“, потоа и за обврската за поседување мобилен телефон и интернет-адреса заради доставување на пораките, но и за наводна „селективна примена на Законот и за дискриминација на Албанците“. Со иницијативите се бараше Уставниот суд да ги поништи „спорните“ одредби.

Мицкоски: Зголемен е бројот на странските инвеститори, што се задоволни од бизнис климата во државата и кои се подготвени да ја зголемат својата инвестиција

„За нас странските инвеститори се исклучително важни исто како и домашните инвеститори, бидејќи економијата е една од главните приоритети на функционирањето на оваа Влада, како и сѐ друго, што е составен дел во таа борба за колку е можно подобра економија.“ – истакна премиерот Христијан Мицкоски по работната средба со Советот на странски инвеститори.

Најнови вести

To top