Денеска, на иницијатива на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во Кабинетот се одржа дебата на тема:„Климатски промени – ризици и предизвици“, модерирана од проф. д-р Владо Спиридонов, во својство на член на Советот за безбедност.

Во воведното обраќање, претседателката предупреди дека климатските промени ги засилуваат постојните економски, социјални и безбедносни ризици.

Според неа, време е за премин од реактивно кон превентивно дејствување, преку рано предупредување, координција, соработка меѓу институциите и интегрирани политики.
За неа, енергетската транзиција и намалувањето на зависноста од фосилни горива се клучни, но тие мора да се спроведуваат на начин што нема да ја наруши стабилноста и одржливиот развој.

Покрај претседателката, поздрави обраќања имаа и дoц. д-р Теодора Обрадовиќ-Грнчаровска – МЖСПП, национална координаторка за климатски промени и контакт лице со UNFCCC и проф. д-р Владо Спиридонов, модератор на тематската седница и член на Советот за безбедност.

д-р Теодора Обрадовиќ-Грнчаровска во своето воведно обраќање насловено како „Институционален статус, тековни активности и Законот за климатска акција“, се осврна на националната легислатива, европското законодавство и реформите од Планот за раст, врзани за климатските промени.
Проф. д-р Владо Спиридонов ги презентираше климатските сценарија 2026-2100 и алгоритмите за предвидување на природните непогоди.
Дебатата се одвиваше во три сесии.
Во првата сесија, насловена „Институционална рамка и законска регулатива за климатски промени, квалитет на воздух и здравствени последици“ говореа: проф. д-р Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“, Анета Стефановска, раководителка на одделение за мониторинг на квалитет на воздух во МЖСПП, прим. д-р Оливер Зафировски, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија, проф. д-р Маргарита Гиновска од ФЕИТ и д-р Наташа Марковска, научен советник во ИЦЕОР-МАНУ и контакт лице со IPCC.

Втората сесија се фокусираше на климатските ризици, отпорноста и иновативните мерки за адаптација. Во нејзини рамки дебатираа панелистите: проф. д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ – Скопје, проф. д-р Никола Николов, декан на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, Ана Чоловиќ-Лешоска, извршен директор на Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест, Goldman Environmental Prize Winner 2019, м-р Васко Поповски, независен експерт со меѓународно искуство во намалување на ризици од катастрофи, климатска адаптација и отпорност и Борис Секирарски, дипл. инж. метеоролог и иноватор.
На третата тематска сесија, под наслов „Интегрирано управување со води, квалитет на водите, георизици и адаптација на земјоделството“ дискутираа: проф. д-р Иван Блинков од Шумарски факултет, проф. д-р Ордан Чукалиев од Факултет за земјоделски науки и храна, проф. д-р Соња Липиткова од Универзитетот „Гоце Делчев“– Штип, Факултет за прирoдни и технички науки и проф. д-р Катерина Дрогершка од Институтот за сеизмологија.

Во долгата, стручна и плодна дискусија, пропратена со бројни прашања и аргументирани одговори, беа предложени не само низа мерки за превентивно делување, туку и иновативни решенија за адаптација.

Низ темелна опсервација, пропратена со релевантни податоци, компаративни анализи, докази, предвидувања, присутните добија јасна слика за: управувањето со квалитетот на воздухот, влијанието на аерозагадувањето врз здравјето, актуелните истражувања, иновациите и образованието во климатските системи, моделите за управување со климатските екстреми, спречувањето во борбата со пожарите, заштитата на водните ресурси и екосистеми, улогата на геологијата во служба на климатската адаптација, како и влијанието на климатските промени врз сеизмичките ризици.

Конференцијата заврши со предлог заклучоци и препораки, коишто ќе бидат доставени до Советот за безбедност, релевантните институции и јавноста.

