Александар Вучиќ објави предизборен спот во кој глуми келнер што услужува семејство во ресторан. Наместо храна и пијалаци, членовите на семејството нарачуваат исполнување на политички ветувања, а тој ги запишува нивните желби.
Семејството на масата ги изнесува своите барања; списокот вклучува автопати, повисоки плати и пензии, нови породилишта и бесплатно образование. Покрај тоа, тие бараат зачувување на Косово, продолжување на политиката на невоведување санкции кон Русија.
Во спотот има сцена во која еден од помладите членови на семејството вели дека сака „Вучиќ да си замине“. Таткото потоа интервенира и ја пренасочува желбата на момчето кон бесплатно образование.
Една млада жена на масата бара членство на Србија во Европската Унија и НАТО, на што Вучиќ одговара: „НАТО немаме, но имаме мир и стабилност“. Младата жена потоа ја прифаќа понудената алтернатива, велејќи: „Тоа ми одговара“.
На крајот, кога ги прашува што сакаат за десерт, таткото нарачува стабилен курс на динарот. „Договорено“, одговара Вучиќ. Спотот завршува со сцена во која Вучиќ се оддалечува од масата, додека постарата госпоѓа коментира: „Добар човек“.
Видеото беше објавено во пресрет на вонредните парламентарни избори во Србија, закажани за 25 октомври.
Бидејќи според Уставот не може да добие трет претседателски мандат, Вучиќ го продолжува својот политички ангажман преку кампањата на СНС за парламентарните избори и, како што се претпоставува, со намра да биде иден премиер на Србија.