Спорт

Исланд ја прегази Словенија за полуфинале

Португалија го заврши ЕП со триумф над Шпанија

Ракометарите на Исланд ѝ се приклучија на Данска во полуфиналето на Европското првенство (ЕП), откако попладнево во Малме ја совладаа Словенија со 39-31и го обезбедија едно од првите две места во групата 2 од главната рунда.

Првото полувреме беше резултатски израмнето, но Исланд во финишот стекна предност од два гола за водство од 18-16.

Словенците три пати доаѓаа на гол негатива во продолжението, но откако Исланд влезе во серија од 6-1, поведе со 26-20 во 40. минута и до крајот ја зачува предноста за убедлив триумф кој им донесе пласман меѓу четирите најдобри европски селекции.

Исланд е лидер со седум бодови во групата 2, од која вториот патник во полуфиналето ќе биде познат по вечерашните завршни дуели меѓу Хрватска – Унгарија и Шведска – Швајцарија.

Во воведниот денешен натпревар во групата 1, Португалија ја совлада Шпанија со 35-27.

Во дуелот во кој и двете репрезентации беа без шанса за пласман во полуфиналето, Португалците влегоа многу помотивирано и од самиот почеток беа во водство кое на моменти во првото полувреме изнесуваше највисоки плус шест голови разлика.

Вториот дел донесе идентична слика на теренот и рутинска победа на Португалците со која се искачија на третото место на табелата со пет бодови, пред двата преостанатите натпревари од оваа група меѓу Данска – Норвешка и Франција – Германија.

Најнови вести од: Спорт

To top