Меѓународен монетарен фонд предупредува дека конфликтот на Блискиот Исток има сериозни последици врз светската економија, со директно влијание врз инфлацијата, енергетските пазари и глобалната трговија. Во најновата анализа, Фондот оценува дека станува збор за „глобален, но нерамномерно распределен шок“, кој се пренесува преку три главни канали, цените на енергијата, трговските текови и финансиските услови.
Особено се погодени синџирите на снабдување, при што се бележат прекини не само кај енергенсите, туку и кај клучни суровини. Пренасочувањето на танкерите и контејнерските бродови доведува до повисоки транспортни и осигурителни трошоци, како и до доцнење на испораките. Дополнително, откажувањето на летови во важни центри во регионот на Заливот го отежнува меѓународниот транспорт и негативно влијае врз туризмот.
ММФ укажува дека нарушувањата во испораките на ѓубрива од кои значителен дел минува низ Ормускиот Теснец може да предизвикаат дополнителен притисок врз цените на храната. Како резултат, веќе се забележува раст на цените на ѓубривата и другите меѓупроизводи.
Ескалацијата на тензиите следува по нападите врз Иран на крајот на февруари, по што Техеран возврати со удари врз цели во регионот и го наруши поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец, една од клучните рути за глобалното снабдување со енергија.
Фондот оценува дека ваквите случувања ќе доведат до зголемени инфлаторни притисоци и забавување на економскиот раст на глобално ниво, при што интензитетот на ефектите ќе зависи од времетраењето и ширењето на конфликтот. Сепак, според ММФ, економските ризици веќе се во пораст.