Александар Чеферин, претседател на Унијата на европските фудбалски асоцијации (УЕФА), со двајца соработници пристигна во официјална посета на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), а покрај со нејзиниот прв човек Масар Омерагиќ оствари и заедничка средба со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за спорт Борко Ристовски.
„Денеска остварив средба со претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, каде што разговаравме за визијата, развојот и перспективите на фудбалот. Продолжуваме со силна посветеност кон создавање услови за напредок, инвестиции и нови можности за младите таленти“, рече Мицкоски.
„Посетата на Александар Чеферин е вистинска потврда на нашето пријателство и искрениот однос што го имаме со раководството на УЕФА. За нас е особено важно што во изминатата година спроведовме сериозни реформи во повеќе сегменти, од структурни и организациски промени, преку подобрување на инфраструктурата, до јасна стратегија за развој на младинскиот фудбал. Споделивме вредни информации за состојбите во фудбалот во Македонија и регионот и отворено разговаравме за клучните теми. Оваа поддршка и разбирање од УЕФА е силен поттик да продолжиме со реформите и да го развиваме македонскиот фудбал на највисоко можно ниво“, изјави Омерагиќ.
Заедно со првиот човек на европскиот фудбал, во делегацијата се и Зоран Лаковиќ, директор за национални асоцијации во УЕФА, како и Денис Бастари, раководител за развој на национални асоцијации во УЕФА.