Регион

Грција нема да го екстрадира Аце Боцевски-Циганот

Убиството, за кое сега 60-годишниот беше баран со европска потерница се случи во Македонија во ноември 1997 година, а жртва беше 37-годишен македонски државјанин. Боцевски тогаш беше осуден на 15-годишна затворска казна, но побегна во Грцијa

Македонскиот државјанин, баран со европска потерница за убиство пред 28 години што беше уапсен на крајот на мај годинава во грчкиот град Катерини, нема да биде екстрадиран во земјава, поради застареност на случајот, одлучил судот во Солун, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Со отфрлање на барањето за екстрадиција, судиите одлучиле и да му ја укинат мерката притвор.

Убиството, за кое сега веќе 60-годишниот беше баран со европска потерница се случи во Македонија во ноември 1997 година, а жртва бил 37-годишен македонски државјанин. Сторителот тогаш бил осуден на 15-годишна затворска казна, но побегнал во Грција, а пред шест месеци беше уапсен во Катерини.

Аце Боцевски намерно предизвикал сообраќајна несреќа, а кога жртвата излегла од возилото да ги види оштетувањата, пукал кон него и го убил, додека пак една година подоцна се одржало судењето и беше осуден на 15 години.

Пред солунскиот суд, објаснил дека откако бил пуштен од притвор, побегнал и се преселил во Грција и дека сега има бизнис со соби за изнајмување во областа Пиерија.

„Тој, преку своите адвокати, изјави дека во тој период служел во личното обезбедување на тогашниот претседател на државата, Киро Глигоров и дека бил на мета од политички причини. Според неговите тврдења, бил задржан во притвор 90 дена, по што бил пуштен на слобода, а потоа избегал со пасош издаден од властите на неговата земја и се преселил во Грција„ пишува АНА-МПА.

Со оглед на тоа што изречената казна е пред 20 години, согласно грчкото кривично право е застарена и затоа судиите го отфрлиле барањето за негова екстрадиција во Северна Македонија.

Најнови вести од: Регион

И Македонија во игра, екс претседател на земја членка советува како ЕУ да стане велесила

Борут Пахор е словенечки политичар кој беше претседател на државата од 2012 до 2022 година. Претходно ја извршуваше функцијата премиер и претседател на парламентот, а важи за искусен дипломат и силен поддржувач на европската интеграција на регионот.

To top