Во тоа што требаше да биде и не толку одамна и беше (нај)големо ракометно дерби во Македонија, Вардар буквално го разнесе Еурофарм Пелистер со 34:19 во арената „Јане Сандански“ и три кола до крајот на плејофот во Суперлигата ја обезбеди 16. шампионска титула.
Дека двократниот еевропски првак е решен пред своите навивачи да го врати шампионскиот пехар во своите витрини по тригодишната доминација на битолчани покажа со водството од 18:12 на полувреме, а во второто на теренот постоеше само составот на Иван Чупиќ, кој му го нанесе еден од најтешките порази на лутиот ривал во меѓусебните дуели.
Девет минути без погодок во првата половина од вториот дел ги чинеше пелистерци двоцифрена негатива од 22:12, која во остатокот од средбата достигна неверојатни 15 гола во полза на „црвено-црните“, кои на најдобар начин надоместија за елиминацијата од Монпелје во Европската лига само пред два дена.
Десниот бек Урош Митровиќ, кој во реваншот со Французите беше исклучен во 41. минута, по што вардарци не успеаја да ги достигнат десетте погодоци заостанување од првиот меч, овојпат го предводеше својот тим со 8 гола.
Кај Еурофарм Пелистер со по пет погодока се издвоија капитенот Филип Кузмановски и десното крило Богдан Радивоевиќ.
Тимот на Алексо Лембанов падна на третото место со 46 бода, два помалку од Охрид, а водечкиот Вардар има недостижни 56.