Иако звучи како анегдота, приказната од Охрид е целосно вистинита. Екипата на Охрид оваа сезона како резервен голман го има пријавено 64-годишниот Благојчо Буџакоски. Овој момент предизвика вистинска забуна дури и кај реномираниот сајт ,,Flashscore”, кој поради настапот на охриѓани во полуфиналето на Купот се обиде да ги прикаже составите, јавува Спортски инфо.
Во недостаток на точни информации, платформата погрешно навела дека Буџакоски има 33 години, а наместо него постави фотографија од Антон Хајнц, напаѓач на вториот тим на Баерн Минхен.
Сепак, вистината е далеку поинтересна. Буџакоски е дел од стручниот штаб на Охрид, но поради тоа што не поседува лиценца за да биде официјално на клупата, формално е регистриран како играч. Ваквиот трик е возможен бидејќи во правилниците не постои старосна граница за регистрација на фудбалери.
Дополнително, Буџакоски бил пријавен како играч во периодот од 1. до 17. коло во Втората лига, а дури трипати се нашол и во записник за натпреварите од Купот.
Апсурдно на прв поглед, но во суштина уште една приказна за снаодливоста на домашниот фудбал, јавува Спортски инфо.