Регион

Во Бугарија 14-годишник со автомобил удрил во контејнер за отпад, па избегал со мајка му, во багажникот пронајден мртов нејзиниот сопруг

Сообраќајна несреќа во бугарскиот град Димитровград довела до откривање на убиство, откако 14-годишно момче изгубило контрола врз семејниот „мерцедес“ и удрило во контејнер за отпад. По судирот, момчето и неговата мајка го напуштиле местото, а полицијата во багажникот на автомобилот го пронашла телото на 67-годишниот сопруг на жената, објавува порталот 24chasa.bg.

Според медиумските извештаи, 32-годишната жена била во брак со Петар, со кого имала две мали деца. Со нив живеел и нејзиниот 14-годишен син од претходен брак. Семејството се издржувало од приходите на мажот, кој примал висока пензија, а куќата во населбата Маријно била во негова сопственост. Соседите сведочеле дека сопружниците често се карале. Според нивните изјави, расправија се слушала и во текот на денот во понеделникот.

Точното време на убиството засега не е утврдено, но според медиумските информации, постојат сомневања дека жената и нејзиниот постар син подолго време го планирале злосторството. Според првичните информации од истрагата, 67-годишниот маж починал од убодна рана во пределот на срцето. Се сомнева дека го избодела неговата сопруга, по што момчето ѝ помогнало да го завитка телото во ќебе. Околу 23:30 часот во понеделникот, мајката и синот наводно го ставиле телото во багажникот на семејниот „мерцедес“.

Според сомневањата на истражителите, планирале да го фрлат во реката Марица. Мотивот, според медиумските извештаи, можеби бил поврзан со намерата да ја наследат куќата и да продолжат да ја подигнуваат пензијата на мажот, која му била исплаќана на банкарска сметка. Нивниот план, сепак, бил прекинат само неколку минути по тргнувањето, кога 14-годишникот изгубил контрола врз автомобилот и удрил во контејнер за отпад. Иако било речиси полноќ, очевидци ја забележале несреќата и ги повикале итните служби на телефонскиот број 112. Мајката и синот потоа избегале од местото.

Полицијата го проверила автомобилот, а при отворањето на багажникот го пронашла телото на Петар. Неговата сопруга и нејзиниот син набрзо биле приведени. Во текот на целиот вторник, истражителите извршувале увид во семејниот дом. Според неофицијални информации, бил пронајден и предмет за кој постои сомневање дека бил употребен при убиството. Мајката е приведена, додека за нејзиниот 14-годишен син и неговите двајца помлади полубраќа е определена полициска заштита.

Се очекува обвинителството да одлучи дали ќе покрене обвинение и против малолетникот. Според неофицијалните информации објавени во бугарските медиуми, жената ја презела одговорноста за злосторството за да го заштити својот син. Воедно, се наведува дека изјавите на момчето за наводното претходно планирање на убиството не биле дадени во присуство на адвокат, што би можело да биде предмет на оспорување во понатамошната постапка. Според истиот медиумски извештај, доколку биде осудено, момчето би можело да се соочи со затворска казна до пет години.

Најнови вести од: Регион

Бугарија одбива европска медијација во спорот со Македонија

Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски вчера изјави дека дијалогот што се води околу отворените прашања меѓу Скопје и Софија има поддршка од европските институции и земјите членки на ЕУ, додавајќи дека земјава останува на своите јасни и принципиелни позиции.

БИА ги отфрла обвинувањата за незаконско следење и посочува дека имаат цел да ја дестаблизираат Србија

Од БИА истакнуваат дека и во најтешките времиња работата на Агенцијата ја носеле чесни луѓе кои својот живот го посветиле на заштитата на Република Србија и нејзините граѓани.

To top