Регион

Две години од трагедијата во Нови Сад: Комеморација за 16-те жртви во Србија

Трагедијата од 1 ноември 2024 година предизвика масовни студентски и граѓански протести кои доведоа до големи политички промени и пад на режимот на Александар Вучиќ во Србија. Tрите правни постапки поврзани со несреќата сè уште чекаат разрешница

Две години по уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица, меѓу кои и еден македонски граѓанин, српските студентите организираат комеморативен собир во знак на сеќавање на жртвите. Комеморативниот собир ќе се одржи пред Железничката станица во Нови Сад, со почеток во 11:52 часот, точно во времето кога пред две години се урна настрешницата.

Како што јавува Н1, студентите организираат и комеморативна прошетка, со собирање на граѓаните од 9:30 часот на три локации. Трите колони ќе тргнат во 10 часот, ќе се спојат кај Футошкиот пазар и заедно ќе продолжат кон Железничката станица.

  • „Студентите ве повикуваат во недела, 1 ноември, да присуствувате на комеморативниот собир посветен на жртвите од уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад. Заедно да го зачуваме сеќавањето на загинатите“, се наведува во повикот објавен на социјалните мрежи.

Во пресрет на годишнината, студентите од Правниот факултет во Белград вчера за последен пат го организираа традиционалниот 16-минутен молк пред факултетот. Со блокирање на сообраќајот и молк во 11:52 часот, тие им оддадоа почит на 16-те жртви, како што тоа го правеа во изминатите две години.

Иако трагедијата предизвика сериозна политичка криза, пад на владејачката Српска напредна партија (СНС) на чело со Александар Вучиќ на неодамнешните парламентарни избори и победа на Студентската листа, прашањето за кривичната одговорност останува отворено.

Две години по несреќата, во Србија се водат три одвоени правни постапки поврзани со уривањето на настрешницата, но сè уште нема правосилна пресуда за трагедијата во која загинаа 16 лица меѓу кои и Васко Саздовски од Свети Николе, научник и истражувач кој работел за Институтот „Биосенс“ во Нови Сад.

Една од постапките се води токму пред судот во Нови Сад. Апелацискиот суд во јули годинава го потврди обвинението против 13 лица, меѓу кои е и поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ. Обвинетите се товарат за различни кривични дела поврзани со несреќата.

Меѓутоа, Вишиот суд во Нови Сад соопшти дека подготвителното рочиште сè уште не е закажано бидејќи целокупната документација за предметот се наоѓа во Врховниот суд на Србија.

Втората постапка е покрената во Белград, каде што Вишото јавно обвинителство во март 2025 година поднесе обвинение против три лица за несовесно работење. Но, предметот набргу бил префрлен во Јавното обвинителство за организиран криминал, по што се отворил спор околу надлежноста.

Апелацискиот суд во Белград досега трипати го укинал обвинението поради нерешеното прашање дали го поднело надлежното обвинителство, што дополнително го одложува почетокот на судењето.

Третата постапка е истрага што ја води Јавното обвинителство за организиран криминал за сомневања за финансиски злоупотреби при реконструкцијата на Железничката станица. Меѓу осомничените се поранешните министри Горан Весиќ и Томислав Момировиќ, како и уште 12 лица.

Најнови вести од: Регион

Можеби нема да учествуваме на претседателските избори, рече Вучиќ по поразот на изборите

Српската напредна партија беше создадена со одвојување од Српската радикална партија, осудениот на хашкиот суд Воислав Шешељ, и дојде на власт во 2012 година. Вучиќ беше премиер на Србија од април 2014 година до крајот на мај 2017 година, по што беше избран за претседател во два мандата.

Брнабиќ: Претседателските избори ќе ги распишеме до 27 ноември

Потпретседателката на Главниот одбор на Српската напредна странка (СНС), Ана Брнабиќ, се обрати од зградата на Претседателството на Србија, во својство на вршител на должноста претседател на Република Србија.

To top