Свет

Белгија ќе ја признае Палестина, најавени санкции против Израел

Белгија ќе ја признае државата Палестина на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации (ГСОН) овој месец и ќе воведе пакет од 12 санкции против Израел, објави белгискиот министер за надворешни работи и вицепремиер Максим Прево.

mia-arhiva

Белгија ќе ја признае државата Палестина на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации (ГСОН) овој месец и ќе воведе пакет од 12 санкции против Израел, објави белгискиот министер за надворешни работи и вицепремиер Максим Прево.

„Палестина ќе биде признаена од Белгија на седницата на ОН! Против израелската влада ќе бидат воведени силни санкции,“ напиша Прево на социјалната мрежа Икс.

https://x.com/prevotmaxime/status/1962677161568981219

Санкциите вклучуваат забрана за увоз на производи од израелските населби на окупираниот Западен Брег, ревизија на договорите за јавни набавки со израелски компании, ограничувања на конзуларната помош за белгиски државјани кои живеат во населбите сметани за нелегални според меѓународното право, како и прогласување на двајца израелски министри, неколку насилни доселеници и лидери на Хамас за „персони нон грата“.

Прево, член на Христијанско-демократската партија, истакна дека одлуката е донесена „со оглед на хуманитарната трагедија што се одвива во Палестина, особено во Газа“. Тој додаде дека формалното признавање на Палестина ќе се случи по ослободувањето на сите заложници од Газа и откако „Хамас повеќе нема да има никаква улога во управувањето со Палестина“.

Белгискиот премиер Барт де Вевер минатиот месец изјави дека признавањето на Палестина треба да биде поврзано со строги услови.

Франција и Саудиска Арабија ќе организираат состанок за признавање на Палестина на 22 септември во рамките на ГСОН, а Австралија, Канада и Велика Британија исто така најавија дека ќе ја признаат палестинската држава, но со одредени услови.

До април 2025 година, 147 земји, или 75% од членките на ОН, веќе ја имаат признаено Палестина. Сепак, САД и Израел остро се спротивставуваат на оваа иницијатива. Американскиот државен секретар Марко Рубио ја нарече одлуката на Франција „непромислена“ и најави ограничувања на визите за палестински функционери пред седницата на ОН во Њујорк.

Израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич предупреди дека Израел ќе изгради нови населби за секоја земја што ќе ја признае Палестина.

Најнови вести од: Свет

На повеќе од 27 илјади лица им е одбиен влез во ЕУ преку новиот систем за гранична контрола!

Од почетокот на етапното воведување на новиот систем за гранична контрола во Европската Унија лани во октомври, на над 27.000 лица им бил одбиен влезот во блокот, соопшти денеска Европската комисија. Меѓу лицата на кои им е забранет влезот, околу 700 претставувале директна закана за безбедноста.

Печатите во пасошите одат во историја: ЕУ од денеска воведува дигитална евиденција за влез и излез

Иако EES е замислен како модернизација на граничниот систем, првите денови покажуваат дека транзицијата нема да помине без нервоза, подолги чекања и потреба од прилагодување.

To top