Синоќа, Техеран започна нов бран напади против Израел, нагласувајќи дека се одмаздува за смртта на Али Лариџани, секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран.
Погребот на Али Лариџани, секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, ќе се одржи денеска, објави ИРНА.
Не се дадени детали за тоа каде ќе се одржи погребната церемонија.
Али Лариџани беше убиен во вторникот во израелска воена операција.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и Корпусот на Исламската револуционерна гарда ветија дека ќе ја одмаздат смртта на Лариџани.
Секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран се сметаше за еден од највлијателните лидери во земјата. Некои медиуми веруваа дека во последните месеци, Али Лариџани бил де факто носителот на одлуки за најважните прашања во земјата.
Вчера, „Исламската револуционерна гарда објави (…) бран ракетни напади против Израел како одмазда за смртта на иранскиот маченик Лариџани“, објавија ирански медиуми..
Во соопштение од иранските државни медиуми, Исламската револуционерна гарда, исто така, истакна дека за време на нападот биле испукани ракети „Корамшахр-4“ и „Квадр“ кои биле насочени кон областа во близина на Тел Авив.
Едно постаро семејство од израелскиот град Рамат Ган беше убиено во иранскиот напад.
Двајца други беа повредени на автобуска станица во Тел Авив, објавија израелските медиуми.
Тие известуваат дека главната цел на иранските напади со касетна муниција биле централните делови на Израел.
Материјална штета е предизвикана од касетна муниција во централен Израел.
Израелската телевизија Канал 12 објави дека најмалку четири локации во Кафр Касим, во централниот дел на земјата, биле оштетени како резултат на последниот ракетен напад од страна на Иран.