Спорт

„Тоа е нешто големо за мене, дел од моите корени“: Мусовски возбуден што ќе го облече македонскиот дрес

Голгетерот на Сиетл саундерс од МЛС-лигата дојде во Скопје по пасош за да заигра против Данска во мартовскиот бараж за СП

Фудбалерот на Сиетл саундерс од американската МЛС-лига, Даниел Дени Мусовски, дојде во Скопје за да поднесе барање за македонски пасош, кој му следува преку родителите Ѓорѓи и Силвана, со кое ќе може да ја засили репрезентацијата на Македонија во мартовскиот бараж со Данска за Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико.

„Моите родители беа премногу возбудени кога слушнаа дека ќе бидам повикан во македонската репрезентација. Тоа е нешто големо за мене, дел од мојата историја, дел од моите корени и нешто со што сум пораснал. Возбудувањето е големо, Светското првенство е во САД и дефинитивно ми се допаѓаат нашите шанси“, изјави 30-годишникот роден во Хендерсон, Невада, за подкастот на Фудбалската федерација на Македонија.

Мусовски игра на позициите крило и центарфор и во последната сезона во МЛС постигна 16 гола и запиша 5 асистенции. Заменувајќи го повредениот Џордан Морис, тој максимално ја искористи шансата, погодувајќи на пет натпревари во низа, а хет-трикот во победата над Канзас од 5:2 во август му го донесе признанието за играч на 30. коло.

Според „Трансфермаркт“, вредноста на Мусовски на фудбалскиот пазар во моментов е 2,5 милиони евра.

Во својот втор мундијалски бараж едноподруго Македонија ќе ѝ гостува на Данска на 26 март во Копенхаген. Ако победи, пет дена подоцна ќе игра на гости кај подобриот меѓу Чешка и Република Ирска за историско учество на планетарните шампионати.

Најнови вести од: Спорт

Почнува главното – Комплетирани се сите двојки од нокаут-фазата на СП

Од овој дел од турнирот повеќе нема право на поправен испит – доколку по 90 минути нема победник, ќе се играат продолженија, а ако и тогаш резултатот остане нерешен, патникот во следната рунда ќе се решава со изведување пенали

Ракометарите на Вардар ги добија ривалите од групата во Лигата на шампионите

Македонскиот ракометен шампион Вардар на денешното извлекување на групите ги доби ривалите за новата сезона во најквалитетното натпреварување, а противници им се: француски Нант, германски Мелсунген и полската екипа Висла

To top