Македонија

ВМРО-ДПМНЕ слави победа со водство во 53 општини ширум Македонија

На локалните избори, во прв круг беа избрани градоначалници во 44 општини, додека во 33 ќе се гласа во втор круг. Во три општини ќе се повтори првиот круг поради недоволен цензус.

Државната изборна комисија ги обработи речиси сите гласачки места и до 14 часот, според податоците што ги емитува во живо, Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ има водство со свои кандидати во 53 општини, Коалицијата ВЛЕН во 9, Коалицијата СДСМ во 8, ДУИ во 5 и ДП на Турците 1. По изборите, во доцните часови, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски рече дека „Македонија не избра партија, туку насока, избра вредност, избра луѓе кои веруваат во работа, а не во зборови“.

  • Но, оваа убедлива победа е само почеток на новата македонска енергија, мирна, одлучна, праведна. Во овие недели покажавме дека политиката може да има поинакво лице без навреди, без гнев, омраза, со достоинство, со поглед право во очи, со дела наместо со празни ветувања. Граѓаните го препознаа тоа вечерва и со убедливо мнозинство ја потврдија својата доверба. Не заради нас, туку заради себе, своите семејства, својата иднина – истакна Мицкоски.

На локалните избори, во прв круг беа избрани градоначалници во 44 општини, додека во 33 ќе се гласа во втор круг. Во три општини ќе се повтори првиот круг поради недоволен цензус.

Според податоците на Државната изборна комисија, градоначалници во прв круг се избрани во Берово, Битола, Босилово, Бутел, Василево, Вевчани, Велес, Гази Баба, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Делчево, Демир Хисар, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Струмица, Штип, Арачиново, Желино, Сарај, Теарце, Чаир, Богданци, Крива Паланка, Кривогаштани, Гостивар, Липково, Пласница, Чашка.

Општините каде ќе се гласа во втор круг се Аеродром, Брвеница, Валандово, Виница, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зрновци, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Чешиново-Облешево, Боговиње, Дебар, Долнени, Тетово, Крушево, Лозово, Росоман, Центар, Чучер Сандево, Струга, Шуто Оризари, Куманово, Студеничани, Град Скопје.

Повторување на првиот круг на избори поради недоволен цензус ќе има во Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа.

Во Старо Нагоричане сè уште е неизвесно дали ќе има втор круг, бидејќи кандидатот што предводи засега има освоено 50 проценти.

Кандидатот Левица Амар Мециновиќ ќе оди во втор круг за градоначалник на град Скопје заедно со Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, синоќа на прес-конференција изјави дека неговата партија станува новиот лидер на опозицијата во Македонија, нагласувајќи го континуираниот раст на поддршката од граѓаните во последните изборни циклуси.

  • Од 8 кандидати за градоначалници во 2021 година, сега имаме 20. Од 38 советнички листи – 53, во вкупно 80 општини. Од 50.000 гласови пораснавме на над 75.000. Од 48 советници, сега имаме над 70 советници. Тоа покажува стабилен раст и јасен сигнал дека Левица е сериозен политички фактор – изјави Апасиев.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче вчера им честиташе на сите градоначалници што победија во првиот круг од локалните избори. Тој на прес-конференција во партиското седиште кажа дека СДСМ во прв круг победи во Крива Паланка, Кривогаштани и во Богданци, но има и други општини каде што е во водство.

  • Овој резултат не е тој што го посакувавме, но во неколку општини имаме значително зголемување на бројот на гласовите, што се должи на консолидацијата на партијата – рече лидерот на СДСМ.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети по изборните резултати не се појави со вообичаениот прес во Мала Речица. Кандидатот за градоначалник на скопската Општина Чаир од коалицијата Вреди, Изет Меџити, вечерва прогласи победа уште во првиот круг од локалните избори и го повика Ахмети да е повлече.

  • На ДУИ и на Ахмети, кои се залагаа за легитимитет, им честитам за победата во Пласница, додека во другите општини убедливо води Вреди. Во Чаир сме тука да ја прославиме победата на Вреди уште во првиот круг. Тие посакуваа да се мериме во Чаир и во Тетово, но и таму убедлива победа ќе издвојува Вреди – изјави Меџити.

