Македонија

Зошто во Македонија не може да се забрани користење на социјалните мрежи за малолетници до 15 години?!

Не бегаме од тоа да се менува законот за да имаме ваква можност, но опасноста е многу голема кога државата ќе реши да забранува одредени алатки за определена група луѓе. Тоа треба да го чуваме како последна мерка во можностите, а прва мерка се превенција и родителска контрола, велат од Владата.

Владата не размислува за ограничување на пристапот до социјалните мрежи за малолетници до 15 години, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, оценувајќи дека таквиот потег би бил премногу радикален и би значел мешање на државата во основните права и слободи. Тој ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање на настан во Прилеп, по повод одбележување на Денот на безбеден интернет, за тоа дали и Македонија ќе тргне по стапките на некои земји, од кои дел и членки на Европската Унија (ЕУ) каде што во тек е дискусија за ограничување на пристапот до социјални мрежи за малолетници.

  • „Забележавме петиции и во Македонија. Јас дадов еден коментар. Ние минатата година, во рамките на овој проект, во сите училишта претставивме начин на контрола преку кој родителите може да контролираат кои апликации нивните деца може да ги имаат на своите мобилни телефони и другите уреди, колку време може да поминат со нив и кои содржини смеат или не да ги следат. Сметавме дека ова е начин да ги превенираме опасностите од Интернетот, а контролата да ја задржат родителите, а да не ја преземе државата. Тоа е контролата на алатки кои се исклучително приватни. Ги користат родители, деца и би било мешање на државата во домашните работи на секое семејство“, изјави министерот за дигитална трансформација.

Сепак, тој остави простор, доколку има зголемен интерес од родителите и доколку постои, како што кажа, зголемен страв, да се отвори дискусија за тие прашања. Во тој контекст, Андоновски рече дека може да се направи јавна расправа и анкета за да се види какви се интересот и размислувањето на родителите.

  • „Не бегаме од тоа да се менува законот за да имаме ваква можност, но опасноста е многу голема кога државата ќе реши да забранува одредени алатки за определена група луѓе. Така, отвораме врата за државата утре да си дозволи да забранува и тоа да биде спротивно на слободата на говорот, спротивно на слободата на изразување, зашто државата решила дека некаква алатка треба да забрани. Тоа треба да го чуваме како последна мерка во можностите, а прва мерка се превенција и родителска контрола“, додаде министерот.

Инаку, во организација на Министерството за дигитална трансформација и Општина Прилеп денеска во ООУ „Кире Гавриловски – Јане“ во овој град беше одржан настан по повод Меѓународниот ден на побезбеден интернет. Андоновски по повод настанот рече дека со него се заокружува големиот проект за воспоставување Центар за побезбеден интернет во Македонија, поддржан од дигитална Европа и од Европската Унија.

  • „Ова е еден од последните настани со кој го завршуваме овој проект и во очекување сме на целосно воспоставување на Центарот кој ќе има своја линија на која ќе може да се јавуваат млади луѓе, родители, наставници за тоа како да се справуваат со недостатоците на интернет, како да им помогнат на младите“, изјави Андоновски.

За еден месец, како што наведе тој, ќе бидат готови и резултатите од проектот вреден 600 000 евра, а Министерството очекува да почне нов, или втора фаза, со поддршка од ЕУ од околу еден милион евра.

Најнови вести од: Македонија

(Видео): Нула денари од Буџетот за прославата за независноста, за разлика од 8,2 милиони евра „во воздух“ кај Груби и Бајрами, велат од Владата

На Државна лотарија ѝ било укажано да обезбеди средства од нераспределената добивка предвидена за 2024 година во висина од 300 милиони денари за спонзорирање на настаните како и да објави јавен повик за прибирање на понуди за реализација на спонзорираните настани.

Клековски: Западнонилската треска стивнува, на Клиниката за инфективни болести сe згрижени шест пациенти

Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека епидемијата на западнонилската треска стивнува, за што говорат податоците дека во последните две седмици има по два нови случаја, а и на Клиниката за инфективни болести моментно се згрижени шест пациенти, од кои само двајца се во потешка состојба.

Мицкоски: Колку и да сакаат да го оцрнат работењето на оваа Влада, денес многу подобро се живее отколку пред 3 години!

„Пред 25-26 месеци наследивме  уништени институции, ограбена економија, клекната на колена држава, разочарани и демотивирани граѓани. И сега,  колку и да сакаат да го оцрнат тоа што денеска оваа Влада го работи, ќе мора сите да се согласиме дека денеска многу подобро се живее од тоа што беше пред три години.“ – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи  на новинарско прашање во врска со забелешките на опозицијата околу порастот на бруто-домашниот производ.

„Babuna Red 2023“ на „Тиквеш“ го освои Лондон: Престижен трофеј за најдобро црвено вино од Македонија

На свечениот настан за доделување на наградите освоени на годинешниот International Wine Challenge (IWC), што се одржа на 8. септември во Лондон, трофејот за „Babuna Red 2023“ за најдобро црвено вино од Македонија, му беше врачен на претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски. Со оваа награда, „Babuna Red 2023“ се вбројува меѓу вината што оставија најсилен впечаток на едно од највлијателните и најценети светски вински натпреварувања, потврдувајќи го квалитетот, автентичноста и меѓународниот потенцијал на македонското вино. Ова престижно признание има и дополнителна тежина бидејќи „Babuna Red 2023“ на истиот натпревар освои и златен медал со високи 95 поени, издвојувајќи се меѓу најдобро оценетите вина во својата категорија.

Најнови вести

To top