Специјализираната вебстраница за ракомет „Хендбол планет“ предвидува дека Македонија ќе заврши на 16. место во конкуренција на 24 учесници на 17. Европско првенство што почна денеска во Данска, Шведска и Норвешка и ќе трае до 1 февруари.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе стартуваат утревечер од 20:30 часот во Хернинг против соорганизаторот, светски и олимписки првак и прв фаворит за европското злато и според „Хендбол планет“, Данска.
На 18 јануари од 18 ч. „црвено-жолтите“ ќе ѝ се спротивстават на Португалија, четвртопласирана на ланското Светско првенство, а два дена подоцна во истиот термин ќе ги одмерат силите и со Романија.
Двете најуспешни селекции од групата во прелиминарниот круг ќе се пласираат во групата од главната фаза.
„Пауер ранкинг“ на „Хендбол планет“ за ова ЕП: 1. Данска, 2. Германија, 3. Шведска, 4. Исланд, 5. Франција, 6. Унгарија, 7. Хрватска, 8. Португалија, 9. Словенија, 10. Шпанија, 11. Норвешка, 12. Фарски Острови, 13. Холандија, 14. Црна Гора, 15. Србија, 16. МАКЕДОНИЈА, 17. Италија, 18. Чешка, 19. Швајцарија, 20. Австрија, 21. Полска, 22. Романија, 23. Украина и 24. Грузија.