Вториот круг на гласање ќе биде одржан на 2 ноември.

Најнови вести од: Македонија

„СДК“: На „Маркова нога“ ќе се обнови спомен-плочата за седумте младинци од Лерин, ѕверски убиени на 17.1.1944 од бугарскиот фашистички окупатор

„На седумте младинци борци од Лерин, ѕверски убиени на 17 јануари 1944 година од бугарскиот фашистички окупатор“, пишува на спомен-плочата на граничниот премин Маркова Нога. Повторното отворање на граничниот премин Маркова Нога во Преспа ќе нема само политичко, и економско начење. Преминот ќе биде и место за историско сеќавање бидејќи непосредно до него, на македонската страна, се наоѓа спомен-плочата за седумте младинци од Лерин кои беа измачувани и убиени од фашистичките сили за време на Втората светска војна, објави информативниот портал „СДК“.

Монах Амвросиј: Свети Наум ја градеше душата на древниот македонски народ, кој стои со својот идентитет во темелите на европската цивилизација! (2)

„Во тишината на бреговите на Охридското Езеро манастирот ‘Свети Наум’ со векови ја чува духовната светлина на македонскиот народ.  За да ја разбереме духовната мисија на манастирот ‘Свети Наум’ денес мораме да погледнеме во длабочината на нашиот историски и духовен континуитет. Кога Свети Наум го основал овој манастир во 905 година на брегот на Охридското Езеро, тој не градел само ѕидови, туку ја градел душата на еден народ. Ова свето место не е само нем споменик од минатото, туку жива лулка, во која пулсираат македонскиот идентитет и нашата национална меморија. Манастирот ‘Свети Наум’ е жива историска енциклопедија, во која е впишан целиот македонски национален и духовен код. Овде не се вкрстувале само патиштата на обичните луѓе, туку овде се кршеле копјата на најголемите империи, а манастирот секогаш останувал исправен како светилник на нашата самобитност. Затоа, манастирот ‘Свети Наум’ не е само историја. Тој е жив доказ дека еден народ, што го изградил својот идентитет врз писменост, вера и манастирска непокорност, никогаш не може да биде избришан од мапата на светот!“ – нагласува во интервју за „Нова Македонија“ монахот Амвросиј, жител на ова свето место и моментно студент на Московската духовна академија.

Мицкоски: Очекувам во јунскиот извештај на ЕУ да бидеме најдобри исто како во декемврискиот, има уште време за разговори со опозицијата за изборниот закон

Премиерот Христијан Мицкоски денеска повтори дека очекува во јунскиот извештај на ЕУ да бидеме најдобри исто како и во декемврискиот. Тој уште еднаш повика на разговори со опозицијата за Изборниот законик, за што кажа дека се уште има шанса да биде донесен и да биде исполнет и десетиот чекор од зададениот грејс период.

Денес се одбележуваат великото дело и личноста на Свети Наум Охридски, еден од основоположниците на македонската и сесловенската писменост (1)

Денес Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и сиот македонски народ, не само оние, кои се православни христијански верници, го одбележуваат црковно-народниот празник, посветен на личноста и великото дело на Свети Наум Охридски – Чудотворец, еден од основоположниците на македонската и сесловенската писменост и просвета, заедно со светите браќа Кирил и Методиј, како и со Св. Климент. Свети Наум Охридски останува запаметен како исцелител и просветител на македонскиот народ, но како и заштитник на манастирот „Св. Наум“ во Охрид. Охридската книжевна школа, како најстара средновековна македонска книжевна школа, е формирана во 886 година од Свети Климент Охридски. Во 893 година на Климент му се придружува Свети Наум Охридски, откако Климент е назначен како епископ. Во рамките на Охридската книжевна школа биле обучени повеќе од 3.500 ученици и таа одиграла клучна улога во описменувањето, како и во ширењето на македонската и словенската писменост и култура.

Најнови вести

To top