
Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, ѝ ја препушта фаворитската улога на Белгија пред реваншот на 10 октомври во Гент од квалификациите за Светското првенство 2026, но верува во своите избраници бидејќи покажале дека можат да играат против сите.
„Досега одигравме пет големи битки, а така ќе биде и на преостанатите три. Белгија останува главен фаворит во нашата група, но ние покажавме дека можеме да играме против сите. Никој не може да ни ја одземе надежта за пласман на Светското првенство. Ќе се подготвуваме максимално сериозно и ќе сториме сè за да постигнеме успех. Нашата цел е да докажеме дека Македонија може да биде конкурентна и против реално поквалитетни селекции“, изјави Милевски.
„Имаме ние во нашиот македонски ген еден посебен икс-фактор што не знаеме кога ќе проработи. Понекогаш излегува тогаш кога е најпотребно, во моменти кога сите мислат дека е невозможно. Тоа е нашата сила, нашата верба и инает, нешто што не се гледа секогаш на табелата, ама на теренот прави разлика“, нагласува македонскиот „изборник“.
Меѓу 26. фудбалери што Милевски ги повика за собирот на 6 октомври ги нема повредените Лирим Ќамили и Димитар Митровски, а се враќа Давид Бабунски.
Три дена по гостувањето во Белгија, „црвено-жолтите“ ќе го пречекаат Казахстан.
Македонија е на чело на табелата во групата Ј со 11 бода од пет одиграни средби, пред Белгија со 10 и меч помалку и Велс исто така со 10.