Министерка за државна администрација и локална самоуправа на Србија, Снежана Пауновиќ, е прогласена за персона нон грата во Косово откако изјави дека доколку била на власт за време на војната, ќе спровела „етничко чистење“ на Косово.
Одлуката ја објави вчера косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла, кој потврди дека ја потпишал и ја проследил до надлежните органи.
Ксовскиот министер рече дека реториката на српската министерка покажува „континуитет на државната политика што со децении произведува насилство, злосторства и обиди за искоренување на Албанците од нивните домови“.
„Како министер за внатрешни работи на Косово, денес донесов одлука со која ја прогласувам Снежана Пауновиќ за персона нон грата, со трајна забрана за влез или премин низ Република Косово. Времето кога Албанците беа угнетувани, масакрирани и етнички чистени е засекогаш завршено“, напиша Свечла на социјалните мрежи.
„Секој обид за оживување на идеологиите за етничко чистење или закани за Република Косово ќе наиде на цврст, правен и институционален одговор“, објави тој на социјалните мрежи.
„Да бев на местото на Милошевиќ во 1998 година, етнички ќе го исчистев Косово. И тоа е најсуровата квалификација што некогаш сум ја изговорила. Не на начин на кој сакаат да нè ликвидираат, туку за да не се чувствуваат како дел од Србија и да одат во својата матична земја“, рече Пауновиќ во телевизиско интервју за белградска станица.
Изјавата предизвика реакции и од високи претставници на Европската Унија. Портпаролката на Европската комисија, Анита Хипер, на прес-конференција во Брисел изјави дека ЕУ нема директно да коментира поединечни изјави, но го повтори ставот на блокот. „Во Европа нема место за реторика што го оправдува и заговара етничкото чистење“, рече Хипер.
По бројните реакции, Пауновиќ објави соопштение во кое тврди дека против неа се води пропаганда. Таа изјави дека само направила „анализа“, но дека стои зад ставот што го изразила во контроверзната изјава.
Слободан Милошевиќ, кој ја водеше Србија за време на косовскиот конфликт, почина во притвор во Хаг во 2006 година. Тој почина додека беше на судење пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија по обвиненија што вклучуваа геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.