Во прилог го проследуваме обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.
„КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ – РИЗИЦИ И ПРЕДИЗВИЦИ“
Обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова:
Почитувани експерти,
Драги професори,
Ценети гости,
Денес, кога зборуваме за климатските промени, не зборуваме за нешто далечно и апстрактно, туку за реалност којашто секојдневно ја живееме низ летата што траат подолго отколку што сме навикнале, низ воздухот, збогатен со PM честички, низ водата што станува загадена и недоволна, низ шумите што исчезнуваат.
Се потсетувам на Жан Жак Русо и неговиот Општествен договор, како договор на рамноправни индивидуи-граѓани. Но, Мишел Сера го напиша Природниот договор како договор меѓу Планетата Земја и луѓето, којшто подразбира рамнотежа, одговорност и свесност дека човекот не е одвоен од природата, туку нејзин партнер. Токму затоа, оваа тема не е само научна, ниту само политичка, туку длабоко човечка.
Ако до вчера климатските промени ги доживувавме како предупредување, а природата како неисцрпен ресурс, денес веќе ги живееме како последица, тука, околу нас, не само како промена во природните циклуси, туку како директен притисок врз секојдневниот живот и економијата. Земјоделството, коешто отсекогаш зависело од предвидливоста на природата, денес се соочува со несигурност што не се памети: една година суша, друга поплави, една година род, друга загуба, што го прави планирањето сè потешко, а ризикот сè поголем. Воздухот што го дишеме одамна престана да биде само еколошко прашање, туку сè повеќе станува прашање на здравје и на безбедност, а најсиромашните држави и најранливите категории заедници и луѓе први ја чувствуваат тежината на оваа состојба. Енергетиката, денес се наоѓа во центарот на глобалните предизвици: согорувањето на фосилни горива со децении придонесува за зголемување на температурите, додека климатските екстреми сè повеќе го загрозуваат самото производство и снабдување со енергија. Со војната на Блискиот Исток, како да стивна дебатата за обновливи извори на енергија.
Но, ова не е само национален предизвик, туку дел од поширока глобална слика во којашто светот станува сè поповрзан, но и сè покревок. Климатските промени не се одвиваат изолирано, туку во сплет со други кризи, правејќи ги посложени и потешки за менаџирање. Фактот што тие се во фокусот на Обединетите нации јасно укажува дека станува збор за прашање со глобални импликации и заедничка одговорност. Доволно е да фрлите поглед во енергетски чувствителните региони, како Блискиот Исток, каде што во услови на конфликти не се уништува само инфраструктурата, туку се создаваат и сериозни последици врз животната средина, преку зголемени емисии, загадување и долгорочни штети. Не гинат само луѓе, туку и билки и животни.
Климатските промени се опишуваат како мултипликатор на ризици, зашто не создаваат само нови предизвици, туку ги засилуваат постојните: она што вчера било економски проблем, денес станува социјален, а утре и безбедносен. Податоците дополнително ја потврдуваат сериозноста на овие процеси. Во последните години, екстремните временски и климатски настани предизвикаа значајни економски штети и загуби на ресурси, што директно се одразува врз развојните можности. Климатските ризици бараат координиран институционален одговор и јасно дефинирани политики.
Се прашувам: Дали најсериозната димензија е онаа што не се гледа веднаш? Кога ресурсите стануваат ограничени, а потребите растат, се создава простор за тензии, за миграции и за постепено нарушување на општествената стабилност, што го прави овој предизвик далеку поширок од рамките на животната средина.
Нашиот Устав ја препознава заштитата и унапредувањето на животната средина и природата како темелна вредност на уставниот поредок. Денес, таа вредност не може да се разгледува изолирано, туку и во контекст на безбедноста, имајќи предвид дека ризиците од климатските промени директно влијаат врз функционирањето на општеството и институциите. Иако оваа вредност е уставна материја, сеуште го чекаме Законот за климатска акција. Згора, далеку сме од соодветно почитување на Законот за заштита на природата и животната средина.
Потребна е промена во начинот на којшто размислуваме, планираме и одлучуваме, зашто долго време функциониравме реактивно, односно „пост фестум”, наместо превентивно, односно “ex ante”. Преминот кон превентивно делување станува неопходен, при што интегрираниот систем за рано предупредување е дел од решението, заедно со координацијата меѓу институциите и соработката, а транзицијата кон нискојаглеродна економија отвора сериозни и неодложни прашања.
Како да обезбедиме сигурност, а да ја намалиме зависноста од фосилни извори? Како да воведеме одржливи практики, а да го зачуваме животниот стандард?
Ако продолжиме да живееме спротивно на природните закони, ниту еден систем нема да може да ги амортизира последиците, што укажува дека заштитата на животната средина не е само правна обврска, туку и одговорност кон иднината. Прашањето што значи сето ова за нас не е апстрактно, туку многу конкретно. Македонската држава не е изземена, напротив, особено е чувствителна на овие процеси, имајќи ги предвид и природните услови и економската структура. Направени се чекори, донесени се стратегии, планови и законски решенија, но клучното прашање останува нивната примена, зашто документите сами по себе не создаваат резултати ако не се спроведуваат доследно. Охрабрувачки е тоа што се очекува и донесување на Законот за климатска акција, како важен чекор кон воспоставување појасна и покохерентна рамка за делување.
Почитувани,
Климатските промени не се процес што се адаптира на нашите рокови или на нашата подготвеност. Тие се одвиваат со сопствена динамика, па затоа одговорот не може да биде одложен ниту фрагментиран, туку бара координирано дејствување засновано на знаење, соработка и јасна свест за заедничката одговорност.
Свесна дека е во прашање сериозна безбедносна тема, за член на Советот за безбедност, го именував проф. д-р Владо Спиридонов, со цел да се зајакне експертската и аналитичката димензија во разгледувањето на овие прашања.
Денешните тематски сесии се особено важни зашто овозможуваат согледување на предизвиците од различни агли, како и поставување поцврста основа за понатамошно дејствување. Нивната вредност нема да се мери само со тоа што ќе се каже денес, туку со тоа што ќе следи потоа, со способноста заклучоците да се преточат во конкретни чекори, во применливи политики и во одлуки што ќе имаат долгорочен ефект.
На крајот, се сè сведува на едно многу едноставно прашање: Дали ќе научиме да живееме во хармонија со природата, или ќе продолжиме да војуваме со неа, итајќи кон суицид. Природата не се приспособува на нас, туку ние треба да се приспособиме на неа, ако сакаме да опстанеме. Зашто, ние не можеме без неа, а таа може без нас.
Ви благодарам.